X
 24.04.2015 Наука

Статуата на Никола Тесла нуди бесплатен Wi-Fi во Силиконската долина

Никола Тесла, еден од највлијателните пронаоѓачи на 20-от век, својот живот го посвети на електричната енергија, работејќи со неа и сонувајќи за можноста за безжична комуникација.

 

tesla


Иако тој починал 30 години пред да биде направен првиот повик на безжичен мобилен телефон, неговата работа е од непроценливо значење за технологијата со која светот располага денес. Што би било подобро од статуа со неговиот лик опремен со бесплатен wi-fi?

Претприемачот Дориан Портер бил инспириран да создаде споменик во природна големина откако дознал дека има многу заеднички работи со Тесла - и двајцата биле имигранти кои пронашле професионален успех откако се преселиле во Америка. Една од компаниите на Портер, „Northern Imagination“, организира настан во мај 2013 година, со кој се собраа над 127.000 долари за поставување на статуата.

Статуата на Тесла, висока 188 сантиметри, извајана во бронза од Тери Гајер, држи безжична сијалица. Исто така, таа нуди и бесплатен wi-fi за сите оние кои ја посетуваат Силиконската долина, и во неа има временска капсула која ќе биде отворена на 7 јануари, 2043 година - на 100 годишнината од смртта на Тесла.

Портер го искористи овој проект за да стави акцент на потребата да се балансираат иновациите со економијата на капиталот.

„Овој уникатен проект исто така има за цел да ги поттикне претприемачите кои доаѓаат во Силиконската долина да размислуваат несебично - исто како што размислувал Тесла. Слободната размена на информациите и пристапот до одржлива енергија имаат потенцијал за решавање на критичните прашања поврзани со сиромаштијата и образованието, и инспирираат мир“, вели Портер.  

 

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука