Потребата од брзи и евтини станови во Кина е голема. Многу компании се обидуваат да го решат тој проблем на што поефикасен начин, а таканаречените модуларни куќи се интересен и примамлив избор.
Кинезите се добро познати по брзината на изградбата, без разлика за што се работи, но сепак, три часа се рекордно време за изградба на куќа од два ката. Толку биле потребни за изградба на новите домови во земјата.
Трикот е во ѕидовите на куќите. Имено, тие се 3-д принтани. Модуларните куќи не се новост, но фирмата „ZhuoDa“ тврди дека создала револуција во изградбата со користење на 3-д принтер, а материјалот кој го користат е нивна тајна мешавина од индустриски и земјоделски отпад од кој тврдат дека може да се произведе апсолутно сè.
За подготовка на ваква куќа се доволни 10-на дена, а за изградба само 3 часа. Од фирмата велат дека куќата може да издржи земјотрес со силина од 9 степени и е отпорна на оган и вода.