X
 13.11.2024 Наша тема

„Нашите ученици рамо до рамо со врсниците од светот“: Средношколци од Крива Паланка учествуваа на Светската гимназијада во Бахреин

Државните прваци од женскиот кошаркарски тим во баскет, 3х3 од Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка и пингпонгарот Александар Јакимовски учествуваа на Светската гимназијада во Манама, Бахреин, под менторство на професорот по спорт и спортски активности Ведран Белешковски.

На Гимназијадата учествуваа над 5.000 спортисти од 70 земји, а учеството на кривопаланечките средношколци како дел од делегацијата предводена од Сојузот на училишни спортови на Македонија, која броеше околу 25 учесници од повеќе спортови, беше само по себе успех, смета професорот по спорт Ведран Белешковски, кој за „Факултети“ откри што значи едно вакво искуство за учениците кои преку спортот ги бранат боите на училиштето, на својот град и на својата земја.



- Учеството на Светската гимназијада е само по себе успех бидејќи тоа подразбира дека како национален првак, во нашиот случај, трета година по ред, женскиот тим на нашето средно општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка е државен првак во кошарка за средни училишта и во баскет, 3х3, а вторпат сме пласирани на светската гимназијада, по 2022, Белград, Република Србија. И пласманот на таа светска гимназијада 2022 г. Кога, за жал, поради неповолен сплет на околности не учествувавме, и пласманот на овогодишната гимназијада во Манама, Бахреин, се заслуга на една прекрасна, исклучително талентирана генерација на кошаркарки: Михаела Алексовска, Ксенија Петревска, Божица Стоевска, Драгана Цветковска, Нена Стоименова, Матеја Додевска... дел од нив младински и сениорски репрезентативки денес, така што за нас како училиште и град, и за мене како професор и тренер 19 години, навистина претставува успех можноста да се биде национален репрезент на еден ваков спектакуларен светски собир на најдобрите. Процесот на смена на генерации придонесе токму генерацијата кошаркарки на чии крилја се вивнавме меѓу најдобрите, бидејќи се веќе студентки од оваа година, на Светското првенство за средни училишта во Бахреин да настапиме со подмладокот на екипата, што за нив беше големо искуство и чест, како и за сите нас како претставници на Македонија, а пласманот на 19. место од 28 екипи мислам дека е сосема достоен за почит, судејќи по тоа дека девојките играа против најдобрите врснички во светски рамки, како Франција, Кина, Нигерија и против екипата на домаќинот, против кои, иако беа фаворити, извојувавме победа - сподели Белешковски.

Искуството на играчите, и на кошаркарките, Невена, Нена, Антонија и Мила, и на пингпонгарот Александар, според професорот, е непроценливо со оглед на тоа дека имаа можност да се надигруваат со врвни светски млади спортисти и дополнително преку динамиката на натпреварите да се интегрираат во високоорганизиран систем кој значи мотивација за овие млади личности да ја продолжат својата надградба како спортисти и индивидуи.



- На подолг рок тоа искуство, кое дефинитивно е многу големо, за нив би требало да претставува поттик на секое поле во животот, да грабаат кон подобро утре, во кое ќе бидат нераздвоен дел и спортот и едукацијата - вели професорот за искуството со кое се здобија средношколците.
Ова е настан на кој се бранат и боите на својата земја и тоа значи огромна чест и за учениците кои макотрпно работеле да стигнат дотаму и за наставникот, кој има огромна улога во нивниот развој и настап на Гимназијадата. Ми претставува голема чест и гордост како предводник на еден спортски тим да бидам репрезент на своето училиште, матичната куќа каде што градам своја професионална кариера и достојно да го претставам и колективот во кој припаѓам, за што упатувам голема благодарност до директорката Елена Ѓоргиевска за можноста да учествуваме на овој светски собир. И за мене и за учениците е голема чест и гордост да бидеме дел од македонската делегација на спортисти на Сојузот на училишни спортови на Македонија како организатор на училишните првенства и да ги претставуваме училиштето, градот и државата - рече Белешковски.

Тој смета дека од педагошки аспект, со сето она што го поседуваат, нашите ученици се рамо до рамо со своите врсници од светот, особено во однос на знаењето, трудот и однесувањето кон другите.



- Како педагог и професор, но и како човек, секогаш инсистирам на достоинствено однесување кај секоја млада личност, без оглед дали се тоа моите ученици, дали се спортистите со кои работам 17 години во мојот кошаркарски клуб „Крива Паланка“ или, пак, се тоа моите деца. Најважно е да имаат манири, да имаат: почит, толеранција, емпатија, тимски дух, соработка и добра комуникација. Да се едуцираат, да се „вооружаат“ со знаења и вештини за животот, за да бидат достојни да го претставуваат најпрвин своето семејство, како матична клетка на општеството, понатаму училиштето, клубовите и во случај на високи достигнувања, како во случајот со тимот што настапи во Бахреин, достоинствено да ја претстават татковината, носејќи ги гордо училишните и националните бои, ставајќи ја државата на спортската мапа на светот, во овој случај, во контекст на спорт за средни училишта.
Ќе речам дека нашите ученици сето тоа го поседуваат, но човек учи и се унапредува секој ден, со секое ново искуство и знаење. Учиме додека сме живи, затоа треба само да продолжат да работат и да учат, да имаат дисциплина во однесувањето и пристапот кон сите нешта во животот, без оглед дали е тоа спортска или едукативна област – образложи професорот.

Гимназијадата во Бахреин била своевидна Олимпијада за средношколски спортови и наликувала на спектакл почнувајќи од церемонијата на свеченото отворање, преку натпреварите, презентацијата на културните особености на земјите, семинари и обуки за професори и играчи, па сѐ до разгледување на главниот град Манама.
За да се биде домаќин на над 5.000 спортисти, професорот смета дека треба да се имаат сите неопходни ресурси, но верува дека и ние во Македонија имаме капацитет во човечки ресурси, стручни и подготвени, искусни лица во областа на спортот, што ќе можат да се справат со еден ваков проект, имајќи предвид дека веќе следната година, 2025, токму нашата држава, конкретно Скопје ќе биде домаќин на осумнаесеттите летни Европски младински олимписки игри, кои ќе се одржат од 20 до 26 јули 2025 година.



- Според она што го знам, Генералното собрание на Европските олимписки комитети му ја даде довербата на Македонскиот олимписки комитет да биде организатор, а Скопје домаќин, на Европските летни младински олимписки игри следната година, на кои се очекува да учествуваат повеќе од 4.000 спортисти од 14 до 18 години кои ќе се натпреваруваат во 14 олимписки спортови.
Сметам дека ова ќе биде вистински показател за она што го имаме како држава во областа на спортот, каде што неминовно е да се спомене, покрај сите спортски и организациски кадри, дека голем придонес секогаш даваат и волонтерите, како и на сите спортски настани, на што во иднина треба да се работи поинтензивно бидејќи свесноста за волонтирање, пред сѐ, во спортот кај нас, сѐ уште не е на потребното ниво - заклучи Белешковски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема