Денес, во точно 13:00 часот, Студентскиот пленум се собра пред платото на УКИМ и заедно со останатите присутни студенти тргна на својот марш за слободата. Маршот беше насочен кон Владата на РМ, каде во 14:00 започна масовниот протест против власта.
Студентите го изразија своето незадоволство од постапките на власта со тоа што студентите кои беа притворени за време на протест сè уште не биле пуштени за да не присуствуваат на овој марш.
- Бараме оставка на Владата. Бараме целосно чистење на институциите бидејќи не сметаме дека можеме да имаме слободен универзитет додека нема слободно општество, изјави член на Студентскиот пленум.
Од овој протест студентите изјавија дека очекуваат подобра иднина, масовност и покажување дека Македонија навистина има граѓанска свест.
На прашањето дали барањата на Студентскиот пленум се „премногу политички“, студентите изјавија:
- Секој граѓанин во една држава е застапен во еден политички дискурс. Студентите како граѓани се во еден политички дискурс, такашто студентите имаат политички барања.
Студентите со здружени сили стигнаа до Владата на РМ, каде дополнително им се обратија на граѓаните за истите барања.
- Сакавме да живееме во држава која е демократска. Сакавме да имаме институции кои нема да креираат политики зад затворена врата. Сакавме да имаме институции пред кои ќе можеме да ги адресираме нашите барања. Сакавме еднакви можности, сакавме иднина дома. Сакавме, но не добивме. Што добивме од потрагата и голата борба за власт? Затворени институции, партизирана држава и колеги , другари и роднини кои ги испраќавме на аеродром со билет во еден правец. Вака ли вие драги политичари ја креиравте иднината за Македонија, земја без младина, земја на родители кои децата си ги испраќаат во туѓина, изјавија тие пред Владата на РМ.
Фотографии од маршот пронајдете во галеријата.