Оваа година, на 4 мај беше доделена реномираната награда Гоце Делчев за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Република Македонија. Според пропозициите, наградата се доделува за научно остварување објавено во претходната година, под услови определени со Закон за државните награди (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/2006). Оваа година, за трудот „Педолошка (почвена) карта на Македонија и нејзините толковници”, беа наградени проф. д-р Јосиф Митрикески, академик Ѓорѓи Филиповски, проф. д-р Татјана Миткова, доцент д-р Миле Маркоски, проф. д-р Диме Петковски, проф. д-р Душко Мукаетов, проф. д-р Марјан Андреевски и проф. д-р Коле Василевски. Станува збор за капитално дело кое беше завршено во рамките на голем повеќегодишен проект финансиран од ФАО и со помош на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.
И се би било во ред, доколку намерно или ненамерно, во конкурирањето за наградата Гоце Делчев не беше испуштен авторот на овој текст – д-р Ивица Милевски, иако од раководителот на проектот проф. д-р Јосиф Митриќески, неколкупати беше укажано дека целиот тим е подеднакво заслужен за финализирање на картата преку работата на проектот. А што е тоа толку „ситно“ и „небитно“ што го сработи д-р Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при ПМФ во Скопје за педолошката (почвена) карта на Република Македонија?
Тимот кој ја работеше почвената карта (дигитална и „хартиена“ верзија) на Република Македонија.
Навистина, како што знае да каже почитуваниот академик Ѓорѓи Филиповски, изработката на почвената карта за подрачјето на Република Македонија, чекор по чекор се одвивала повеќе децении, а заслуга во сето тоа имале бројни истражувачи-педолози од минатото до денес. Факт е дека педолозите од Факултетот за земјоделски науки и храна, од Земјоделски Институт и други институции, дале огромен придонес во истражувањата на почвите и нивното картирање во нашата држава. Меѓутоа, факт е дека до минатата, 2015 година, без оглед на сите напори, почвена карта во крупен размер (секако ниту толковници), според неопходните современи пристапи, за подрачјето на Република Македонија не постоеше. Причина за тоа, покрај разни објективни и субјективни проблеми е што беше неопходно соодветно финансирање, поддршка од државата, но изнаоѓање на најсоодветна методологија, пристап и решенија како ќе се оформи картата.
Првата предлог-методологија за изработка на детална дигитално-базирана почвена карта на РМ, изработена од моја страна во февруари 2008 година.
Случајно или не, уште во 2007 година моите универзитетски колеги – педолози од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, побараа мислење од мене дали и како би можело да се изработи детална и современа педолошка карта на Република Македонија во крупен размер. Бидејќи мојата специјалност е физичката географија, посебно науката за релјефот (геоморфологија) и современите ерозивни процеси (на што магистрирав и докторирав), а имав долготрајно и одлично познавање на примена на ГИС технологиите во овие области (за што имам објавено десетици трудови во земјата и во странство), решив да го прифатам предизвикот. Дополнителна мотивација ми беше тоа што неколку години претходно изведував предавања и вежби од педметот Педогеографија (географска распространетост на почвите) на Институот за географија, а сето тоа ми беше потребно за мојата тесна специјалност – современа (рецентна) ерозија. И така, почнавме со работа за која знаев дека ќе биде многу тешка, долготрајна, а и неизвесна. Ќе наведам само некои активности, работни задачи и ангажмани во тој долг период од 2007 година, до крајот на 2015 година, односно до финализирање на картата:
Дополнетата методологија од моја страна, доставена до ФАО во 2012 година.
Во текот на 2007-2008 година, на барање на проф. д-р Јосиф Митриќески ја составив и предложив првата работна методологија и технологија за ГИС-базирана изработка на почвената карта на Република Македонија во дигитална и хартиена верзија;
Во текот на 2008/2009 година, направивме контакти со повеќе фирми и институции во Скопје за разните модалитети околу изработката, а подоцна и печатењето на првата почвена карта во Република Македонија, прибирајќи бројни информации за чинењето и временските рокови на еден таков проект;
Во текот на 2011/2012 година, по најавената заинтересираност од страна на ФАО да помогне финансиски во изработката на картата (во хартиена и дигитална верзија), ја доработивме методологијата (во соработка со проф. д-р Душко Мукаетов од Земјоделски Институт во Скопје) и ја проследивме за разгледување до стручни лица од ФАО;
Во текот на 2012 година, го запознавме високиот гостин од ФАО со нашите знаења од неопходните ГИС технологии, искуства и техники и го „убедивме“ во нашата способност да ја извршиме задачата на високо професионално ниво. Лично имав долги разговори, преговори и договори со господинот Роналд Варгас, презентирајќи му ги нашите вештини од ArcGIS, SAGA GIS, qGIS, GRASS и други пакети кои се користат за т.н. дигитално почвено мапирање, како и со дигиталните модели и слоеви со кои располага нашата држава;
Кон крајот на 2012 година, по детални анализи и пребарувања, доставив листа на неопходни леери и датабази со кои располага нашата држава и кои ќе ни бидат неопходни за изработка на картите. Воедно, заедно со проф. Душко Мукаетов утврдивме која хардверско-софтверска опрема ќе биде неопходна за овој крупен проект, како истата да се набави, како и каде би функционирала и многу други детали. Овој период имавме заеднички состаноци речиси секоја работна седмица и секојдневна размена на пораки и консултации околу воспоставување на работен тим.
Во почетокот на 2013 година, по одличната подготовка, официјално го започнавме проектот. Од страна на ФАО бев назначен за национален консултант (еден од тројцата), клучен за ГИС и дигитално-картографска реализација, при што склучив и посебен договор со оваа институција како еден од тројцата главни консултанти. Во договорот стои јасно поставената листа на задачи за кои бев одговорен, а истата е прилично долга и меѓу другото опфаќа:
Воспоставување на методологија за ГИС и дигитално-базирано картирање;
Калибрирање, корекција, проверка и исправка на сите векторски и растерски картографски податоци добиени од државните институции;
Дефинирање и утврдување на просторниот опфат на основната почвена карта во разер 1:200.000 и деталните карти во размер 1:50.000, со дефинирање на секции, елементи на карти и сл.
Особено значајна и тешка (повеќемесечна) задача беше добивање на солиден тридимензионален модел на релјефот на Република Македонија. Имено, од АКН на РМ, добивме 20-метарски дигитален модел со бројни неправилности и грешки, како и подетален 5-метарски модел со премногу правилни триаглести формации. Двата модели со специјална постапка ги споив во еден 10-метарски правилен модел кој послужи како подлога за почвените карти, како основа за извлекување на изохипси и како основа за дигитално почвено мапирање (целата постапка ја изложив на неколку реномирани меѓународни конференции и трудови, а истите се достапни на интернет).
Креирање на точна и прецизна дигитално-картографска подлога за почвени карти во размер 1:200.000 и 1:50.000 (61 секција)
Описот на моите работни задачи за почвената карта според договорот со ФАО.
Создавање на подлога за основната карта преку т.н. општа генерализација на содржините, бидејќи Република Македонија сеуште немаше официјална топографска карта во размер 1:200.000 ниту 1:50.000. Тоа значеше дека треба да ги „поедноставам“ сите дигитални содржини од картите во размер 1:25.000 кои ни беа доставени од АКН на РМ, на начин да одговараат како основа за почвените карти. Со други зборови, тоа значеше дека јас и мојот соработник д-р Свемир Горин, самите, за неколку месеци требаше да изработиме сосема нови топографски основи, што беше навистина убиствена работа (наведеното обично го прават цели институции и тоа со години);
Еден од моите бројни месечни извештаи до ФАО за напредокот во изработката на картите…
Следно беше поделба на сите карти по секции согласно државниот координатен систем и државната проекција. Потоа следеше нанесување на издигитализираните содржини-почвени полигони и профили од собраните работни карти, преку топографските основи (самата дигитализација на работните карти ја работеа помладите соработници на проектот, кои исто така имаат незаменлива улога во целиот процес);
Потоа беше извршена детална проверка на поклопување и преклопување на дигиталните површини на почвените типови и комплекси и корекција на евентуалните грешки (раздвојувања, празни простори, превлекувања преку реки, езера и сл.);
Следуваше избор и нивелација на изразеноста и на боите за различни топографски содржини (релјеф, патишта, населби, изохипси, реки, топоними), со боите на почвените типови и комплекси, утврдување на сооднос, транспарентност и др.
На крај следуваше обликување на сите картографски елементи без кои е незамислива една карта како размерник, координатна мрежа, соодветни ознаки, легенди и сл.
Покрај овие задачи, за потребите на т.н. дигитално почвено мапирање изработив дигитален модел на просечни температури и врнежи во Република Македонија (за прв пат кај нас), дигитален модел (растер) на геолошката подлога, дигитален модел на наклоните, експозициите, дигитален растерски модел на степенот на ерозија, дигитален вегетациски модел со далечинска детекција, разни хидрографски индекси и други основи. Најголем дел од нив за првпат се работени во нашата држава.
Договорот со ФАО како клучен национален консултант за ГИС и дигитално картирање за проектот на почвената карта.
Ова е само дел од сите работни задачи и постапки со кои успешно ја изготвивме почвената карта на Република Македонија, без да ги спомнам сите официјални и неофицијални настани, лобирања, преговарања, договарања, усогласувања, состаноци, формулари, документи и што уште не. Години макотрпна и искрена работа. За на крај, кога веќе се заврши работата, да бидеме целосно заборавени. Без оглед на бројните непроспиени ноќи, на отсуствата од семејството и откажување мое и на моето семејство од многу нешта – со единствена цел: навремено и квалитетно завршување на почвената карта. Затоа, до последен момент трчав по печатниците, чекав со часови само да се уверам дали е солиден квалитетот на картите, дали е се во ред и на потребното ниво – бидејќи бев свесен дека станува збор за работа од висок национален интерес.
Првото образложение на некои од „колегите“ за мојата изненаденост, разочараност и неверување од постапката беше дека се конкурирало само за толковниците: меѓутоа до сега ниту сум чул ниту сум видел да постојат толковници без карти – тоа е исто како да читате книга без букви. Второто образложение беше дека почвената карта е дело само на наградените педолози. Меѓутоа, самиот координатор на овој проект проф. Митриќески, во многу наврати уште од самиот почеток укажуваше: „ништо немаше да направиме без работата и придонесот на колегата Ивица Милевски“. Ако беа само „педолозите“ оние „заслужните“, зошто тогаш јас бев назначен од страна на ФАО за главен национален консултант за ГИС и дигитално-картографско реализирање на проектот, со огромниот број задачи прикажани погоре? Зошто методологијата, најважниот дел од работата не ја постави некој друг, односно самите „педолози“, туку е онаа истата што ја предложив јас во 2007/08 година, а потоа како дополнета и детализирана ја прифати и одговорниот експерт на ФАО? Инаку, дури и просторните податоци за почвите во толковниците, произлегоа по дигитализацијата на работните карти (од страна на помладиот стручен тим) и по определување на секциите од моја страна (истите делумно се разликуваат од оние на АКН на РМ поради одредени специфичности). За неправдата да биде уште поголема, до последен ден од никој не бев информиран дека воопшто не фигурирам во поднесената апликација (ниту сам не знам од кои причини), иако само 2-3 месеци претходно од координаторот беше укажано дека ќе настапиме како „заеднички тим“ со оглед на придонесот на секој. Во таа смисла, по претходно укажување од д-р Јосиф Митриќески и д-р Миле Маркоски, веќе најавив на мојот Институт и факултет за барање поддршка во конкурирањето за наградата, за што денес, како професор со свое реноме и сосема солиден научен опус се чувствувам целосно изманипулиран. Дури немаше ниту покана за присуство на настанот на доделување на наградите, како да станува збор за некоја „тајна операциа“ за која довчерашниот главен соработник не треба ни да знае.
Епа драги колеги, нека ви е честито – со вашата постапка дадовте одличен пример за идните, особено помлади генерации: како треба меѓусебно да се почитуваат, како треба да се соработува, како треба да се уважува придонесот и трудољубивоста на секој во тимската работа, посебно ако се на еден ист универзитет кој барем јас го сметам за наш заеднички академски дом.
А мене ми е драго, што без оглед на се, дадов голем, значаен и незаменлив придонес во изработката на Почвената карта на Република Македонија како едно капитално дело. За тоа се сосема свесни сите од тимот, а можеби уште повеќе соодветните експерти од ФАО. За сето тоа имам и целосна документација, со стотици преписки, дописи, стручни консултации, извештаи, фази на работа и што уште не.
Го напишав сето ова затоа што мене совеста ми е сосема чиста, а за тоа каков и колкав научен, стручен, апликативен и секаков друг придонес во својата област имам на овој мој ценет универзитет и во оваа моја држава, секој може да види од јавно достапната биографија или впишувајќи го моето име на интернет пребарувачите.
Автор: д-р Ивица Милевски, вонреден професор на ПМФ-Институт за географија.
За секој случај ова е мојата наставна, научна, стручна и
апликативна биографија.
Линк до моите онлајн
трудови.
Листа на
цитираност