Во периодот од 11 до 14 септември 2016 година, градот Скопје и неговата околина беа погодени од неколку посилни и 20-тина послаби земјотреси. Серијата земјотреси започна во недела, на 11 септември во 6 часот и 58 минути, со потрес чие жариште беше на околу 10 km североисточно од центарот на Скопје, помеѓу с.Арачиново и с.Црешово. Длабочината на земјотресот беше околу 5 km, магнитудата околу 4,1 степени, а интензитетот околу V-VI степени според ЕМС (Европска макросеизмичка скала, позната и како ЕМС-98). Поради неколку последователни слаби потреси (т.н. афтершокови), се сметаше дека тоа бил главниот удар. Сепак, во 15 часот и 10 минути, цели 8 часа по првиот земјотрес, следуваше многу посилен потрес со магнитуда од 5,2-5,3 степени или околу 15 пати поголема енергија од првиот во 6.58 часот. Жариштето на овој земјотрес беше на неколку km источно од центарот на Скопје, на длабочина од околу 10 km. Освен паника, овој потрес кој се покажа дека е главен, предизвика одредена материјална штета (распукани ѕидови, паднати предмети, рафтови, заглавени лифтови, неколку урнати оџаци и сл.), а 50-тина луѓе беа пријавени со лесни повреди. Според почувствуваноста и последиците, интензитетот беше околу VII степени според ЕМС. Освен во скопскиот регион, истиот беше почувствуван речиси на целата територија на Македонија, посебно во северниот дел, потоа на Косово и јужниот дел на Србија, блиску до границата со Македонија. По него, во следните 3 дена (12, 13 и 14 септември) следуваа поголем број на главно слаби земјотреси освен 3 со магнитуди помеѓу 3,8 и 3,1 степени, кои предизвикаа дополнителна паника меѓу населението. Последниот забележителен потрес во серијата се случи на 14.09. (среда) во 01 часот и 32 минути, со магнитуда од 3,1 степени и длабочина од само 3 km.
Она што е заедничко за наведената серија земјотреси е што произлегоа од локалното Скопско сеизмогено жариште, беа релативно плитки (3-10 km) и силно почувствувани, особено главниот од 5,3 степени. Според податоците од сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје, вака силни земјотреси (со магнитуда од околу 5,1-5,3 степени), во скопското подрачје се јавуваат просечно еднаш на 100 години. Се смета дека најсилен очекуван или случен земјотрес во Скопското сеизмогено подрачје може да достигне магнитуда до 6,5 степени, односно нешто посилна од онаа на големиот земјотрес во 1963 година (6,1 степени). Веројатноста пак за појава на земјотрес со магнитуда поголема од 6 степени е еднаш во 500 години.
Причини за земјотресната серија
За време и по случените „Скопски земјотреси“ од 11-14 септември, многумина се прашуваа кои се причините што ги предизвикаа. Главната причина е големата сеизмичност на Скопската котлина (депресија), но и на поголемиот дел од Република Македонија и јужниот дел на Балканскиот Полуостров, на што е укажано во оваа статија. Имено, Скопската Котлина, која активно се оформува и денес, е испресечена со повеќе раседи со напореднички, меридијански до субмеридијански-вардарски (СЗ-ЈИ) правци на протегање. Овие раседи (раседни пукнатини) одвојуваат помали и поголеми блокови на кои лежат дното на котлината, потоа планините Скопска Црна Гора, Водно, Жеден, Сува Гора и нивните одделни сегменти, басенот на Маркова Река и др. Поради разни внатрешни, но и надворешни фактори, блоковите се во состојба на „одржлива тектонска напрегнатост“. Со текот на времето, овие фактори доведуваат до критичен момент на напрегање, по што следи хоризонтално и/или вертикално поместување на еден или повеќе блокови долж раседите, до постигнување на нова состојба на „одржлива напрегнатост“. Тоа поместување на еден или повеќе блокови се случува за многу кратко време (неколку секунди), а ние го регистрираме како земјотрес. Самото поместување изнесува од неколку милиметри до неколку сантиметри, ретко и повеќе (кај многу силни земјотреси). Особено активни раседи во областа се Скопско-Ќустендилскиот расед (кој ја сече Скопската Котлина по средината во правец исток-запад), потоа Скопско-црногорскиот расед (покрај западните падини на истоимената планина во правец од с.Љубанци преку Црешево до Белимбегово), Лепенечкиот, Драчевскиот и други раседи. Повеќето од споменатите раседи се вкрстуваат во јазли, со најизразена потенцијална лабилност (нестабилност). Земјотресите од 11-14 септември се случија токму покрај раседниот јазол каде се вкрстуваат Скопско-Ќустендилскиот и Скопско-Црногорскиот расед, на длабочина од околу 5-10 и во пречник од околу 5 km по раседните структури.
Долж двата раседа доаѓа до поместување на блокот на Скопска Црна Гора вертикално и во западен правец, за што сведочат лактестите свртувања на долините на реките кои се спуштаат од планината. Споменатите и повеќето локални раседи се јасно видливи и контрасно воочливи на планинските страни, но во Скопско Поле се на поголема длабочина, покриени-замаскирани со неколку стотици метри на езерски (плиоцено-плеистоцени), речни седименти (од реката Вардар и нејзините притоки) и падински материјал од планинските страни. Значи локалните блокови во Скопската депресија се релативно лабилни и секој посилен страничен притисок (поради компресија или екстензија во овој регион на колизија на Африканската и Европската континентална плоча, како и нивните контактни суб-сегменти), води кон нивно разнишување (раздрмување) и појава на земјотрес. Порано се сметаше дека причините за „олабавување“ на блоковите и почеток на земјотрес, во Скопското подрачје се само од тектонска (ендогена) природа. Сепак, најновите истражувања во Европа и во Светот, покажуваат дека кај плитки земјотреси, при бројни релативно мали тектонски блокови, земјотресот може да биде инициран од преголема количина на врнежи (па и поплави) во претходните месеци, потоа од претерана ерозија на планинските делови и огромна депозиција на нанос на дното на депресијата, големи промени во воздушниот притисок, влијание на небесните тела, климатските промени и последиците од нив, па и од поголеми подземни нуклеарни проби (од редот на десетици и стотици килотони). Причината може да биде од локален каратер (влијание на самите блокови) или да биде пренесено во вид на верижна реакција од тектонски пореметувања во подалечни подрачја (пример во источномедитеранскиот тектонски лак). За жал, кај нас нема детални понови истражувања за можно влијание на некои од овие фактори, а со тоа, истите не може да се потврдат, но ниту да се отфрлат. Важно е да се напомене дека Скопската сеизмогена зона е силно поврзана со Гњиланската и Урошевачката (преку раседите и блоковите на СЦГ), така што постземјотресна релаксација во една сеизмогена зона, често доведува до напрегања на соседните (по што се очекува сеизмичка манифестација и во нив).
Дали беше можно да се предвидат септемвриските „Скопски земјотреси“?
Со сегашниот степен на развојот на науката и технологијата во Светот и кај нас, речиси е невозможно прецизно временско и просторно предвидување на земјотресите, иако има интензивни истражувања во тој правец. Сепак, обично има издиференцирани сеизмички подрачја со утврден ризик и статистичка веројатност за појава на земјотрес. Со најновите сензори, моделирања, сателитски сонди и развој на нови технологии, се очекува дека за околу 30-50 години, земјотресите ќе бидат предвидливи во границите од неколку дена или часа. Сега за сега, единствена можност останува превентивата и соодветна реакција во случај на посилен земјотрес.
Колку е оправдан стравот од земјотресите во Скопското подрачје?
Паничната реакција и стравот кај населението во Скопје и пошироко од септемвриската серија земјотреси се разбирливи, посебно ако се има во предвид претходно слабата информираност за веројатноста, можниот интензитет и очекувани последици од евентуален земјотрес. Имено, појавата дури и на послаб земјотрес, населението од Скопското подрачје ја поврзува со можноста од повторување на катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Сепак, треба да се има во предвид првин слабата веројатност за такво нешто (по поминати само 50-тина години), но и значително поцврстиот (асеизмичен) начин на градба во Скопје во последните децении (употреба на армирани столбови и плочи, рам конструкции, цврсти ѕидови, фасади и др.). Во таа смисла, дури и да се повтори земјотрес со магнитуда како во 1963 година, последиците ќе бидат значително помали. Единствена загриженост можат да бидат бројните доградби и надградби на зградите и куќите (особено постарите), потоа рушење на ѕидови и столбови во зградите заради проширување и спојување на простории, градење на додавки на балконите и терасите со преадаптација во простории за живеење и др. Со наведените активности, може да се наруши статиката и асеизмичноста на објектите, како и нивната предвидена издржливост на потреси од IX степени по ЕМС. Доколку објектите се цврсто градени и стабилни, а статиката не им е нарушена, тогаш може да бидеме целосно сигурни во нив. Единствено што треба е да се оддалечиме од предмети или мебел кој при пад може да не повреди и никако да не излегуваме на балкон, лоѓија или друг „надворешен дел“ од објектот. Всушност, како што покажа земјотресот од 5,3М, многу поголема опасност може да биде паничното трчање по скалите кон излезот од објектот, користењето на лифтови, чекањето непосредно под и до објектите (можен пад на оџак, стакло или конструкции од зградата), паничното возење кон излезот од населбата, градот и сл.
Дали не очекуваат нови скорешни земјотреси?
Треба да се соочиме со фактот дека поголемиот дел на Македонија е сеизмички активен, посебно Скопското, Валандовското, Дебарското, Пехчевското, Охридско-Поградечкото и други послаби сеизмогени зони. Освен „домашните“, доста активни се и сеизмогените јазли во соседните држави, посебно Кресненското во Бугарија и Урошевачкото и Гњиланското во Косово (земјотресот од 5,1М во 2002 година, силно почувствуван во Скопје). Поретко, во Македонија може силно да се почувствуваат земјотреси и од подалечни Балкански сеизмогени зони, како што беше случај со земјотресот во 1979 година во Црна Гора, со магнитуда од 7 степени по Рихтер. Затоа, обично на интервали од по неколку години, на територијата на Македонија или соседните држави, се случуваат земјотреси над 4M кои може посилно да ги чувствуваме и да предизвикаат вознемиреност. Иако веројатноста за многу силен земјотрес (>6М) во Република Македонија е навистина мала, таа секогаш постои, а единствена и најдобра превентива е асеизмично градење, ненарушување на статиката на изградените објекти и почитување на правилата за заштита и соодветно однесување за време на земјотрес, без предизвикување или ширење на непотребна паника.
За крај…
За луѓето, земјотресите претставуваат ненадејна и застрашувачка појава, понекогаш со катастрофални последици и големи човечки загуби. Сепак, тие, заедно со вулканите се основна движечка сила во Земјината еволуција – без нив, Земјата би била геолошки (па и биолошки) „мртва“ планета. На територијата на Македонија, земјотресите (а до пред 2 милиони години и вулканите) ги оформиле планините, котлините, басените и останатите крупни релјефни структури (т.н. структурен релјеф) на кои се воодушевуваме денес. Земјотресите кои се случуваат на овие простори во последно време, само потсетуваат дека тој природен процес на обликување на релјефот сеуште трае и е доста активен. Така, серијата земјотреси од 11-14 септември, услови мали поместувања (од неколку сантиметри) на блокот на планината Скопска Црна Гора кон северозапад, со сосема мало издигање од 5-10 mm, како и слабо поместување на дното на котлината (Скопско Поле). За еден земјотрес тоа е малку, но со илјадници години и стотици силни земјотреси, релјефот на овој дел од Македонија значително ќе се измени и ќе еволуира, создавајќи нови преубави пејсажи. Всушност, да не се земјотресите, за неколку милиони години Македонија ќе добие изглед на голема и еднолична брановидна рамнина, формирана и снижена од вековната ерозија. Затоа, да гледаме на земјотресите како на нешто позитивно што на суптилен начин ја менува целата планета, а не менува и нас самите!
Извори на податоци:
Арсовски М. (1997): Тектоника на Македонија, РГФ, Штип
Arsovski M., Hadzievski D. (1970): Correlation between Neotectonics and Seismicity of Macedonia. IASPEI, Madrid, Tectonophysics.
Јанчевски Ј. (1987): Класификација на раседните структури по генеза, старост и морфологија, со осврт на нивната сеизмичност на територијата на Македонија. Докторска дисертација, РГФ, Штип.
http://www.emsc-csem.org/Earthquakе
http://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk
http://msz.iziis.ukim.edu.mk/
Автор: д-р Ивица Милевски