X
 18.04.2015 Култура

Големата "пивска поплава" во Лондон, една од најбизарните поплави во светот!

На 17 октомври 1814 година, Лондон (поточно неговиот кварт Сент Џилс) бил погоден од најбизарната поплава во неговата историја. Имено, во пиварницата „Beux and Company“ веднаш по изградбата и полнењето, од преоптеретеност пукнала тогаш најголемата пивска бочва во светот со 610.000 литри пиво. Во настанатиот домино-ефект, од притисокот пукнале и неколкуте големи соседни резервоари, така што повеќе од 1,5 милиони литри пиво се истуриле на лондонските улици. При настанатата поплава, бранот од пиво уништил две куќи и срушил ѕид на еден бар, притоа заробувајќи ја келнерката во рушевините. Во овој настан кој зафатил површина од речиси 5 хектари, загинале 8 жители меѓу кои 2 мали деца.



Дел од жителите во близина на пиварницата буквално пливале во пивото за да се спасат. Без оглед на жртвите и штетите, обидите за спасување на повредените биле отежнати од илјадниците сиромашни луѓе кои слушајќи за веста се насобрале од околните области за да се напијат пиво кое се собрало по улиците. Од препивањето, починал уште еден жител на овој кварт на Лондон, а се смета дека подоцна уште неколку починале од зараза. Лондонските болници, освен со повредени во инцидентот, биле преполни со алкохолизирани и затруени лица од прекумерно пиење на пиво, а мирисот на пиво бил неподнослив речиси цела недела. Причината за пукањето на резервоарите била нивната несоодветна градба поради натпреварот за тоа кој ќе направи поголем резервоар на пиво во Лондон. Интересно е што сопственикот на пивницата, не само што не одговарал за инцидентот, туку државата му дала субвенции и помош за што побрзо да ги обнови капацитетите. Оваа пиварница функционирала до 1922 година, кога на нејзино место е изграден театарот Доминион. Од 2012 година, неколку пабови околу театарот, решија да го одбележуваат датумот на пивската поплава секоја година на 17 октомври.

Наведената појава се случила пред 2 века. Од тогаш до денес, капацитетот на резервоарите за вода, течности, пијалоци и др., неверојатно се зголемила, но и техниката, односно сигурноста за нивната изградба-изработка. Сепак, од време на време се случуваат големи инциденти на техно-поплави во кои има и човечки жртви. Уште постраотна била поплавата со моласна смеса за рум во Бостон во 1919 година, кога од огромни резервоари се излеале 15 000 тони моласа. Во настанот животот го загубиле 21 луѓе, а над 150 биле повредени (в. горна фотографија). Ужасната миризба се ширела низ овој дел на Бостон (САД) повеќе седмици, а некои анегдотично велат дека таа се чувствува и до денес.

Извори: http://en.wikipedia.org/wiki/Boston_Molasses_Disaster;
http://en.wikipedia.org/wiki/London_Beer_Flood

Подготвил: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура