Пандемијата не беше единствената „домаќинка“ што ме пречека како проблем, под „министерскиот тепих“ имаше тврдина од децениски поттурнати проблеми, вели министерката за култура Ирена Стефоска во интервјуто за Факултети.мк. Со неа разговаравме и за меѓународната афирмација на земјава, (не)заштитата на културното наследство, поддршката на државата за врвните имиња во областа на културата, но и новите имиња, елементарните услови во кои ни се одвива живата култура, светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион...
Должноста министер за култура ја презедовте во еден тежок период полн со предизвици со оглед на пандемијата на коронавирусот. Сметате ли дека во изминатиот период успеавте да помогнете во справување со кризата во културата и на кој начин?
- Кога пред четири месеци станав министерка за култура, се обврзав дека со сето мое знаење и одговорност ја прифаќам должноста и честа да водам еден исклучителен ресор. Бев свесна дека токму во овој ковид-период од културата ќе се очекува да ја одигра својата најдобра улога. За жал, пандемијата, која го „сопре“ светот, ги спушти завесите и ги изгасна светлата на светската културна сцена, не нè одмина ниту нас. Колку коронавирусот ни го измести животот на планетарно ниво, покажа сликата од празната сала на Виенскиот новогодишен концерт, а врвните музичари беа „наградени“ со снимени аплаузи.
На наше големо задоволство, културата кај нас се покажа витална и, според можностите, засега му пркоси на ова исцрпувачко ковид-време. Во согласност со мерките за заштитата се одржаа многубројни културни настани од театарската и музичката дејност, особено во летниот период.
Кога светот сопре, единствено што се „движеше“ беше интернетот. Новите медиуми токму сега ја покажаа својата добра страна, која и ние ја искористивме. Музејот на современа уметност и Археолошкиот музеј можете виртуелно да ги прошетате. Да не ги заборавиме и многубројните претстави, филмови, концерти на отворено, кои нашите уметници ги поставија на современите платформи и имаат завидна посетеност. Секако дека има уште многу можности кои верувам дека ќе се изродат од проектите од годишниот конкурс. Пандемијата не беше единствената „домаќинка“ што ме пречека како проблем во Министерството. Под „министерскиот тепих“ имаше тврдина од децениски поттурнати проблеми. Ги вадам еден по еден и ги барам најдобрите решенија. По природа сум оптимист и верувам дека и сега, како по секоја светска криза, човештвото ќе бележи голем напредок. Минуваме низ неизвесно ковид-искушение. Најнапред, да останеме живи и здрави и да не ги изгубиме трпението, солидарноста и емпатијата. Но, и да извлечеме поуки. Зашто кај некои луѓе маските „паднаа“ иако сè уште ги носиме.
Уште на почетокот на мандатот истакнавте дека како држава единственото по што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст е културата. Што планирате да направите на планот на меѓународната афирмација на земјава?
- Културата е нашата најмоќна „виза“. Како и за домашната, така и за меѓународната афирмација на нашето творештво, ќе мора да бидеме иновативни и максимално да ги искористиме новите медиуми. Секако, тоа ќе ни помогне за натамошниот пробив на нашата култура и уметност. Да не заборавиме и на нашите светски познати уметници, кои со своите концерти, филмови, изложби ја афирмираат македонската култура во најдоброто светло. Во согласност со моите ингеренции и можности на располагање, им ја ставам својата целосна поддршка. На сите наши уметници на располагање им се и културните центри во Софија, Истанбул и Тирана. Во оваа пригода сакам да посочам и на помошта од програмата Креативна Европа, преку која потенцијалните корисници, од невладиниот па до државниот сектор, можат да аплицираат за средства од оваа програма. Ова е уште една „врата“ за нашата култура кон земјите од ЕУ.
Доаѓате од областа на заштитата на културното наследство. Сметате ли дека недоволно одговорно се однесуваме кон ова наследство и каде најмногу потфрливме? Што ќе биде приоритет во оваа област?
- Јас сум историчар, но заштитата на културното наследство е еден од врвните приоритети во мојот мандат. Тоа е врвен приоритет и за оваа Влада, која го донесе најголемиот буџет за 2021 предвиден за оваа исклучителна цел – 102 милиони и 500 илјади денари. Велам најголем зашто треба да се има предвид оваа тешка и за светот неизвесна пандемија, како и податокот дека буџетот за 2020 има „влезено“ со 30 отсто во буџетот за културата за 2021 г. Отворивме и нова програма - „Културно наследство во опасност“ за која се издвоени 12 милиони денари. Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем што е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на скопскиот Аквадукт, како и на Лешочкиот манастир. Започната е санацијата на куќата на Лазар Личеноски, а следуваат санациите и на неколку спомен-куќи низ државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази-бег и Чарши џамија во Прилеп. Интензивно работиме на тоа да обезбедиме и стручна помош од врвни светски авторитети за заштита на културното наследство.
Впечатокот е како да не сме свесни што поседуваме. Имаме богато културно наследство што без зборови говори и сведочи за нас. Тоа е нашето стебло, таму се нашите корени. Знаете, наесен ги газиме лисјата што летото ни правеа сенка. Таква е природата, а таков е и животот. Но, најважно е да го сочуваме стеблото. Нашето стебло има раскошна крошна чии гранки мора да престанеме да ги кршиме. А за тоа, покрај домашното воспитание, неопходна е едукација уште од првите училишни години.
Сепак, покрај наследството, мора да се грижиме и за живата култура, впрочем и самите во едно свое обраќање го цитиравте историчарот Јохан Хојзинга: „Ако сакаме да ја сочуваме културата, мораме да продолжиме да ја создаваме.“ Колку е продуктивна современата жива култура во Македонија?
- Токму така, мораме да ја создаваме за да имаме што да оставиме. Но, и за живата култура ни е неопходна свест и совест. Одговорноста за нејзината продуктивност честопати не е кај уметниците. Мандатот го започнав со решавање на проблемот на неисплатени плати за 3.600 културни работници. Бараме начини да ги подобриме, неретко, и елементарните услови во кои ни се одвива живата култура. Имаме сцени кои поради (не)затоплување, не работат во зимскиот период. На сета ограниченост на средствата и на сиот напор, доаѓате и до поразителни податоци за недомаќинско работење. Иако сме мала земја, ние имаме врвни имиња од секоја област од културата и уметноста. Тие имиња државата мора ги поддржи, како и да обезбеди простор за креациите на новите имиња. И покрај многубројните настани во нови услови, не е благодарно да се анализира продуктивноста на живата култура во вакво „мртво“ ковид-време. Сега е време што треба да се преживее. Затоа, во неколку наврати Владата обезбеди пакет-мерки за помош на културните работници и на слободните уметници. Бараме решенија, заедно со Управата за јавни приходи, за даночни олеснувања и привилегии на сите што ќе партиципираат во културата. На пример, како што е за спортот, ваучери и за културата. ДДВ за културата да биде 5 отсто и да има даночни олеснувања, т.е. ослободување од данок за спонзорирање на културата. Мислам дека сме на добар пат ова да стане реалност.
Какви заклучоци се донесени за спроведување на планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион? И дали Македонија има во план да работи на впишување на листата на УНЕСКО и други материјални и духовни добра?
- По 10 години игнорирање, во јануари 2020 оваа Влада го донесе исклучително важниот План за управување со Охридскиот Регион во чие спроведување клучна улога имаат: Управата за животна средина, Управата за заштита на културното наследство и општините. Дел од институциите продолжија со својот површен став кон спроведување на задачите. Затоа, Владата во декември 2020 усвои заклучоци преку кои им се дадоа конкретни задачи на соодветните министерства, на локалните самоуправи и на надлежните институции. Сите заклучоци имаат своја тежина, но сакам да го нагласам заклучокот дека нема да може ништо да се гради во Охрид, Струга и Дебрца ако не се земени предвид заштитно-конзерваторските услови што ги издава Управата за заштита на културното наследство, а ги изработува Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид. И што е уште поважно, општините Охрид, Струга и Дебрца, при издавање на дозволите за изградба на објекти мора да ги соопштуваат условите согласно Планот за управување со Охридскиот Регион. Минатата година, во прелиминарната листа на УНЕСКО ја впишавме црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново, а во календарот на важни настани на УНЕСКО се најде и одбележувањето на педесетгодишнината од упокојувањето на исклучителната Параскеви Кирјази. Оваа година, во нашиот и во календарот на УНЕСКО е одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески.
Во отчетот за своите 100 дена како министерка најавивте нов концепт за Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата, по чие објавување на резултатите редовно има бура од реакции во јавноста. На што се однесуваат промените?
- Во неколку наврати реков дека како актуелна министерка за култура не смеам да дозволам да ни се повторат искуствата од некои поранешни годишни конкурси. Затоа ги допрецизиравме условите за овогодишниот конкурс, притоа имајќи ја предвид вонредната состојба предизвикана од светската пандемија и принципот на солидарност. Воведовме евалуациона матрица за попрецизно вреднување на бодирањето на проектите. Направивме вредност на бодирање за секоја дејност одделно, поточно согласно спецификите на дејностите. Измените што ги воведовме ги поздравија неколку институции и тела, кои со години наназад укажуваа на неопходноста од нивно донесување. Изборот на членовите на комисиите е заснован на принципот - професионалност, стручност, компетентност, почитување на мултиетничноста, како и непостоењето на судир на интереси. Ќе има проекти што ќе ја добијат поддршката, но ќе има и такви што нема да ја добијат или тоа ќе биде во помал обем од посакуваното. Но, најважно од сè е сите апликанти да знаат дека нивните проекти минале низ темелна постапка.
Од активностите што се во агендата на Министерството многу важно е и донесување на Законот за остварување на јавниот интерес во културата, Законот за културно наследство, како и измените и дополнувањата на Законот за авторското право. Кои промени може да се очекуваат со новите законски регулативи?
- Непосредно пред истекот на 2020, Законот за остварување на јавниот интерес во културата го помина првото читање во матичната собраниска комисија. И во таа пригода, но и сега, сакам да истакнам дека потребата за донесување на овој закон произлезе и од Националната стратегија за културата, која ја донесе Собранието во 2018 година, каде што е утврдено дека треба да се направат повеќе суштински и концепциски измени на нормативното регулирање на остварувањето на поширокиот интерес во културата во делот на финансирањето на јавниот интерес во културата, правата на вработените во културата, правата на самостојните уметници, децентрализација во културата. Изготвуваме нов Закон за културно наследство со кој ќе се допрецизираат обврските и надлежностите на сите чинители во системот. Накусо, поедноставување на бирократските процедури особено за да се забрза процесот на прогласување и физичка заштита на културното наследство, зајакнување на улогата на инспекциските служби и проширување на поимот „културно наследство“ и усогласување со меѓународните конвенции во дејноста. Во тек е изработката на измени и дополнувања на Законот за авторско право. Со предложените измени и дополнувања на Законот се уредува системот на колективното управување со АПСП во согласност со ЕУ Директивата за колективно управување, со што на носителите на правата им се овозможува слободен избор на организација преку која колективно ќе управуваат со своите права, категории на права или видови дела. Со тоа ќе се поттикне позитивна конкуренција и ќе се унапредат условите за работа на уметниците, засновано на објективни, транспарентни и недискриминаторски критериуми. За разлика од постојниот Закон, со измените се предлага тарифата да се донесува преку јавна расправа и во процес на преговарање. Со предложените измени Владата повеќе нема надлежност да дава согласност за тарифата на организацијата за колективно управување.
Фото: Министерство за култура