X
 13.01.2019 Живот

Зошто Елмедина Асани, иден неврохирург, останала во Македонија, средношколците добиваат нереални оценки... Ова се темите што ги истражувавме минатата недела

Ја сакам работата со пациенти и можноста да работам во научноистражувачки проекти. Сè што барам е да ми се даде можност да работам, ни откри д-р Асани во интервјуто


Приказната за д-р Елмедина Асани, нашата голема надеж во медицинската наука, поточно во неврохирургијата, со која ја почнавме нашата нова рубрика за луѓето што решија да не заминат од Македонија - „Јас не заминав“, е една од нашите најчитани стории минатата недела.
Хуманоста, чистата мисла, објективноста и реалниот став за тешката состојба во која се наоѓа нашето општество, оптоварено со врски, политика, нефер однос кон своите најнадарени поединци, веднаш ви кажуваат дека Елмедина допрва ќе го освојува светот. Но, таа има волја и желба тоа да го прави од дома, од Македонија.


Д-р Асани

- За мене, главна мотивација за работа се пациентите. Се запишав на медицина за да им помогнам на луѓето, а не да станам милионер. Ја сакам работата со пациенти и можноста да работам во научноистражувачки проекти. Сè што барам е да ми се даде можност да работам - ни откри д-р Асани во интервјуто.
Асани во моментот е на приватна специјализација на неврохирургија. Вели дека оваа професија отсекогаш ја сакала. Таа е причината поради која се запишала на медицински факултет.

„Дафино вино црвено“, „Јовано, Јованке“, „А бре воденичаре“... Ова се само дел од македонските изворни песни што членовите на чешката група „Ливада“ ги изведуваат веќе дузина години. Тие ни открија како се „заразиле“ со македонската изворна музика и кои песни најмногу им лежат при срце.
Настапуваат во Брно и околината, на локални фестивали, а може да се пофалат и со едно гостување во Прилеп! Инспирирани од македонската музичка традиција, импресивна е изведбата на песните, особено во делот на јазичната интерпретација.
Низ групата формирана во 2006 година минале повеќе членови. Некои од нив со групата завршиле средно училиште и факултет, и направиле свадба. Денес „Ливада“ ја сочинуваат три Чехинки и еден Македонец. Изабела Оравова (Иза) – главен вокал, гитара, тамбура, Мирослава Ткадлечкова (Мирка) – виолина, вокал, Ивана Кадлецова – вокал, дајре и Диме Митревски – тапан, тарабука, деф, тамбура, вокал. Одвреме-навреме со нив знаат да засвират и разни музички гости и поранешни членови, често пати на хармоника и на кавал.
- Македонските гости-музичари за нас се секогаш голема радост и збогатување. Чест ми е што сме свиреле со Владимир Мартиновски од Скопје и со Александар Арабаџиев од Виена – ни раскажа Иза.


„Ливада“ ја сочинуваат три Чехинки и еден Македонец

Продолживме и со истражување на темата оценки во средното образование. Последната листа со просечната оценка на крај од година на средните училишта во земјава покажува дека учениците добивале повеќе петки и четворки за разлика од предминатата година. На што се должи ова? Ако преклани имавме само едно школо - скопската гимназија „Орце Николов“ со просек над 4, минатата година имало 22 училишта со ваков успех. Повеќето директори и професори коментираат дека причината е укинувањето на екстерното. И тоа поради една причина, професорите се малку олабавени, па ставаат повисоки оценки. Ова го отвора и прашањето дали во средните училишта во земјава има објективно оценување?
Директорката на скопската гимназија „Никола Карев“, Горица Илиовска, ни одговори дека оценките не се реални, односно дека нема објективно оценување. Наведува три причини што доведуваат до оваа состојба.



- Најголем проблем е бројот на ученици во многу училишта, каде што во некои паралелки достигнува и до 36. Некаде, пак, имаме по пет-шест деца во клас. И двете ситуации не се добри. Како еден професор може да оцени 36 ученици писмено и усно? Повеќето оценуваат со тестови, но и тестот треба да знаеш добро да го направиш за да ги оцениш објективно учениците. А не секој знае да го направи добро. Проблем се и преобемните наставни програми. Не секој професор има волја да промени нешто во материјата (дозволено е 30 проценти) – вели Илиовска.

Истражувавме и за кои термини најмногу се чека на лекар. Откривме дека магнетна резонанција, одредени анализи на окото, ехо на срце, носење холтер, ехо на гради и мамографија, преглед на простата се само дел од услугите за кои во голем број установи се чека и подолго од еден и пол месец. Во дел од нив, пак, нема слободни термини за закажување, покажуваат податоците на системот за закажување и евиденција во здравството „Мој термин“. За некои прегледи и анализи се скратило времето за чекање споредено со мај 2018 година, некои останале исти, а за други се зголемило.
Чекањето пет месеци за оние што сакаат преглед на Клиника е рекордот на листата што ја добивме од „Мој термин“. Имено, за преглед на заден сегмент на окото со ОСТ ангиографија на Клиниката за очни болести се чека 157 дена. За истиот преглед во клиничката болница во Битола се чека 2 дена.
Од Министерството за здравство велат дека се во постојана комуникација со јавните здравствени установи и во рамките на можностите се обезбедуваат дополнителни термини, во договор со медицинскиот персонал и менаџментот.
- Работиме на зголемување на бројот на термините и ги следиме, а внимаваме и да се почитува правилникот на времетраење на термините - велат од Министерството.



Откривме и кои се најпребаруваните поими за 2018 година на Википедија на македонски јазик. Води поимот „Македонија“. Бил отворен 80.038 пати. Името на нашата држава и во 2017 година беше најпребарувано (65.120 пати). На второ место во 2018 година е поимот „Скопје“ – отворен 49.188 пати, на трето е „Гоце Делчев“ – 41.801 пат. Следуваат „Св. Кирил и Методиј“ и „RSS (Really Simple Syndication)“. Најпребаруван поим во јануари во 2018 година бил „пенис (човек)“.
Овие податоците ни ги обезбеди ГЛАМ, здружението на граѓани што се грижи за „Википедија на македонски јазик“. Оттаму велат дека минатата година ентузијастите википедијанци, како што се нарекуваат, внеле шест илјади нови статии на оваа онлајн-енциклопедија. На крајот од минатата година македонската „Википедија“ има околу 98.000 статии.


Снежана Штрковска

Снежана Штрковска, претседател на здружението ГЛАМ, ни објасни дека се работи на тоа да се формираат што е можно повеќе Вики-клубови со ученици од основно и средно училиште за да може Википедија на македонски јазик да биде побогата.
- Во моментов работат четири Вики-клуба, од кои најактивни се во скопскиот. Имаме Вики-клубови и во Старо Нагоричане, Охрид и во Штип – ни одговори Штрковска.

Одговорните во Министерството за образование и наука ги прашавме како ќе го решаваат проблемот со недостатокот на кадар на факултетите. Факултети.мк објави дека на некои факултети во земјава немало вработување и повеќе од 15 години, како и дека најголемиот дел од факултетите се соочуваат со недостиг на кадар. Асистенти нема ни за лек, па професорите немаат никаква помош во организирањето на наставата.
Новиот Закон за високо образование треба да им ја олесни работата на професорите бидејќи факултетите сега може да ангажираат демонстранти, а и асистентите може да учествуваат во организирање на наставата. Вака, според Министерството за образование и наука (МОН), ќе се решава деценискиот проблем со недостиг на професорски и административен кадар на факултетите. Но, професори велат дека новиот Закон нема да го реши проблемот со вработувањата бидејќи одобрувања за нов кадар повторно ќе треба да се бараат од министрите за образование и за финансии.



Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје ни откри дека новиот Закон нема ништо да смени во однос на вработувањето нов кадар.
- Кога се правеше новиот Закон за високо образование, имаше еден член кој велеше дека кога професор ќе замине во пензија, автоматски на неговото место ќе може да се вработи друг. Се работи за проста репродукција која требаше да важи и за административен кадар. Но, од Влада го избришаа овој член, па практично сѐ е исто како порано. За нови вработувања, секој декан ќе мора да оди на „баци рака“ кај министерот за финансии – ни изјави Давитковски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот