X
 03.07.2015 Образование

И коњи се сместија во студентскиот дом Стив Наумов



Коњ слободно си се шета и пасе трева во дворот на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, небаре се наоѓа на селска ливада. Ова не е почеток на некоја студентска шега туку реалност која ја живеат студентите во еден од најголемите домови во земјава. Студентите од домот „Стив Наумов“ деновиве ни ја испратија фотографијата и ни објаснија дека коњот е врзан за дрво во паркот меѓу првата и втората „машка“ зграда. Велат, некогаш знае да се прошета и низ целиот комплекс. Со овој проблем тие се соочуваат подолго време и велат дека никој не прави ништо да го отстрани животното.

На студентите најмногу им пречи изметот кој зад себе го остава коњот и бараат надлежните да превземат нешто во врска со овој проблем. Објаснуваат дека животното е на семејствата кои неколку години живеат на диво во недоизградената спортска сала која се наоѓа веднаш до домот.

- Подолго време во комплесот на „Стив Наумов“ поточно во недоизградената спортска сала се сместени повеќе семејства од Ромската заедница. Од салата се шири смрдеа низ целиот студентски, а во поново време донесоа и добиток. Бараме помош од институциите веќе еднаш да го решат овој проблем- вели студент, кој ни ја испрати фотографијата.

Веќе извесно време студентите кои живеат во домот постираат фотографии на социјалните мрежи од децата кои живеат во салата каде се сместени на диво во нечовечки услови. Велат дека постојано се во дворот на студентскиот дом каде не би требало да бидат.

- На некои студенти им пречат и ги бркаат. На некои не им пречат, па дури им даваат и храна. Постојано се во дворот, небаре се студенти. Најмногу ни пречи смрдеата која се шири од салата, а во околината има купишта ѓубре. Се плашиме и од зарази. Во зима се случува да ја снема зимницата која ја чуваат студентите на прозорците. Во секој случај на овие луѓе местото не им е во салата. Државата треба да ги смести некаде, во некое прифатилиште-ни објаснува студентска која живее во „Стив Наумов“

Додава дека не бараат од надлежните да ги исфрлат овие луѓе на улица бидејќи има десетина деца во овие семејства.

-Проблемот нема да се реши само ако се иселат семејствата бидејќи ако салата остане да зјае недоизградена, пак ќе стане нечиј привремен дом -додава таа.

Инаку, салата во кругот на студентскиот дом „Стив Наумов“ започната е да се гради пред речиси една деценија, но никој од надлежните не кажува зошто е стопирана изградбата и дали воопшто ќе се доизгради. Студентите велат дека кога би била функционална тие најмногу би ја посетувале.

Факултети мк. се обиде да стапи во контакт и со Агенцијата за млади и спорт која ја почна изградбата на салата, како и со надлежните во општина Гази Баба на чија територија се наоѓа истата. Но, никој не ни одговори, што ќе се прави со објектот, како и со диво вселените семејства. Неофицијално, салата престанала да се гради поради нерасчистени имотно-правни односи, но никој од надлежните не ни ја потврди информацијата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование