Барањата на средношколците сè уште не се задоволени. Денес после наставата се вратија во Паркот на новинарите и изразија сочувство за осумтемина загинати припадници на специјалните единици во дводневната акција во Куманово во престрелки со терористичка групи.
Загрижени за безбедноста во Паркот на новинарите, наспроти ресорното министерство му порачаа на министерот Адеми што побрзо да покаже разбирање за нивните барања и да се симне на разговор.
-Денеска средношколците го повикаа министерот Адеми да се симне во нашиот камп и повторно да разговараме за средбите кои требаше да се одржат, бидејќи дефинитивно не беше постигнат компромис...ние остануваме тука, продолжуваме со бојкотот на наставата, остануваме на нашиот камп иако дефинитивно во државата се случуваат одредени настани, кои ја загрозуваат безбедноста воопшто и на целиот народ и тука на нас. Токму затоа апелираме до МОН да реагира, да не дозволува тука да останеме. Ќе бидеме тука постојано се додека не сфатат дека ние се стремиме кон подобро образование, изјави за
НОВА ТВ Моника Пешевска средношколка и членка на Средношколскиот Пленум.
Средношколците велат дека тие остануваат на своите барања за задржување на стариот концепт на државна матура за сите генерации, одложување на екстерното оценување, се додека не се подобри неговиот квалитет, како и други мерки за подобрување на образованието.