X
 17.04.2015 Живот

Викенд предлог: Речичко Езеро кај Куманово

Недалеку од градот Куманово, на само 6 километри северно од центарот, скриено меѓу житните полиња на атарите на околните села се наоѓа малку познатото Речичко Езеро. Ова вештачко езеро е лоцирано помеѓу селата Речица на југозапад (по кое го добило името), Долно Којнаре на југ, Костурник на североисток и Горно Којнаре на исток. До Езерото од Куманово може да се пристигне по три патишта: 1. по стариот врањски пат кој поминува преку селото Долно Којнаре, 2. преку магистралниот пат М1 (или Европскиот пат Е75), и 3. по патот кој води преку селото Речица. Најдобро се пристигнува преку првите два. До сега за езерото нема пишана литература и не се вршени систематски испитувања. Тоа се наоѓа на надморска височина од 361 м. Зафаќа површина од 9 153 квадратни метри (0,9 ха), должина на бреговата линија му изнесува 929 метри, максимална должина на езерото му изнесува 356 метри, додека максимална широчина му е 68 метри.



Длабочината е до 8 м, а провидноста и просечната температура на водата е непозната. На јужната страна на езерото е изградена бетонска брана од понов датум долга 110 метри, додека на почетокот кога било формирано езерото, постоела стара брана на северната страна која сега е потопена. Езерото е најбогато со вода во мај и ноември, кога во Кумановската Котлина паѓа најголемо количество на врнежи, додека нивото на езерската вода се намалува во летните месеци, особено во месец јули. Во студените зимски месеци често се случува езерото да замрзне.



Што се однесува за староста на езерото, не се знае точно кога е формирано. Јован Цвијиќ и Јован Хаџи Васиљевиќ независни еден од друг во почетокот на 20 век имаат вршено теренски истражувања и испитувања на овие простори, меѓутоа Речичко Езеро не го спомнуваат во своите дела, па најверојатно во тој период сеуште не постоело. Се претпоставува дека е формирано непосредно пред или по Втората светска војна, бидејќи постои фотографија од 1954 година, каде група луѓе се имаат сликано на езерото. Исто така езерото е богато со животински и растителен свет. Езерото е доста богато со риби. Во него се среќаваат три вида риби и тоа: Американски сом, Костреш и Караш. Но во Езерото можат да се забележат и водни змии, пијавици, жаби, патки, како и голем број на инсекти. Од растителен свет, езерото е богато со трски и некои видови на треви. Речичко Езеро претставува рекреативна туристичка дневна атракција, бидејќи преку голем дел од годината го посетуваат љубителите на риболовот, а преку летните месеци некои луѓе го искористуваат и за капење. Затоа добро би било секој љубител на природата и тишината да го посети оваа блиско мало езерце и да ја почувствува убавината на природата.

Напишал: Филип Ѓошевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот