X
 06.08.2015 Образование

Вашата иднина - ТЕХНОЛОШКО - МЕТАЛУРШКИ ФАКУЛТЕТ - Скопје




Кратка историја на факултетот


Технолошко-металуршкиот факултет е создаден во далечната 1959 година, со формирањето на Техничкиот оддел, во рамките на Техничкиот факултет во Скопје, со првите 84 студенти. Оттогаш па сè до денес, Технолошко-металуршкиот факултет има поминато низ повеќе фази на континуирани промени, поврзани со реформите на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Насоките на промени и проширувања се во согласност со потребите на стопанството, за воведување и развој на нови насоки и дисциплини, како одговор на експанзивниот развој на технологијата, металургијата и техничките науки. Денес Технолошко-металуршкиот факултет е врвна академска институција, која е дел од најголемиот македонски универзитет „Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Како технички факултет е хетерогена институција, која покрива повеќе области од технологијата и металургијата, согласно потребите на македонската индустрија.

 

Општо запознавање

ТМФ во моментов има околу 800 студенти и помлад кадар, којшто може да се носи со преостанатите балкански и европски технички факултети од оваа област. Факултетот постои 56 години, а тоа значи 56 години обука на генерации технолози и инженери, кои излегле од клупите на ТМФ и дале значителен придонес во развојот на македонската индустрија. Во текот на овие години се градело реномето и името на оваа институција, преку своите вработени и преку придонесот кој бил даден за развојот на нашата индустрија. Со воведувањето на новите стратешки политики за будење на интересот на младите за студирање на ТМФ или на било кој технички факултет, дојде до значителни промени во нашата институција. Факултетот може да се пофали со бројката на квалитетни средношколци, кои се запишуваат во последните години и укажуваат дека младите знаат да ги препознаат вистинските потреби на пазарот на труд и можноста за градење кариера како инженери.

Улога и место на ТМФ во рамките на македонското високо образование

Технолошко - металуршкиот факултет е технички факултет, кој дава свој значителен придонес во полето на технологијата и тоа прехранбената, неорганското, органското, полимерното инженерство, наноматеријалите и нанотехнологиите, материјалите и нивната примена, во процесното и контролно инженерство, текстилното и конфекциското инженерство и секако металургијата - екстрактивна и преработувачка. Како хетерогена високообразовна институција преку својот наставен кадар, кој активно учествува во многу меѓународни конференции, симпозиуми и настани, редовно ги следи сите трендови кои се случуваат во горенаведените области, континуирано се надоградува и објавува свои трудови, кои се објавуваат во меѓународни списанија со импакт фактор.
По дипломирањето, идните студенти можат да се носат со сите предизвици на работното место и кариерата.
Оваа година по трет пат успешно беѓе реализиран државниот натпревар НАНОМАТЕРИЈАЛИ-МАТЕРИЈАЛИ НА ИДНИНАТА, што зборува дека младите учесници се полни со идеи и амбиции. Со учество на 313 тимови од 49 училишта од Републиката, покрај локалните регионални натпревари низ Македонија, финалниот натпревар заврши во Струга со победата на тимот од Средното училиште „Орце Николов“ од Скопје. Интересот за науката и идејните решенија кои ги нудат младите е огромен што претставува поголем мотив на факултетот да работи уште поинтензивно во таа насока, која дава голем придонес за образованието на идните инженери.


Визија за развој на факултетот

Визијата за развој на факултетот е насочена кон повеќе области и цели. Факултетот ги следи сите збиднувања во научното поле, и е во тек со сите нови технолошки пронајдоци. Токму затоа Технолошко-металуршкиот факултет мора да претрпи многу промени, следејќи ги барањата на индустријата. Секако трендот на следење на сите новости во технолошката и металуршката насока, со тенденција за внесување на новини во наставните програми е приоритет кој и понатаму ќе се следи и реализира. Желбата да се создадат квалитетни кадри придонесе кон внесување на нови и актиелни предмети во наставните програми, и кои ќе им овозможат на студентите – идни инженери да имаат основни познавања од областа на менаџментот и економиката. Со цел подобрување на условите за студирање се обновуваат предавалните, се зголемува мобилноста на студентите, а воедно се подобрува и соработката со соседните балкански, па и европски сродни факултети. Можноста за зголемување на рејтингот и будење на интересот, со креирање на разни можности кај младите за техничките науки и понатаму е приоритетна цел на овој факултет.


Соработка на ТМФ со домашни и странски високообразовни институции


ТМФ има долгогодишна соработка со повеќе сродни факултети од околината, меѓу кои : Технолошко - металуршкиот факултет од Белград, од Зворник, Југоисточно Сарајево, Подгорица, Нови Сад, Загреб, Љубљана и Марибор, Прехранбениот факултет од Осијек, Софиските универзитети: Универзитет за технологија и Хемиско - технички универзитет. Со сите овие институции факултетот остварува плодна соработка, како во научноистражувачката област така и во образовните проекти, преку разни академски престои на магистранти, докторанти и наставен кадар, со реализација на низа истражувања и испитувања. ТМФ континуирано одржува плодни соработки со низа центри за истражување, на меѓународно ниво, меѓу кои вреди да се споменат:

- Институтот за хемија и технологија на полимери во Неапол, Италија
- Институтот за материјали, од Универзитетот во Кембриџ
- Институтот за материјали АХЕМ
- Институтот за хемиско-процесно инженерство од Магдебург
- МАКСПЛАНГ од Магдебург
- ДААД од Германија
- Чешката академија за науки.

