Како да се облечете - формално или неформално? Дали да дојдете порано или точно навреме? Дали да бидете духовити или сериозни?
Ова се само некои од дилемите со кои повеќето од нас се соочуваат пред заминувањето на интервју за работа. Со желба да им се допаднеме на потенцијалните работодавци и да оставеме добар впечаток, се обидуваме да бидеме опуштени но и сериозни, духовити, но не смешни и самоуверени но не и арогантни. Бидејќи овие времиња не` тераат да се бориме за работни места, ова е вистински момент да ги анализираме прашањата кои најчесто се поставуваат на разговор за работа.
Доколку сте биле на разговор, тогаш сигурно сте морале да ги одговорите овие прашања. И додека ги одговараме овие прашања, најчесто мислиме на нешто сосема трето...
1. Зошто се одлучивте да се пријавите на нашиот оглас?
Вие мислите: „Се пријавив затоа што ми треба работа. Какво е ова глупаво прашање? Немам пари и ми треба работа. Објавивте оглас и сега ги прашувате луѓето зошто се пријавиле?“
Одговарате: „Се пријавив затоа што отсекогаш сум сакал/а да бидам дел од вашата компанија. Уште од мали нозе бев фан на вашиот бренд и работењето во оваа компанија претставува исполнување на сите соништа и очекувања во животот“.
2. Набројте ги вашите доблести и маани
Вие мислите: „Па моите маани се тоа што сум нетрпелив/а, мрзелив/а, работам само она што ми го кажуваат, доаѓам и си одам од работа точно во минутата, не сум амбициозен/на, пијам, пушам и не сакам да одговарам на секакви прашања. Доблести немам“.
Одговарате: „Што се однесува до мааните многу луѓе велат дека сумт тврдоглав, а од доблестите би ги истакнал упорноста, педантноста, проактивноста, грижливоста, дружељубивоста, духовитоста, комуникативноста“.
3. Колки плата очекувате?
Вие мислите: „Како платата да ми зависи од желбите. Сакам најмногу колку што можете да дадете. Сакам службен автомобил, мобилен, лап топ, прекувремени часови кои ќе се плаќаат дебело, топол оброк, превоз, слободни викенди, празници и работно време од 11 до 15 часот. И секако плата, 60.000 денари. Нето.
Одговарате: „Платата не ми е важна. Јас сум тука поради љубовта кон работата бидејќи материјалното не ми претставува задоволство. Сакам онолку колку што ми е потребно за да ги задоволам основните животни потреби“.
4. Дали сте тимски или соло играч?
Вие мислите: „Не сум ни едното ни другото. Сеедно ми е дали работам сам ил иво група, а на моето мислење тешко дека ќе реагира нешто“.
Вие одговарате: „Би рекол/ла дека сум еднакво способен да работам индивидуално и во група. Способен сум самостојно да ја извршам работата, но еднакво исто би ја извршил доколку би бил во група“.
5. Каде се гледате за пет години?
Вие мислите: „За пет години се гледам како и понатаму ги пребарувам огласите за работа, одам на разговори и одговарам на вакви глупави прашања“.
Одговарате: „Се надевам дека за пет години ќе напредувам и на личен и на професионален план. Ќе завршам магистерски, ќе научам кинески, турски и руски и слободното време ќе го посветам за хуманитарни цели“.
6. Дали вие имате некакво прашање за нас?
Вие мислите: „Имам. Колкава е платата? Какво е работното време? Колку луѓе се пријавија за конкурсот? Дали воопшто имам шанси да ја добијам работата?“
Одговарате: „Немам прашања. Ви благодарам што ме викнавте“.