Необичните имиња се имиња за местата, градовите и други региони кои на некој начин се сметаат за „необични“. Тука можат да се вклучат имињата на местата кои се ненамерно хумористични, како и имињата на местата со необичен правопис и изговор, вклучувајќи ги особено кратките или долгите имиња.
Голем број на населени места имаат имиња кои се навредливи или хумористични на другите јазици. Така на пример едно село во Австрија, во покраината Горна Австрија, одалечено 32 километри северно од Салцбург се нарекува Факинг (анг. Fucking). Селото под овој топоним се споменува уште од 1070 година, а наречено е по баварското племе Фоко (гер. Focko) од 6. век, каде подоцна му е додаден стариот германски суфикс ing. Слично на тоа, во Франција постои град со името Кондом (анг. Condom), кој на француски јазик нема хумористична конотација, но во англискиот јазик најверојатно ќе асоцира на контрацепциска заштита. Исто така во Франција постои и село со името Pussy. Но во западна Франција, на брегот на Атланскиот Океан, едно туристичко место се нарекува Pornic.
Во САД, во сојузната држава Вриџинија, постои место со името Assawoman. Во Северна Каролина постои место со името Hornytown, а пак во Пенсилванија со името Virginville. Во Русија во Курганска област, постои место со името Vagino. Во Англија, во Јужен Јоркшир, постои место со името Penistone.
Во Канада на островот Њуфаундленд едно градче се нарекува Дилдо (анг. Dildo).
Во Норвешка постои село со името Хел (анг. Hell), што на англиски јазик значи „пекол“. Во модерен норвешки јазик, зборот за пекол е helvete.
Исто така и на Балканскиот Полуостров се застапени голем број на необични имиња кои најчесто се однесуваат на селата, а едно и на градска населби. Така, една градска населба во Сремска Митровица во соседна Србија се нарекува Пичковац. Потоа во околината на Лесковец постојат села со име Горње и Доње Бријање. Во Хрватска, во близината на Нова Градишка, во западна Славонија, едно место се нарекува Смртич. Во Бугарија, во околината на Софија се градовите Дупница и Перник. Во Република Македонија, со вакви имиња можеме да ги споменеме селата Прдејци, Подмочани, Куратица, Горно и Долно Дупени, Подржи Коњ, Тркање, како и огранокот на Бистра кај локалното население познат како Пичкарица. Интересно е да се напомене дека во САД, во сојузната држава Охајо еден град со 11.350 жители се нарекува Македонија (анг. Macedonia). Нема податоци во врска со тоа дали во Македонија живеат Македонци. Исто така постојат места со многу долги или кратки топоними. Така место со најдолго име е:
„Taumatawhakatangihangakoauauotameteaturipukakapikimaungahoronukupokaiwhenakitanatahu“.
Содржи 85 букви а преведено од маорски значи: „Врвот на ридот, каде Таматеа, човекот со големите колена, кој се лизна, се искачи и голтна планини, за да патува по земјата, познат како јадачот на земја, ѝ свиреше на носна флејта на неговата љубена“. Станува збор за рид со височина од 305 метри кој се наоѓа близу Порангахау, јужно од Ваипукурау во јужниот дел на регионот Хоковиот Залив, Нов Зеланд. Мештаните ова име често го скратуваат на само Таумата. Второ име по должина е „Llanfairpwllgwyngyllgogerychwyrndrobwllllantysiliogogogoch“ со 58 букви, а станува збор за село во Велс, кој ја држи титулата за најдолго име на населба во Велика Британија, а трето име е „Chargoggagoggmanchauggagoggchaubunagungamaugg“ со 45 букви, или уште познато како Webster Lake, а станува збор за езеро во САД во сојузната држава Масачусетс. Спротивно на тоа, постојат многу имиња на места со многу кратка форма, по една или две букви. Така во Норвешка постои село со име „Å“ во општината Andøy во Норланд округот. Потоа една река во САД, во сојузната држава Орегон се нарекува „D“. На Тибет има мeсто со името „U”. Во Македонија, село со најкратко име е Б’с кај Крива Паланка.
Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ /
iGeo