X
 04.03.2015 Образование

Нешто свежо и ново меѓу онлајн-медиумите: "Наука за сите"

Нема многу места на интернетот кадешто може да прочитате текст од областа на науката на македонски јазик. Токму затоа, „Наука за сите“ е нешто што сите го чекавме одамна. Се работи за интернет-страница која објавува информации и вести од научните дејности. Авторите се млади научници од земјава, на кои може да им се придружи секој со волја за пишување добар научен текст кој има цел да едуцира и образува. Палци горе за вас, дечки! Што откриваат тие во интервјуто со нас?


Д.П: Се чини дека во земјава нема многу интернет-страници од кои може да се учи, што воопшто не е случај во останатите земји. „Наука за сите“ е една таква. Која е нејзината цел?

„Наука за сите“: Минималната застапеност на науката и технологијата по нашите медиуми како и недостигот на едукативни ТВ емисии и интернет страници беше главниот двигател за да ние, група од млади научници кои се едуцираме надвор од Mакедонија, покренеме еден ваков проект каков што е "Наука за сите". Сите гореспоменати факти несомнено придонесуваат за опаѓање на интересот на младите кон науката. Кога човек ќе види колкаво значење се придава на наука во развиените земји и како науката е од огромно значење за целокупниот нивен економски развој, ќе се запраша зошто и нашата матична земја да не почне со следење на таквиот тренд кој само може да биде корисен.

Иако многумина размислувале и размислуваат за ова, ние се одлучивме на конкретен чекор, односно ја формиравме невладината организација ГРАСП (GRASP - Global Researchers Association for Science Popularization) со седиште во Цирих, Швајцарија, чиј прв проект е "Наука за сите". Нашата првична и главна цел е да ја популаризираме науката во Република Македонија. Тоа го правиме засега преку пишувње на научни текстови кои редовно ги објавуваме на сопствената интернет страна (http://naukazasite.mk/), а за во иднина се планирани и работилници, научни дебати и дискусии итн. Ова претставува и шанса да се поврземе со македонски научници коишто во моментот се наоѓаат во или пак надвор од Македонија и заеднички уште повеќе да придонесеме кон остварување на нашата цел.

Д.П.: Кои се дејностите кои се опфатени засега?

„Наука за сите“: Засега се фокусираме кон пишување на научните текстови. Текстовите се напишани лично од нас и ние се трудиме на еден интерактивен и интересен начин со примери и корелации од секојдневието да објасниме научни процеси и феномени. По читање на текстот се надеваме дека личноста ќе се здобие со желба и научна љубопитност да дознае нешто повеќе околу обработената тема и самостојно истражи уште повеќе. Досега имаме текстови од областа на астрономија, биологија, когнитивни науки, компјутерски науки и технологија.

Нормално, не сите текстови припаѓаат само на една категорија, туку имаме и текстови кои се интердисциплинарни. Еве на пр. за вас можеме ексклузивно да откриеме дека во еден од наредните текстови ќе се зборува за машини (област: технологија) кои се користат во медицината (област: биолошки науки) и кои резултираат со податоци кои потоа можеме да ги визуелизираме и претставиме на докторите (област: компјутерски науки). Овие се моменталните категории, но со вклучувањето на нови активни членови во проектот несомнено категориите ќе еволуираат. На интернет страницата постои секцијата "Напиши сам", каде секоја заинтересирана личност може да прикачи свој личен научен текст и ваквите текстови ќе бидат објавени во посебна категорија. Исто така за сите љубопитни читатели постои и категоријата "Сакам да знам", каде што секој е добредојден да постави прашање, а ние ќе се обидеме да му одговориме, по можност и преку нов научен текст.


Д.П.: Кој ги пишува тие текстови што ги читаме овде?

„Наука за сите“: Текстовите се пишувани од група на мотивирани научници по потекло од Македонија. Шесте први автори-иницијатори работат на докторски или пост-докторски студии на 5 различни престижни универзитети во 4 различни држави во светот, а темите на текстовите се мотивирани директно од фронтовите на научните откритија во полињата на кои работат. Тие се:

- Атанас Кирјаковски, кој истражува на теми од нумеричка когниција, поточно ефектот на одредени визуелни илузии врз перцепцијата на бројност на Универзитетот во Кобе, Јапонија

- Владимир Златески, кој ја проучува интеракцијата помеѓу биомолекулите и наноматеријалите како и нивната апликација во хемиската и биотехнолошката индустријата на ETH Цирих, Швајцарија

- Горан Кунгуловски, кој работи на хроматинско преуредување на онкогени и развивање на нова биотехнологија за хроматинско мапирање на Универзитетот во Штутгарт, Германија

- Гордан Ристовски, кој се обидува да ја претстави постоечката несигурност во медицински слики на докторите и радиолозите што ги анализираат истите, со цел да тие бидат сигурни во поставувањето на дијагнози и планирањето на операции кај пациенти и да се избегнат непотребни операции и грешки на Јакобс Универзитетот во Бремен, Германија

- Оливера Еврова, која работи во полето на “инженерство на ткива“, поточно на регенерација на тетиви, користејќи биокомпатибилни материјали кои ослободуваат биомолекули и нивниот ефект и интеракција со клетките на ETH во Цирих, Швајцарија

- Пеце Подигачоски, кој ги изучува активните галаксии во раниот Универзум на Универзитетот Гронинген, Холандија, главно користејќи инфрацрвени податоци од Хершеловата вселенска опсерваторија

Иако сме на различни страни од светот, тоа што не поврза е заедничката љубов кон науката и желбата да ја пренесеме во атрактивна форма на пошироката публика со надеж дека ќе мотивираме многу млади надежни научници.

Д.П.: Сигурни сме дека Стивен Хокинг би го одобрил проектот. Какви се реакциите и посетеноста од страна Македонците?

„Наука за сите“: Стивен Хокинг и самиот е голем популизатор на науката, посебно преку своите книги за вселената напишани на јазик разбирлив за пошироката публика. Според тоа, би се сложиле со Вас дека тој би покажал симпатии кон "Наука за сите", каде пишуваме и за таа научна област. Проектот е на самиот почеток и страната официјално е пуштена во употреба пред само неколку недели. Просечната дневна посетеност изнесува околу 600 посетители за првата недела и околу 200 за втората. Првичниот впечаток е дека сè уште македонската публика не е доволно информирана за нашата иницијатива и се надеваме посетеноста наскоро да се зголеми штом повеќе луѓе дознаат за неа. Токму затоа, придонесот кој го дава „Факултети.мк“ е од големо значење за популаризирањето на проектот и интернет страната.

Реакциите изразени од нашите пријатели на социјалните мрежи се крајно позитивни и со голема подршка за проектот. Бројот на допаѓања на Фејсбук до овој момент изнесува околу 1800, добиени за релативно кратко време, а почнаа да стигаат и написи од читатели. Ако се земат коментарите на Твитер-заедницата во предвид, постои апетит кај македонската публика за теми од областа на науката и технологијата напишани на разбирлив македонски јазик и тоа кажува дека сме на прав пат и силно нè мотивира. Сакаме на македонските читатели да им покажеме дека науката е насекаде околу нас и доволно е само малку љубопотност за да се истражува.

Д.П.: На кој начин посетителите може да се вклучат во проектот?

„Наука за сите“: Имавме идеја да го направиме нашиот проект што е можно поинтерактивен за јавноста. До сите читатели:Како што беше спомнато погоре, читателите имаат можност да напишат самоиницијативен текст од која било научна област, било тоа да е само нивен интерес или работат на некое нивно истражување и да станат дел од секцијата “Напиши сам“. Доколку пак некоја тема која не сме ја спомнале до одреден момент, но читателите се љубопитни и би сакале да дознаат повеќе за која било област, тие можат слободно преку секцијата “Сакам да знам“ да ни пратат прашање и активно да иницираат некој од нашите следни написи. До сите заинтересирани поактивно да се вклучат во "Наука за сите": Доколку некој се занимава со наука на професионално ниво и има завршено/работи на пост-дипломски студии, докторски студии или постдокторски студии во некое научно поле и доколку има желба да пишува научни текстови, добредојден е да не исконтактира. Ние сме секогаш отворени да примаме нови "Активни членови" коишто редовно би придонесувале со текстови, но би зеле и активно учество во идните активности и планирања во врска со "Наука за сите".

Д.П.: Се' уште се наоѓате на почеток, дали се планираат некакви новости во моментов?

„Наука за сите“: Да како што рековте, проектот е многу нов и интернет страната активно постои само неколку недели. Постојано размислуваме за нови активности и понатамошни чекори, но во овие први неколку месеци би сакале да се фокусираме првично на интернет страната и текстовите додека истите не го достигнат посакуваното ниво на интерактивност со читателот.

Д.П.: За крај, кој македонски научник/инженер би сакале да го има на вашата интернет-страница како автор/гостин/соговорник во интервју?

„Наука за сите“: Проф. Др. Александар Димовски, Центар за биомолекуларни фармацевтски анализи.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование