X
 05.10.2022 Образование

Во Србија се менуваат учебниците по биологија за осмо одделение поради лекции за родов и полов идентитет

Работната група на Заводот за унапредување на образованието и воспитанието (ЗУОВ) во Србија утврди дека треба да се коригираат недостатоците во седум од вкупно осум одобрени учебници по биологија за осмо одделение.

Овие недостатоци се однесуваат на биолошката смисла на адолесценцијата, соопшти српското Министерство за образование.

Како што се наведува во соопштението, стручната комисија ги проверила наводите кои се слушале во јавноста, а кои се однесуваат на одредени толкувања во тие учебници.

- Министерството за образование, наука и технолошки развој, согласно процедурата, претходно побара мислење од Националниот совет за образование, кој потврди дека учебниците ја следат програмата, но дека мора да се има предвид дека осмоодделенците немаат потреба од предзнаења од областа на психологијата и социологијата и тоа знаење треба да го стекнат во текот на средното образование - пишува во соопштението.

Министерот и ЗУОВ дале мислење врз основа на толкување на научните факти, а било консултирано и Српското биолошко друштво, како и сите катедри на биолошките факултети.

Заводот ќе испрати објаснување до издавачите „Клет“, до Заводот за учебници, „Едука“, „Дата статус“, „Гериндиум“, „Вулкан издаваштво“ и „Нови логос“ кои се должни во одреден рок да го достават коригираниот ракопис на учебникот до институтот.

Во изминатиот период во јавноста се водеше полемика за тоа дали во учебниците за осмо одделение треба да се вметнат лекции за родов и полов идентитет, а одредени политичари оценија дека тие лекции претставуваат скандалозна пропаганда на хомосексуалноста и трансродноста, ги кршат Уставот и законите на Србија и користат лажни податоци.

„Црквата ја победи науката“


Билјана Стојковиќ, професорка на Биолошкиот факултет, во врска со најавата дека учебниците по биологија за осмо одделение мора да се менуваат, вели дека тоа е удар за образованието.

- Ова е победа на црквата и свештеничките и конзервативните структури во Србија. Вака биолозите гледаат на сето она што се случува сега. Ова не е победа ниту на струката ниту на образованието. Напротив, ова е удар за образованието - изјави таа за српски „Данас“.

Професорката Стојковиќ, член на комисијата што работеше на предлог-програмата по биологија за осмо одделение, оценува дека политиката уште еднаш ја надвладеа професијата и дека тоа е капитулација на државата пред црквата.

- Струката го кажа своето мислење за ова и рече дека напишаното во учебниците се заснова на научни сознанија и дека нема ништо неважно, но сега гледаме дека од знаењето и науката поважно е да се задоволи црквата и нејзиното политичко влијание во една секуларна држава кој сега тешко може да се нарече секуларна - вели Стојковиќ.

Извор: 021.rs | Danas.rs
Фото: Danas
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование