X
 21.10.2019 Наша тема

Вработените и студентите од Институтот за хемија утре излегуваат на јавен протест!

Тие заедно, јавно ќе го изразат своето незадоволство од условите за работа и студирање

Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје утре во 11 часот заедно ќе излезат пред влезот на Институтот и јавно ќе го изразат своето незадоволство од условите за работа и студирање. Десеткувани работни места кои со години се празнеле и не се пополнувале, студентски лаборатории зрели за реновирање, никаква поддршка за млади истражувачи се дел од проблемите со кои се соочува оваа реномирана институција.

Фото: Институт за хемија

- Условите за работа и за студирање во последните години стануваат сè полоши и го доведуваат во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност. Институтот за хемија се гордее со своето реноме во овие сфери, што е потврдено со сите параметри за оцена на овие достигнувања, но тоа во последниве години е неодржливо поради немање неопходни човечки и материјални услови за реализација на наставата и научните истражувања - велат од Институтот.

Апел до надлежните институции, па повторно на настава

На протестот ќе биде упатен апел итно да бидат одобрени барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства. Така ќе се ублажи катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија и ќе може да се реализира практичната настава, што во овој момент е неизводливо. Вработените и студентите бараат во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории и за елементарно инфраструктурно реновирање на зградата на Институтот, постапно во следните неколку години. Во буџетот, пак, да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранди и докторанди).

Професорите и студентите здружени заедно / Фото: Институт за хемија

Протестот ќе трае половина час, по што ќе продолжи редовната настава. Вработените и студентите на Институтот за хемија ќе продолжат, како и досега, вредно да работат на своето усовршување, но и понатаму ќе инсистираат на обезбедување услови со цел студирањето хемија и научните истражувања кај нас да бидат на ниво споредливо со светските универзитети, како што впрочем и беше пред десетина години - велат од Институтот.

Веќе осум години немало ниту едно вработување

Факултети.мк подолго време пишува за проблемите со кои се соочува Институтот. Иако Институтот ги троши последните сили и успева да произведе исклучителен кадар од своите редови, постепената институционална деградација години наназад стигна до крајот.
Проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот по хемија, неколкупати апелирала до институциите да им излезат во пресрет - дека веќе една деценија немаат соодветна поддршка од надлежните институции, дека најгорлив проблем во последните години е подмладокот - младите соработници-асистенти за практична настава и научноистражувачка работа.

Дел од лабораториите / Фото: Институт за хемија

Веќе осум години не е добиена согласност за вработување на асистент, а во меѓувреме се пензионирани повеќе од десет професори на Институтот за хемија. Статистиките велат дека од вкупно 58 вработени во 2000 година (44 наставници и соработници и 14 лаборанти), во 2010 биле 44 (34 наставници и соработници), денес на Институтот работат 24 вработени, од кои 20 наставници (15 редовни професори), 4 лаборанти и ниту еден асистент.

Вработените често одржуваат креативни хепенинзи за да го свртат вниманието кон хемијата
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема