X
 08.07.2015 Образование

На младите научници им требаат подобри услови за работа

Професорот Златко Левков од Институтот по биологија на Природно-математичкиот факултет, има повеќе од 50 научни трудови објавени во меѓународни списанија со фактор на влијание. Успехот во неговата работа, беше причина годинава тој да добие признание и парична награда од 50.000 денари од ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за постигнати значајни резултати во науката. Во ова интервју за „Факултети.мк“ тој зборува за неговите откритија во областа во која истражува, како и за неговите размислувања во однос на науката во Македонија.

Фото: МКД.мк

Пред неколку дена, добивте признание од ректоратот на УКИМ, за посебен придонес во областа на науката. За што поточно се однесуваше наградата?

Наградата всушност претставува призание за постигнати врвни резултати во науката за изминатата 2014 година. Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ веќе третта година доделува призанија на 10 најуспешни научни работници на универзитетот, кои во изминатата година објавиле значаен број научни публикации во релевантни научни часописи.

Во вашата кариера, имате педесетина објавени трудови во списанија со фактор на влијание. Што е она што е ваш предмет на интерес? Што ново откривате во областа во која истражувате? Наведете некое од последните ваши откритија.

Предмет на моите истражувања се силикатните алги - дијатомеи и нивната примена во студиите на биодиверзитет, екологија, климатски промени и палеоекологија. Во голем дел истражувањата се спроведени на Охридското и Преспанското Езеро, како најзначајни водни екосистеми во Европа при што се откриени над 150 нови видови за науката. Покрај тоа, направени се и компаративни анализи со други геолошки стари езера како што се Бајкалското Езеро, Тангањика и Ховсгол. Во сите овие езера се откриени голем број на нови видови кои се соодветно опишани. Во текот на историјата, одредени дијатомејски родови не добиле соодветен научен третман, или пак се многу комплицирани од низа аспекти. Во неколку студии направени се детални анализи на три рода на светско ниво, при што се опфатени видови од сите континенти. Во рамки на овие студии беа откриени дополнитени над 200 нови видови. Македонија иако по површина е мала земја, сепак се карактеризира со голема разновидност на водни живеалишта како што се извори, реки, езера, тресетишта, блата, минерални извори. Анализите покажаа дека во нив се сретнуваат исклучително интересни видови кои се вредни за заштита.

Со особена разновидност се одликуваат високопланинските живеалишта на Шар Планина, Јабланица и Пелистер. Сепак, едни од најзначните податоци се добиени од палеоеколошките истражувања. Денес климатските промени се една од најзначајните теми на истражувања. За да може да се направат проценки што ќе не очекува во иднина и какви ќе бидат промените и одговорите на живите организми, мора да дознаееме што се случувало во минатото. Од тој аспект трите наши природни езера Охридското, Преспанското и Дојранското поради нивната старост и карактеристики се едни од најзначајните водни екосистеми во светски рамки за спроведување на вакви истражувања. Во изминатиот период се направени низа истражувања на трите езера и се утврдени главните фактори кои влијаат врз езерските екосистеми и живиот свет во нив. Исто така добиени се резултати за промените во составот на растителните заедници во околината на езерата што овозможува да определат и идните трендови/промени во вегетацијата како резултат на глобалното затоплување. Едно од најзначајните истражувања се спроведени на Охридското Езеро каде се добиени податоци за климатските промени кои се случувале во изминатите 1.5 милиони години. Ова истражување е единствено од ваков вид во светски рамки и ќе овозможи да се добијат детални податоци за минатите, но и предвидувања за идните климатски промени. Дополнително добиени се првични податоци за еволуцијата и настанувањето на видовите, нешто што е скоро невозможно да се добие со анализа на други езера во Европа.

Што е она што според вас и недостига на македонската наука? Дали сметате дека во нашата држава има перспектива за младите научници?

Македонската наука е на критично ниско ниво поради лошиот менаџмент со ресурсите. Ваквата состојба е долготрајна и не резултат само на сегашните состојби, туку проблемите се акумулирани во текот на децении. Проектите кои во минатото беа финансирани од страна на соодветните министерства беа скромни и овозможуваа да се работи само во мали групи, па поврзаноста помеѓу научниот кадар дури и во рамки на една институција не беше на задоволително ниво. На тој начин не се формираа поголеми истражувачки тимови кои би можеле да одговорат на покрупни и интердисциплинарни научни прашања. Во изминатите седум-осум години и таквата минимална поддршка комплетно отсуствува, па и тие мали групи кои функционираа во голем дел се замрени. Дополнителен проблем претставува недостатокот на подмладок на универзитетот. Голем дел од најдобрите студенти кои магистрираа и докторираа и беа комплетно обучени за научно-истражувачка работа си заминаа од земјавa. Воедно, отворањето на факултетите во секое поголемо село овозможи “разводнување“ на системот на високо образование и наука и хиперпродукција на повеќе или помалку неквалитетен кадар.

Посебен проблем претставува опремата на лабораториите. Во голем дел лабораториите се слабо опремени со стара апаратура и по неколку децении. Во последно време некои лаборатории се опремија преку министерствата, но истите поради недостаток на материјални и финансиски средства и комплицирани тендерски постапки се вон функција или работат со минимален капацитет. Во вакви услови, на младиот научник, без поддршка, без перспектива единствено му останува или да се откаже и претопи во масата или да се отсели. Со исклучок на ретки примери кои се` уште ги држи ентузијазмот, поголемиот број млади научни кадри или брзо ја губат волјата или ја напуштаат земјата. Единствено решение за ваквата состојба е да се воспостави финансирање на крупни, интердисциплинарни научно-истражувачки проекти и да се обезбедат работни места за млад кадар. По воспоставувањето на ваквиот систем реалните резултати и бенефит за државата ќе се појават дури после 10 години.

Подготвил: Факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование