X
 06.06.2021 Живот

Коњот Доктор Пејо им нуди утеха на пациентите болни од рак во Франција

Можеби сте слушнале за терапевтски кучиња и крави, но дали сте слушнале за терапевтски коњи?

Запознајте го Пејо, 15-годишниот пастув кој ги посетува пациентите од болницата „Калаис“ во Франција.


Пејо првично бил обучен да учествува на јавачки шоуа, но неговиот дресер Хасен Бучакур сфатил дека го чека поинаква работа. По шоуата, Пејо честопати избирал една личност од толпата луѓе и останувал блиску до неа. Бучакур подоцна сфатил дека тој инстинктивно ги избира луѓето што се болни - физички или психички. Дресерот одлучил да ја прифати способноста на Пејо да им помага на оние на кои им е потребен.


Денес Бучакур работи со терапевтската организација „Лес саботс ду куер“, која спроведува истражување за извонредните способности на Пејо.

Во 2016 година Бучакур и Пејо почнале да волонтираат во болницата „Калаис“ речиси секој ден, каде што ги посетувале пациентите во одделот за палијативна нега. Коњот, сега со прекар Доктор Пејо, му укажува на неговиот дресер на кој пациент му е потребно внимание, стоејќи пред вратата и кревајќи ја едната нога.

- Беше многу комплицирано тоа што повеќе не сум му господар. Морам да признаам дека кога Пејо детектира дека некој е болен, јас повеќе немам контрола. Кога тој ќе одлучи, не можам да го задржам, тоа е потреба, тој треба да оди и да седи до личноста што ја избрал - вели Бучакур.



Со оглед на тоа што болниците се стерилни средини, Бучакур поминува околу два часа подготвувајќи го Пејо за секоја посета. Тој темелно го чисти користејќи марамчиња за дезинфекција, па дури и го научил Пејо да му сигнализира кога му е потребна бањата.

За неизлечиво болните пациенти кои се при крајот на својот живот, Пејо им нуди последни моменти на радост и мир. Во некои случаи, неговото присуство може да ја намали болката на пациентот, толку многу што пациентот не бара силни лекови.


- Со Пејо се обидуваме повторно да го создадеме животот на крајот од животот и да создадеме енергија што ќе ги придружува семејствата. Јас сум со него, но го оставам да прави што сака, тој одлучува - вели Бучакур.

Во својата кариера како терапевтски коњ Пејо бил поддршка и утеха за повеќе од 1.000 луѓе за време на последните моменти од нивниот живот. Но, не само што им помага на болните, туку тој му е и вистински пријател на неговиот дресер.

- Пејо е мојата втора половина, тој е мојот животен партнер. Тој е сè за мене.


Извор: Mymodernmet.com 
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот