Зборот маала има арапско потекло и означува место за живеење, престојувалиште итн. Во Балканските градови кои биле под Османлиско влијание, маалата претставуваат стари градски квартови наменети за живеење, а понекогаш се најмала градска административна единица. Маалата настанале по освојувањето на Балканскиот полуостров од страна на Османлиите, кои тука основале градови од ориентален тип. Маалата ја опкружувале чаршијата, односно трговскиот дел на градот. Во центарот на некои маала се наоѓале џамиите или месџиди (џамии без минаре), а во нивна близина се наоѓале мектеб (училиште) и продавници за храна. Овие објекти имале за цел да ги задоволат потребите на четириесет, педесет домаќинста. Во маалата постоел посебен култ на соседство, кој не обрнувал внимание на етничката или верската припадност на населението. Во следниов текст, без подетален опис ќе ги наброиме имињата на градските маала во градовите во Република Македонија.
Скопје во минатото бил поделен на голем број маала. Различни истражувачи ни даваат различни податоци за бројот на градските маала во Скопје. Така патеписецот Евлија Челебија забележал дека во 1661 година во Скопје имало 70 маала. Васил К’нчов забележал 40 маала. Анализирајќи ги личните имиња и потеклото на старите муслимански фамилии во Скопје во 1931 година, Глиша Елезовиќ констатирал дека во тоа време во градот постоеле 25 маала со турско население. Јован Хаџи Васиљевиќ пак наведува дека во Скопје во 1912 година имало 75 маала.
Во периодот помеѓу двете светски војни административната поделба на населението во Скопје на одделни маала на левата и десната страна на реката Вардар била затекната од минатиот век. Така, на левата страна на реката Вардар се наоѓале: Пајко (Ибни Пајко) маало, Карадаг маало, Чаир маало, Топаана или Топхана, Чивутана или Еврејско маало, како и маалата Хаџи Хајредин, Хаџи Хурем, Мујкудин Челеби, Џедит Иса бег, Тешвекије и Ново христијанско маало. На десната страна биле лоцирани Гази Менташ маало, Хаџи Салаледин (Алаџа Селаледин) маало, Чивчи маало, Хараџи Селаледин (Ново) маало, Вардар или Мухаџир маало, Хамдије маало, Дебар маало. Трагите од минатото на Скопје се забележливи, така што во поновите планови на градот се спомнуваат старите имиња на маалата, како што Киришана, Барутана, Маџир маало, Стара Бирарија, Тахтаилиџе итн.
Во Битола маалата се нарекуваат: Доган, Салаташ, Баир, Емир-челе, Шедрван, Кјучук, Јени или Ѓене Маало, Арнаутска, Еврејска, Влашка, Бела чешма, Ат-пазар, Драгор и др.
Во Ресен маалата се нарекуваат: Црквенска, Сачијовска, Река, Влашка, Арнаутска, Циганска и т.н.
Во Охрид маалата се нарекуваат: Воска, Канео, Варош, Кошишта, Месокастро, Хаџи-Касум, Сурѓун, Хаџи-Дургут, Кара-беј, Крс-џамија, Емљак, Ејуп Сабри, Долно Влашко маало, Трсје (Сазлак), Детски додаток и Горно Влашко маало.
Во Струга маалата се нарекуваат: Климетица, Климет, Чакарова, Кара-Муратова, Џеладинова, Миладинов сокак, Узунов сокак, Милев сокак, Голабо, Плење, Даљан, Томанов сокак, Панаѓуриште и Циганска.
Во Дебар маалата се нарекуваат: Варош, Хунќар, Вакуф, Бајрам-бег, Тикварце, Долна и Ковачска.
Во Кичево маалата се нарекуваат: Горна, Варошка, Чишличка, Текијска, Џума, Железничка станица, Игралиште и Циганска.
Во Прилеп маалата се нарекуваат: Варош, Бончејца, Монополска, Стара црква, Арнаутска, Долна, Врбеска, Дебојска, Турска, Бабачка, Ридска, Плетварска, Трајкова и т.н.
Во Крушево маалата се нарекуваат: Влашка, Струнга, Арнаутска, Горна, Мијачка и Ѓупска.
Во Гостивар маалата се нарекуваат: Стара пошта или Каурска, Циганска, Чинар, Батак, Бег, Нова, Дебарска и Јурија или Прекувардарска.
Во Тетово маалата се нарекуваат: Горна, Колтук, Јајчарова, Два бреста, Долна, Текијска, Поток, Циганска, Нова или Џидитска, Каљукова, Конлук, Саат, Гамгам џамија, Сељчу-бег, Салаана и т.н.
Во Куманово маалата се нарекуваат: Џами маало, Орта-бунар маало, Варош маало, Мехмедбегово, Ендек маало, Горно мухаџирско, Бедињско, Велешко маало, Варош-изир маало, Карапско, Теќе, Ново маало, Татар маало, Липковско и Пиротско
Во Кратово маалата се нарекуваат: Турска, Табачка, Циганска, Султан Мурат, Царина, Чаир и Аргулица.
Во Велес маалата се нарекуваат: Којник, Прцорек, Баир, Дворови, Дервент, Мегдан, Попара, Влашка, Пашина, Егејска, Житен пазар, Железничка станица, Долни дуќани и т.н.
Во Свети Николе маалата се нарекуваат: Аџи-ефендиска, Чакрдекова, Пекмезова, Чешминска, Маџирска, Рајатска, Црквенска и Бојковска.
Во Штип маалата се нарекуваат: Грнчарска, Тумба, Ново село, Хисарска, Варошка или Црквена, Стари конак, Казанџијска, Еврејска, Бело брдо, Ашаји, Кади дере, Куршумли џами (подоцна Гимназиска маала), Медин-баба (подоцна Св. Илија маала), Синан-бег ( подоцна маала Пролет), Шедрван, Тузлија, Горна, Пошта и Делијаница.
Во Кочани маалата се нарекуваат: Турска, Стришина, Доклевац, Циганска, Нова или Банкарска.
Во Виница маалата се нарекуваат: Дере или Сува маала, Чифлик, Горна, Циганска, Нова или Банкарска.
Во Радовиш маалата се нарекуваат: Варош, Шеи, Погорелска, Кодрабеј, Џами-кебир, Амам, Кавакли, Арданска, Егејска, Ајанска, Гавритска, Тикетска, Бокли сокак, Казанџијска.
Во Струмица маалата се нарекуваат: Чифлик, Варош, Ѓупска, Маџирска, Бабјак, Карпош, Бациева, Топуска, Ајданџик и др.
Во Кавадарци маалата се нарекуваат: Шкартовска, Река, Мухаџирска, Полјанска, Црквенска, Шошевска, Кадрова, Крива чешма, Желков дол, Огради, Штали и Нова.
Во Неготино маалата се нарекуваат: Прчова, Црквенска, Долна, Дисанска, Кавадарска, Грнчарска, Нова или Станица, Тимјанечка, Турска или Преку-река.
Во Гевгелија маалата се нарекуваат: Сташон, Ѓупска, Карајанова, Чаушева, Дере и Нова.
За останатите градови во Р. Македонија, не успеав да пронајдам податоци за имињата на градските маала.
Предните податоци покажуваат дека:
Една група на маалата носат имиња по географски објекти: Ридска во Прилеп, Полјана во Кавадарци, Трсје во Охрид, Драгор во Битола, Река во Ресен, Батак во Гостивар, Ендек во Куманово, Баир во Велес, Бело брдо во Штип, Чаир во Кратово, Дере во Виница, Вардар или Мухаџир маало во Скопје и т.н.
Имињата на другиот дел на маалата носат од имињата на објектите кои се наоѓале во градот или кои и денес се наоѓаат. Такви се: Џами маало, Орта-бунар маало и Теќе во Куманово, Амам во Радовиш, Крс-џамија во Охрид, Саат во Тетово, Крива чешма во Кавадарци, Даљан во Струга, Бела чешма и Шедрван во Битола, Стара пошта во Гостивар, Стари конак во Штип, Црквенска во Кавадарци, Царина во Кратово, Дворови и Долни дуќани во Велес, Монопол во Прилеп, Игралиште во Кичево, Штали во Кавадарци и др.
Третата група на маалата носат имиња по лицата кои некогаш во нив живееле и се истакнале. Такви маали се: Трајкова во Прилеп, Бојковска во Свети Николе, Карајанова и Чаушева во Гевгелија, Бациева во Струмица, Хаџи-Касума и Кара-беј во Охрид, Џеладинова во Струга, Бајрам-Бег во Дебар, Пајко маало, Хаџи Хајредин, Хаџи Хурем, Мујкудин Челеби, Џедит Иса бег и уште некои други во Скопје и т.н.
По занимање на населението го добиле името следните маала: Грнчарска во Штип, Ковачевска во Дебар, Табачка во Прилеп и Кратово, Казанџиска во Радовиш, Чифличка во Струмица, Чивчи маало во Скопје и т.н.
Има маала со имињата кои прикажуваат етничка припадност или потеклото на населението. Такви се: Горна и Долна Влашка маала во Охрид, Пиротска во Куманово, Мијачка во Крушево, Еврејска и Арнаутска во Битола, Циганска во Струга, Егејска во Велес, Мухаџирска во Свети Николе и Скопје, Еврејско, Мухџирско и Дебар маало пак во Скопје и т.н.
Постојат маала и со други разновидни имиња како што се на пример: Дечји додаток и Емљак во Охрид, Банкарска во Виница (изградена од кредит добиен од Комунална банка), Сташон во Гевгелија, Голабо во Струга, Џума во Кичево, Колтук во Тетово, Аргулица во Кратово, Струнга во Крушево и т.н.
Но, имињата на маалата со текот на времето се преименувале и менувале. Особено настанувало скратување на имињата. Потоа по ослободувањето од Турците 1912 година самото население ги менувало имињата на некои маала. Тие промени настанале по сопствена желба на нивното население. Особено се менувале имињата кои служеле за подсмејување. Настанувало и спојување на помали маала во поголеми. Тогаш и името на попознатата маала преминувало на друга маала и т.н.
Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ / iGeo