X
 11.05.2015 Образование

60 стипендии на Технолошко-Металуршкиот факултет

Разговор со деканот Проф. Д-р Александар Димитров



Технолошко-металуршкиот факултет направи голем чекор напред во креирањето и едуцирањето на современи и подготвени инженери, кои ќе можат да одговорат на сите предизвици кои ги носи технолошкиот развој на индустријата. Со цел да ги поттикне најдобрите средношколци и идни студенти да инвестираат со труд во својата иднина ТМФ и оваа година доделува 60 нови стипендии. Стипендиите достапни на ТМФ го рефлектираат препознавањето на трудот кој студентите го вложуваат, и воедно се симбол за желбата на институтот да создаде средина во која студентите ќе бидат инспирирани да достигнат одличност во полето.

КОЛКУ СТИПЕНДИИ ЌЕ ДОДЕЛИТЕ ОВАА ГОДИНА?
На 21 ноември 2011 година дојде до потпишување на Меморандум за соработка помеѓу ТМФ и 22 македонски компании. Ректоратот на УКИМ, како и МОН се обврзаа да стипендираат 60 нови студенти на ТМФ, овозможувајќи им олеснителни услови за студирање. Ова стипендирање ќе важи за четири нови генерации на студенти, за период од четири години, во висина и до 78 300 денари годишно. Во меѓувреме извршени се и низа промени на постоечките, а воедно креирани се и нови студиски програми во согласност со потребите на индустријата и пазарот на труд.

КОЛКАВА Е ПОТРЕБАТА ОД ВАКОВ КАДАР ВО МАКЕДОНИЈА?
Многу нескромно може да се пофалиме дека според потребите на македонското стопанство, ТМФ е рангиран меѓу првите три факултети од коишто недостасуваат кадри. Имено речиси сите нови инвестиции бараат кадри од некои од профилите кои излегуваат од ТМФ. Од друга страна пак заради смената на генерации во македонските фирми исто така се бараат технолози и металурзи. Според податоците од Заводот за вработување на Град Скопје за последните шест месеци, на возраст до 35 години невработени има само дваесетина технолози и металурзи. Инженерските профили кои ги нудат нашите студиски програми се единствени, уникатни, при што такви не постојат на другите факултети во нашата земја.

КОИ СЕ КОМПАНИИТЕ СО КОИ СОРАБОТУВАТЕ?
Технолошко-металуршкиот факултет континуирано соработува со македонското стопанство, во рамките на АЛУМНИ здружението на инженери-технолози и металурзи. Токму како резултат на долгогодишната соработка со низа еминентни претпријатија во државата, следеше и потпишувањето на Меморандумот за соработка за стипендирање на нашите студенти. Компаниите како што се Фени индустри, Макстил, Џонсон Мети, Витаминка, Макпрогрес, Здравје Радово, Јухохром Фероалојс Јегуновце, Благој Ѓорев, Ватростална, Горска, ИГМ, Скопски легури, Лабораторија, ЛТХ Леарница, Окта, Огноотпорно, Плазма, Пивара Скопје, РЖ Институт, Тиквеш, Техничка контрола, Усје цементарница, Бомекс и многу други досега ни давале беспрекорна поддршка во развојот и составувањето на нашите наставни програми, како и во градењето на мостот за соработка помеѓу индустријата и факултетот.

КОЛКУ СТУДЕНТИ ОЧЕКУВАТЕ ОВАА ГОДИНА?
Сметаме дека 200 студенти е бројка којашто е доволна за задоволување на потребите на македонското стопанство, без при тоа да дојде до создавање на хиперпродукција на кадри. Инженерите технолози и металурзи се дефицитарни на пазарот на трудот и се барани како во земјата, така и во странство. Наше задоволство е да обучиме инженери, запазувајќи го сепак реалното барање на македонското стопанство.

КОЈА Е ВАШАТА ПОРАКА ДО МАТУРАНТИТЕ И ИДНИТЕ СТУДЕНТИ?
Мојата порака до сите матуранти и идни студенти е секој да има доверба во себе и биде верен кон она што е најдобро во неговата личност. Имајте го на ум фактот дека сопствениот успех во животот зависи само од Вас самите. Другите можат да Ви помогнат, но Вие сте најважниот фактор во својот живот! Бидете трудољубиви, затоа што трудољубивиот човек е готов да оди еден чекор понатаму. Тој сака да знае што сé треба да стори и тоа не го смета само како предизвик, туку и како прилика да научи нешто повеќе. Учете, откривајте и стекнувајте нови знаења, интелектуално растете и развивајте се, знаејќи дека пред сите Вас е исправена можноста за блескава иднина!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование