Репортерот на Радио Канада од Квебек Франсоа Бугинго тврдел деак бил непосреден очевидец на хаосот во Либија по падот на Моамер Гадафи. Бугинго избегал од припадниците на исламистичките воени групи во 2011 година, а година претходно преговарал за пуштање на новинар кој бил заробен од Ал-Каида. На 19 години известувал за првите воени напади во Сараево. Сето ова би било импресивно доколку беше вистина.
Голем дел од своите приказни новинарот ги измислувал за да добие популарност. Телевизиската мрежа „Journal de Montreal“, кои честопати го повикувале во своите емисии, сега објавуваат дека новинарот е суспендиран и интерната истрага е во тек. Имено, една колумна ги поттикнала новинарите да започнат истрага за вистинитоста на приказните.
Во колумната, Бугинго пишувал дека разговарал со Саиф ал-Ислам Гадафи, син на либискиот диктатор Моамер Гадафи. Новинарот тврдел дека разговарал со него во либиски затвор пред „неколку месеци“.
Новинарката која ја започнала истрагата известувала од Либија и безуспешно се обидувала да добие интервју од Саиф, па била изненадена кога прочитала како Бугинго споменува разговор со него. Потоа Бугинго изјавил дека интервјуто го направил во 2012 година, но бил демантиран откако вработените во затворот изјавиле дека синот на Гадафи таа година не давал изјави.
Меѓу другото, Бугинго пишувал и за преговарање за пуштање заробеник на Ал-Каида за „Репортери без граници“. Во текот на војната во Босна и Херцеговина во 1993 година, новинарот пишувал дека разговарал со српски снајперист, а за една телевизиска емисија изјавил дека средбата со снајперистот му го променила животот.