Најдобрите домашни клубови од коњичкиот спорт денеска си ги одмерија силите на
4-то коло од Државното првенство во прескокнување пречки кое се одржа на
хиподромот во Радишани.
Голем број на посетители во прекрасната атмосфера во коњичкиот клуб „Дона“ ги
проследија трите трки во прескокнување пречки на висина до 1м, 1.10м и 1.20м, а
исто така се одржа и дебитантската трка на прескокнување пречки во висина до
80см.
Овој целодневен настан, кој се одржа под покровителство на компанијата
„Пелистерка“, покрај спортскиот дел содржеше и ревијален дел во форма на
изложба на шапки, дизајнирани од студио „ФА –БУ“ и креаторката Јагода Пачемска.
Ревијата имаше хуманитарен карактер, а собраните средства од продажбата на
дизајнерските шапки ќе бидат наменети за купување на коњ кој ќе се користи во
терапијата со терапевтско јавање, хипо терапија и стручна обука за хипотерпевти
за потребите на Здружението на граѓани за лица со дисфунцкии, хендикеп, ретки
болести и посебни потреби ‘‘Дајте ни крилја‘‘.
“Спортот секогаш бил во фокусот на нашата компанија. Ваквата ретка можност за
комбинирање на овој благороден спорт и хуманитарна акција решивме да ја
поддржиме без двоумење и да му помогнеме здружението Дајте ни крилја“, изјавија
од „Пелистерка“.
Покрај многуте гости од дипломатскиот кор и бизнис секторот, на настанот
присуствуваа и Нора Шабани, директор на канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија,
претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски, директорот на Агенцијата за млади и
спорт на Република Македонија, Марјан Спасески, Ребека Јанковска Ристески -
претседател на Здружението на граѓани за лица со дисфунцкии, хендикеп, ретки
болести и посебни потреби ,,Дајте ни крилја” и други.