X
 16.05.2015 Образование

Студентски марш за слобода!

Студентскиот пленум на 17-ти Мај во 13 часот од пред платото на УКИМ ги повикува сите студенти на студентски марш!

"Драги колеги и колешки,

Студентскиот пленум не застана во борбата за исполнување на студентските барања и потреби. Перцепцијата дека во оваа држава студентските барања би биле слушнати, во најмала рака е наивна. Нѝ треба плодна почва за да можеме да ги изреализираме студентските барања и за воопшто да можеме да се надеваме дека некогаш студентите во оваа држава ќе бидат задоволени.

Владата се осмели да нѝ застане на патот, да нè спречи во нашата борба преку покажување на сила на нас, а воедно и да уапси наши колеги само затоа што го користеа своето уставно загарантирано право на протест и искажување на својот став.

Затоа, студентите ќе потврдат дека студентската сила е непобедлива и студентскиот дух непокорлив. Студентскиот интелект е моќ која ниедна влада не сака да ја има против себе. Недемократскиот, нетранспарентниот и одвратниот однос со кој секојдневно се соочуваме, нè натера да се насочиме кон подобрување на општеството и проширување на борбата на Студентскиот Пленум. Склопот на информираност, интелект, аналитика, време, енергија, дух и искреност е нешто со кое ќе треба да се соочи Владата на Република Македонија.

Студентски пленум Ве повикува повторно на Студентски Марш за уште еднаш да покажеме дека нашите дејствувања и ставови се непоколебливи, натпартиски и секогаш на страна на студентите. Ве повикуваме сите заедно да се одважиме и да создадеме плодна почва од која ќе можеме да ги воспоставиме вистинските вредности во едно општество и вистинските плодови потребни за едно квалитетно високо образование."

#ПоздравПленумци

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование