По најавата од премиерот за бесплатните таблети, а денеска и од министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски дека ќе се доделуваат таблети со тастатура на сите студенти на приватни и
државни факултети во трета или четврта година од студиите, доколку
нивните семејства имаат приход помалку од просечната плата, коментар на својата Фејсбук страна објави Студенсткиот пленум
"На вчерашната „трибина“ Премиерот изјави дека „иако не далa такво ветување на изборите“, Владата на РМ работи на проект кој би вклучувал бесплатни таблети за студентите од семејства со пониски примања. Сметаме дека ова е само површна реформа и дека на високото образование и на студентите им се потребни континуирано вложување и финансиска поддршка, а не вакви еднократни награди, кои служат за да ни го одвлечат вниманието од вистинските проблеми. Ќе видиме колку Владата е навистина подготвена да помогне кога ќе се отвори прашањето за финансирање во изработката на новиот закон.
Иако и досега имаме повеќепати посочено кои се барањата на студентите, ако некому сè уште не му е јасно, пак ќе повториме - сакаме човечки услови во студентските домови, сакаме соодветна и современа литература на македонски јазик, сакаме опремени лаборатории за природонаучните и техничките факултети, сакаме асистенти, сакаме студентски мензи, сакаме студентски бенефиции, сакаме бесплатен јавен превоз. Сакаме да знаеме дека ќе може да најдеме работа дома. И дури тогаш, проектот за бесплатен таблет би имал некоја смисла."