Преку учеството на разни научноистражувачки проекти, ТМФ остварува беспрекорни врски за соработка со многу образовни и истражувачки институции како од земјата така и од странство.

Соработка на факултетот со компаниите во Р. Македонија


Факултетот континуирано одржува добри врски и соработка со компаниите во Република Македонија. Соработката и договорот за стипендирање на идните студенти од страна на еминентни компании, кои во Република Македонија постојат долго и имаат висок рејтинг во својата област, продолжува. Некои од нив се: Витаминка од Прилеп, Европа Скопје, Макпрогрес од Виница, млекарата Здравје Радово, Фени индустри од Кавадарци, Југохром Јегуновце, Цементарница Усје, Окитекс, Адинг, Макстил, Бучим, Арцелор Миттал Скопје ЦРМ, Урбан инвест, РЖ институт, Вардар Доломит како и други кои со нивното активно учество, соработуваат и  даваат поддршка на секоја идеја и проект. Преку здружението  АЛУМНИ, факултетот успеа да организира неколку состаноци на кои јавно се дискутираше за потребите на индустријата од идните инженери. Преку тие врски, сите идеи, сугестии и потреби се адаптирани во наставните програми, чија единствена цел е идните дипломирани инженери кои ќе излезат од клупите на ТМФ да можат храбро и лесно се адаптираат во било кој индустриски процес, давајќи свежи и јасни идејни решенија.

Преку беспрекорната комуникација со МОН и други државни институции кои се поврзани со работата на факултетот, ТМФ добива огромна поддршка за развој на научноистражувачката дејност.


Практична работа во образовниот процес и работа во стопанството по дипломирање

Согласно со Законот за Високо образование студентите на ТМФ се обврзани да имаат практична настава, 30 дена низ текот на летниот период, која им овозможува постепено да стекнат знаења за практичниот дел, и да направат поврзување на теоријата со праксата. Фирмите за пракса се различни и од различни области на индустријата, и при престојот студентите имаат можност да се запознаат со самиот процес, внатрешните активности и меѓусебните односи. Присутни се и теренските настави, кои се одвиваат во разни индустрии и лаборатории, и се со една цел - да се види процесот на производство и изработка, кои се клучни за било кој технолошки процес.
Како резултат на овој вид на пракса (било да е теренска или летна), студентите за многу брзо време се адаптираат и влегуваат во процесот, благодарение на добрата теоретска поткованост.

Можности за вработување на дипломците на ТМФ


Младите дипломци кои излегуваат од клупите на ТМФ се барани на пазарот на трудот и се дефицитарни. Важен е фактот и податокот од изминатата година, при самиот процес на стипендирање на новите студенти, имено компаниите кои се согласија да стипендираат, земајќи го во предвид фактот дека овие кадри се дефицитарни на пазарот на труд, го прифаќаат стипендирањето како сигурен извор за вработување најнови кадри, уште на самиот излез од факултетските клупи. Преку самиот процес на стипендирање и присуство во компанијата, за време на летните пракси, работодавачите се запознаваат со студентите односно идните нивни вработени и воспоставуваат посолидна комуникација, која ќе им го олесни процесот на адаптација во новата работна средина по завршувањето. Тоа значи дека компаниите ги земаат факултетите како сигурен надворешен извор за вработување на нови кадри, кои треба да бидат дел од нивните инженерски тимови. Пример е стипендирањето на Здравје Радово, компанија која веќе две години по ред стипендира студенти од прва година, и планира на подолги стази да обезбеди кадар кој ќе влезе да работи за нејзините потреби. Истото се случува и со други компании како Југохром од Јегуновце, кој стипендира студенти од областа на металургијата, потоа Усје Цементарница ТИТАН која континуирано го следи нивниот стипендист - иден вработен и многу други, чија листа е голема. Така што секој иден студент има “место под сонцето”.


 

Порака од деканот Проф. Д-р. Александар Димитров до идните студенти на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје


Мојата порака до идните студенти е добро да размислат при изборот на својата професија. Секогаш да ги земат во предвид своите интереси, желби и способности, кои преку својата професија ќе можат добро да ги реализираат. Изборот да биде секогаш насочен, така да својот труд, кој ќе го вложат низ текот на четиригодишното образование, можат соодветно да го наплатат. Студирањето на техничките науки и да се стане инженер - технолог или инженер - металург нуди големи можности за кариерен развој, дали преку работењето во некоја реномирана компанија или преку формирањето на сопствен бизнис. Будењето на креативниот дух и создавањето на нешто ново е полето во кое ги повикувам новите бруцоши да ги развиваат своите интелектуални способности, градејќи успешна кариера.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование