X
 29.04.2015 Образование

Чао болоњски систем, добредојде американски?

Пред да падне одлуката да се прави сосема нов закон за високо образование, со последните предложени измени, било предвидено македонските универзитети да се усогласат со првите 50 најдобри факултети во светот. Меѓу нив, најмногубројни се американските универзитети. Токму поради одлуката, македонските студенти и професори да прават сосема нов закон за високото образование, неизвесно е, дали во него ќе биде вметнат и овој предлог да се студира по теркот на најдобрите.


Периодов се прави нов закон, па неизвесно е и дали воопшто ќе има нови студиски програми од следната академска година.
Љубомир Дракулевски, деканот на Економскиот факултет потврдува дека имало план да се насочи македонското образование кон американскиот образовен систем.

- Во овој момент, нашиот Одбор за акредитација не може и не смее да акредитира студиски програми независно дали на прв, втор или на трет циклус. Планирано беше да се ориентираме по Харвард бидејќи е најдобар во светот, но дали тоа ќе се случи, засега не знаеме. Сега со правењето на новиот закон ќе видиме дали ќе се ориентираме според американскиот систем или ќе тераме по Болоња, како што практикувавме изминативе години - вели Дракулевски.

Инаку Македонија ја потпиша болоњската делкарација пред речиси 11 години. Уште во времето кога министеруваше Панче Кралев, имаше најави дека државните институции ќе го преиспитуваат квалитетот што го произведува македонското образование, водено од болоњските правила на студии. Се одржаа и собири, на кои се согледуваа предностите и недостатоците што произлегуваат од сегашниот систем на студирање. Нов модел, сепак досега не беше презентиран и најавен.

Неодамна факултетите во Србија одлучиле да се вратат на стариот систем на студирање 4+1 (четири године основни студии и една година за мастер), наместо 3+2. Таква одлука донела тамошната Комисија за акредитација и проверка на квалитетот, затоа што проценила дека никој нема да вработи студенти со завршено тригодишно високо образование.

Додека се крчка новиот закон за високо образование, најверојатно нема да има промени во однос на студиските програми. На ниво на држава ќе ги има истите насоки кои ги има и во оваа тековна 2014/2015 академска година.

Проф- д-р Борче Давитковски, деканот во оставка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ вели дека на овој факултет идната академска година нема да има промени во однос на студиските програми.

- Имаме насоки по правни студии, политички студии, студии по новинарство, односи со јавност. Засега нема потреба од нови програми бидејќи и тие што ги имаме не можеме да ги пополниме. Паѓа интересот за Правен факултет. На пример, на насоката за новинарство, од 40 слободни места, се пријавуваат 30 кандидати - вели Давитковски.
Подготвил: факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование