X
 09.06.2015 Култура

Рецензија на книга - "Другата страна на полноќ" од Сидни Шелдон

За љубителите на книга со добра сторија преплетена со мистерија и криинал до самиот крај, би ви ја препорачала „Другата страна на полноќ” од Сидни Шелдон, американски писател од минатиот век. Книгата е класика, напишана во 1973 година, но можам да кажам дека и после толку години и ден денес привлекува обожаватели.


Приказната започнува со две девојки, Ноел и Кетрин кој живеат во различни континенти, растат во поинакви средини, а со тоа градат различни карактери. Но имаат само едно нешто заедничко, а тоа е личноста во која ќе се заљубат. Ноел поседува нескојневна убавина, па со нејзината атрактивност не може да остане незабележана. Но нејзината убавина и носи само несреќа, па така преживува многу лоши случки во младоста после прекрасното детство и големата приварзаност со татка си кој ја продава како “парче месо”. Сето тоа прави од Ноел личност која е ладна и злобна. За разлика од неа Кетрин живее посмирен живот. Таа има своја кариера и партнер кој ја сака и почитува. Но, сепак таа ќе напушти сѐ за Лери, кој се појавува во нејзиниот живот сосема спонтано. Таа заминува со него во друга земја каде не знае ниту јазик, ниту пак има било каков познаник. Кога стигнуваат во Грција бракот им доживува криза, чиј виновник е преубавата Ноел. Таа му се одмаздува на Лери за минатото.

Дејствието на книгата се случува во повеќе градови, а писателот е толку талентиран што откако ќе ја прочитате книгата ќе имате чувство како да сте ги посетиле тие места. Преубавите описи на островите во Грција ќе ве натераат да посакате да ги посетите во истиот момент. Поделена во три дела, третиот дел е всушност судење за убиство. Кој е убиен? Кој убил? Која е историјата на Ноел и Лери? Каква ќе биде судбината на Кетрин? Дали нејзината добрина ќе ја спаси да биде среќна? Сигурна сум дека книгата ќе ја прочитате во еден здив за да ги дознаете сите овие работи. Книга со извонредни карактери за која би рекла дека повеќе се работи пред сѐ, за убиен дух кој тони и повлеква сѐ заедно со себе. Во секој случај, тоа е книга која вреди да ви го одврати вашето внимание и да се најде на вашите полици.

Мелита Поп-Антовска


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура