X
 20.05.2021 Наша тема

За регистрацијата на Универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Бугарија, во земјава: Што велат ректорот Јанкуловски и проф. Давитковски?

Дали може по тоа име тука директно да функционира бугарскиот универзитет, кои наставни програми ќе ги има, колку факултети ќе има (кај нас со закон е дозволено да има минимум пет), потоа дали може да се врши високообразовна дејност. Нејасно е кои факултети ќе работат. Владата треба да излезе со една поширока информација во врска со ова. Сепак, треба да кажат на кои факултети ќе можат да студираат младите, по која цена, на кој јазик ќе се изведува наставата, вели проф. д-р Борче Давитковски

Првиот и најстар македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ќе бара правда по легален пат ако се случи упис на друга високообразовна установа со истото име. Ова е ставот на првиот човек на нашиот најстар универзитет, проф. д-р Никола Јанкуловски, откако Владата на 71. седница ја усвои одлуката за одобрение за вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа - Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, на територијата на нашата држава.

- Имајќи предвид дека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за името и обележјата му е признато правото на трговска марка и е заштитено во Заводот за индустриска сопственост во Република Северна Македонија, доколку со регистрацијата, односно уписот на друга високообразовна установа се изврши повреда на нашите права и посебност, ќе реагираме соодветно по легален пат. Во тој момент ќе ги искористиме расположливите правни лекови согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за индустриската сопственост и евентуално и меѓународните прописи кои ја регулираат оваа материја - вели ректорот Јанкуловски за Факултети.мк.


Никола Јанкуловски

Давитковски: Владата да даде одговори

Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет при УКИМ вели дека името на Универзитетот е заштитено во нашата држава, но дека тоа и не е толку важно колку што се важни низа други прашања во овој момент.

- Најверојатно и тие таму во Бугарија си го заштитиле. Има многу прашања што нашата Влада треба да ги одговори. Дали може по тоа име тука директно да функционира бугарскиот универзитет, кои наставни програми ќе ги има, колку факултети ќе има (кај нас со закон е дозволено да има минимум пет), потоа, дали може да се врши високообразовна дејност. Нејасно е кои факултети ќе работат. Владата треба да излезе со една поширока информација во врска со  ова. Сепак, треба да кажат на кои факултети ќе можат да студираат младите, по која цена, на кој јазик ќе се изведува наставата. Еве утре ќе има конкурси, па треба да се знае на кој јазик ќе се учи, дали овде тој универзитет ќе биде јавен. Бидејќи во Бугарија е јавен универзитет, овде како ќе функционира, како јавен или како приватен? – прашува проф. д-р Давитковски.

Според него, многу е битно како ќе функционира Великотрновскиот универзитет.

- Сепак, јавен странски универзитет се отвара во Македонија. Корисници ќе бидат македонски деца и мора да се знаат овие информации. Кога ни доаѓа приватна странска инвестиција, цела Влада се сликаат и сечат ленти, а ова поминува така - додава Давитковски.


Борче Давитковски/ Фото: Принтскрин, Јутјуб

Како што појаснува професорот, согласно Законот за високо образование, ако универзитетот е приватен, процедурата за да започне да функционира треба да оди преку Одборот за акредитација на високото образование (кој е орган на Агенцијата за квалитет во високото образование) и на крајот дозволата ја дава истата Агенција.

- Штом универзитет доаѓа од странство, Владата мора да го одобри. Ова е првпат кај нас да влезе странски, но јавен универзитет. Ние сме имале соработки, на пример ние како Правен факултет имавме програма за интелектуална сопственост со Стразбур, тоа е она што се вика double degree, на француски и на македонски јазик. Но тоа е нешто друго, ова е првпат универзитет самостојно да настапува кај нас, и затоа има многу дубиозни прашања за кои стручната и општата јавност заслужуваат одговори - потенцира Давитковски.

Порталот sdk.mk објави став од Владата според кој барањето на Универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново за отворање негова подружница во земјава е доставено преку и во соработка со Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе.

- На наше барање, до Министерството за образование и наука е доставено и Свидетелството од Националната агенција за оценување и акредитација со кое е приложен доказ за акредитација на Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, со важност на акредитацијата до 20.9.2024 година - пренесува порталот.

Одлуката била донесена по претходно добиен позитивен извештај на стручната комисија при Одборот за акредитација со број 08-74/3 од 6 мај 2021 година.

- По добивањето на одобрението, согласно член 25 став 3 од Законот за високо образование, странската високообразовна установа што добила одобрение за вршење на високообразовната дејност во Република Македонија, согласно со ставовите (1) и (2) на овој член, и акредитација за вршење високообразовна дејност во земјата во која ѝ е седиштето, се запишува во Централниот регистар на Република Македонија како установа и во Регистарот на високообразовни установи во согласност со членот 71 од овој закон - стои во одговорот што го пренесува порталот.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема