X
 11.06.2018 Наука

Дали може да го заборавите својот мајчин јазик?

Седам во мојата кујна во Лондон обидувајќи се да разберам текстуална порака од мојот брат. Живее во нашата родна Германија. Зборуваме германски еден со друг, јазик што е богат со необични зборови, меѓутоа, еден збор не сум го сретнал никаде: fremdschämen.

Премногу сум горд да го прашам што значи. Знам дека на крајот ќе го сфатам. Сепак, малку ме боли тоа што по неколку години живеење во странство мојот мајчин јазик понекогаш се чини толку странски.

Повеќето мигранти знаат како е да го заборавиш сопствениот мајчин јазик. Процесот е повеќе од очигледен: колку сте подолго надвор од вашата земја, толку повеќе страда вашиот јазик. Но не е толку едноставно.

Всушност, науката зошто, кога и како го забораваме нашиот мајчин јазик е комплексна и често контраинтуитивна. Излегува дека колку долго сте отсутни, и не е секогаш важно. Социјализирањето со други луѓе може да ги влоши вашите сопствени родени вештини. А емотивните фактори, како што е траумата, може да бидат најголем фактор од сите.

И не се само имигрантите оние што се засегнати, туку до одреден степен секој што ќе избере втор јазик.

- Откако ќе почнете да учите друг јазик, два система започнуваат да се натпреваруваат еден со друг - вели Моника Шмид, лингвист на Универзитетот во Есекс.

Кај децата, феноменот е малку полесен за објаснување бидејќи мозокот на децата генерално е пофлексибилен. До возраст од околу 12 години, јазичните вештини на личноста се релативно ранливи на промени.

Истражувањата за посвоени деца надвор од нивните земји покажуваат дека дури и деветгодишните деца речиси целосно можат да го заборават својот прв јазик доколку се преселат од нивната родна земја.

Но кај возрасните, мала е веројатноста дека мајчиниот јазик целосно ќе исчезне, освен во екстремни околности.

На пример, Шмид ги анализирал германските еврејски бегалци во Велика Британија и во Америка и нивниот мајчин јазик - германскиот. Главен фактор што влијаел врз нивните јазични вештини не било тоа колку долго биле во странство и колку години имале кога заминале, туку траумите што ги искусиле како жртви на нацистичкото прогонство. Оние што ја напуштиле Германија во раните денови на режимот, пред најлошите злосторства, имале тенденција да зборуваат подобро германски и покрај тоа што најдолго време биле во странство. Оние што заминале подоцна имале тенденција полошо да зборуваат германски.

- Се чинеше јасно дека тоа е резултат на траума - вели Шмид. Иако германскиот јазик бил јазик на нивното детство, домот и семејството, исто така бил јазик на болни спомени. Најтрауматизираните бегалци целосно го потиснале. Еден од нив рекол: „Чувствувам дека Германија ме предаде. Америка е мојата земја, а англискиот е мојот јазик“.

Таквата драматична загуба е исклучок. Кај повеќето мигранти мајчиниот јазик повеќе или помалку коегзистира со новиот јазик. Колку добро се одржува мајчиниот јазик, зависи од вродените таленти: луѓето на кои обично им одат јазиците имаат тенденција да бидат подобри во зачувувањето на нивниот мајчин јазик, без оглед на тоа колку долго се преселени.

- Фундаменталната разлика помеѓу монолингвалниот и двојазичниот мозок е дека кога ќе станете двојазични, мора да додадете некој вид контролен модул што ќе ви овозможува да се префрлите - вели Шмид.

Таа дава пример. Кога ќе погледне во предметот пред себе, нејзиниот ум може да избере помеѓу два збора - англискиот „desk“ и германскиот „schreibtisch“. Во англиски контекст, нејзиниот мозок го потиснува „schreibtisch“ и избира „desk“ и обратно. Ако овој контролен механизам е слаб, говорникот може да се бори да го пронајде вистинскиот збор или постојано да се насочува кон вториот јазик.

Мешањето со друг јазик всушност може да ги влоши работите бидејќи постои мал поттик да се држиме до еден јазик, ако знаете дека и со двата јазици ќе бидете сфатени. Резултатот често е лингвистички хибрид.

Лаура Домингез, лингвист на Универзитетот во Саутемптон, пронашла ваков ефект кога споредила две групи мигранти: Шпанци во Велика Британија и Кубанци во Америка. Шпанците живееле во различни делови на Велика Британија и најчесто зборувале англиски. Кубанците живееле во Мајами, град со голема латиноамериканска заедница и цело време зборувале шпански.

- Очигледно сите шпански говорници во Велика Британија постојано велеа дека забораваат зборови на шпански. Тие велат дека имаат тешкотии да го пронајдат вистинскиот збор - вели таа.

Нејзината теорија е дека колку е попознат другиот јазик или дијалект, толку е поголема веројатноста да го промениме нашиот мајчин јазик.

Меѓутоа, кога го анализирала јазикот на нејзините испитаници, таа наишла на впечатлива разлика. Изолираните Шпанци совршено ја сочувале нивната основна граматика. Но Кубанците, кои постојано го користеле својот мајчин јазик - изгубиле одредени посебни нативни својства. Клучен фактор не било влијанието на англискиот јазик, туку другите видови шпански во Мајами. Со други зборови, Кубанците почнале да зборуваат повеќе како Колумбијци или Мексиканци.

Убаво е да се потсетиме дека од гледна точка на лингвист не можеме да бидеме ужасни во користењето на мајчиниот јазик. И исчезнувањето на мајчиниот јазик е реверзибилно, барем кај возрасните: посета на родниот крај обично многу помага. Сепак, за многумина од нас, нашиот мајчин јазик е поврзан со нашиот подлабок идентитет, нашите сеќавања и чувството за себе.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука