X
 16.09.2022 Живот

Во таен литературен клуб во Кабул, тинејџерки наоѓаат утеха во „Дневникот на Ана Франк“

По една година откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан, на девојчињата им е ограничено образованието. Забрането им е да посетуваат средно училиште и им беше кажано да се покријат и да останат дома. Но, во еден таен книжевен клуб во Кабул десетина тинејџерки им пркосат на талибанците и продолжуваат да учат, поврзувајќи се со девојче од друго време и друг дел од светот, кое исто така беше принудено да го живее својот живот во тајност.

- Имала надеж. Се борела. Учела, ѝ се спротивставила на судбината - вели Захра, која со уште две млади девојки во подрумот на една зграда на периферијата на Кабул основала читателски клуб.

Захра вели дека девојките го читаат и разговараат за „Дневникот на Ана Франк“, која почнала да го пишува на 13-годишна возраст. Тие биле изненадени што Ана била само дете кога морала да се скрие поради насилната и угнетувачка политика на нацистите.

Потеклото на тајниот читателски клуб


Речиси сите членови на клубот ги преживеаја бомбашките напади во последните неколку години. Некои беа ранети, други претрпеа психички последици. Некои ги загубија семејствата и пријателите. Сите тие припаѓаат на прогонуваното етничко малцинство наречено Хазари. Животот под власта на талибанците дополнително им ги зголеми нивните тешкотии.

- Доаѓаме овде, зборуваме за книги и потоа се разбираме себеси и нашите мисли - додава Арзу, која членува во клубот.

Некои од книгите за кои разговараат имаат цел да им покажат на девојките како другите малцинства го преживеале прогонството. Досега ги имаат обработено „Човековата потрага по смислата“ на Виктор Франкл и „Дневникот на Ана Франк“.

Дневникот на Ана Франк бил преведен на фарси од 61-годишниот авганистански бегалец Калил Ведад, кој живее во Холандија. Тој вели дека бил воодушевен од приказната за девојчето што се криело и дека многу Авганистанци би се поистоветиле со неа. Тој се надевал дека ако ја преведе книгата, авганистанските девојки ќе можат да се препознаат себеси во познатата приказна. Бил поддржан од издавачката куќа „Ана Франк“, која платила за објавување на 1.500 примероци.

- На почетокот може да изгледа изненадувачки што овие девојки толку силно се поврзуваат со Ана Франк, но за младите луѓе што доживуваат терор и угнетување и мораат да се кријат за својот живот, некако е утешително да се знае дека не се сами - вели Дојл Стевик, извршен директор на Центарот „Ана Франк“ на Универзитетот во Јужна Каролина.

Книгата беше објавена на фарси во 2005 година, а Ведад го посетил Авганистан и ја презентирал книгата пред новинари и активисти и одржал часови по читање со авганистански тинејџерки. Тој не знаел за овој таен клуб, но му е мило што знае дека младите Авганистанки наоѓаат значење во приказната за Ана Франк.

„Ана Франк ми е како другарка“

Арзу вели дека била трогната кога првпат го прочитала „Дневникот на Ана Франк“.

- Ана Франк ми е како другарка. Имаме нешто заедничко. И двете сме жртви на војната и не можеме да одиме на училиште. Се наоѓаме на темно место, каде што нема светлина и не знаеме што по ова - вели таа.

knigi
Фото: Freepik

Пред да дојдат талибанците на власт, Арзу имала одлични оценки и сакала да се запише на студии по компјутерски науки во странство. Но нејзиниот сон беше прекинат.

- Сепак, Ана Франк беше во потешка ситуација од нас. Не смееше да излегува и постојано размислувала за слобода, за на крај да умре. Јас сè уште имам луѓе со кои можам да ги споделам своите идеи. Можеме да се собереме и зборуваме за сè што сакаме. Затоа го сакам овој клуб - вели таа.

И покрај забраната за средношколско образование за девојчиња, некои тајно посетувале средно училиште за момчиња, кое им дозволувало да одат на часови. Но имало премногу девојчиња, па директорот од страв ги испратил дома. Денес наоѓаат утеха во „Дневникот на Ана Франк“, иако се свесни како завршува книгата.
Ана Франк умрела од тифус во 1945 година во концентрациониот логор Берген-Белсен, откако нејзиното семејство било предадено. Таа имала 16 години.

- Никој не знае колку долго ќе живеат или кога ќе умрат. Единственото нешто што можете да го направите е да оставите нешто зад себе што му дава на светот некакво значење - вели Захра.

Исто како што Ана Франк зад себе го оставила својот дневник, објавен во 1947 година.

- Во моментов талибанците се на власт. Еден ден ќе ги нема. Можеби луѓето ќе заборават што им направија на девојките како мене - ​​вели Захра.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот