X
 03.08.2018 Култура

Кинезите градат ново Дубаи, но не на сопствена територија

Главниот град на Шри Ланка, Коломбо, за неколку години ќе стане непрепознатлив затоа што покрај познатото градско шеталиште Гали Фејс Грин и нејзините железни топови поставени од Холанѓаните, ќе никне сосема нов град - Порт Сити.

Ова е резултат на иницијативата „Нов пат до свилата“ на кинеската влада и претседателот Кси Џинпинг со чија помош Кина преку инфраструктурни проекти го шири своето глобално внимание. И додека другите држави ќе се задоволат со нови патишта, аеродроми и мостови, во Шри Ланка одлучиле да изградат нов град. Порт Сити ќе чини 1.4 милијарди долари и како таков ќе претставува најголемата проектна инвестиција во историјата на Шри Ланка.

-Ова е сосема нов град што ќе ја удвои големината на Коломбо - вели Јанака Вијесундара, една од поранешните менаџерки на Управата за урбан развој на Шри Ланка.

-Тоа драстично ќе го промени ова парче земја - додава таа.

grad
Фото: Xinhua/Alamy Live News


Се очекува во Порто Сити да живеат околу 80.000 луѓе, но и дека овој град ќе го посетуваат 250.000 луѓе поради работа. Инвеститорите во градот, кинеската компанија во сопственост на државата „Чајна Комјуникејшнс Констракшн Компани“, го гледа овој град како мини-Сингапур што ќе биде моделиран по пример на град-држава на југот на Азија што ќе има свој даночен систем и правилници за бизнис.

Американската компанија за архитектура, урбано планирање и инженерство, „Скидмор, Оунингс & Мерил“, го дизајнирала градот по моделот на Дубаи. Компаниите за недвижнини велат дека во Порт Сити ќе има 1.5 милиони квадратни метри канцелариски простор, а приватните инвестиции во градот би можеле да се искачат до 13 милијарди долари.

-Ставивме акцент на бледите бои и високите згради со композитни пропорции - велат од компанијата.

Коломбо е клучно место за сите кои патуваат преку Индискиот Океан и повеќе од 2.000 години фигурира како место за трговија. Идејата да се зголеми бизнис областа на овој град била предложена во 2004 година, но 25-годишната граѓанска војна која започнала во 1983 година го одложила спроведувањето на проектот.

Кога војната завршила во 2009 година, Кина понудила да ја финансира реконструкцијата на Шри Ланка. Кина преку заем што му го дала на Шри Ланка имала значително влијание врз државата после војната, но претседателот Махинда Рајапакса ги изгубил изборите во 2014 година поради сомнежи за корупција и поради контроверзниот кинески заем. Проектот за Порт Сити бил одложен па кога на власт дошол премиерот Ранил Викрамасинге изјавил дека ваквата изградба би можела да му наштети на брегот на Коломбо.

-Проектот е штетен за туризмот и рибарството - објаснуваат од невладините организации.

-Коралите се уништени и тоа се заканува на еколошката рамнотежа на крајбрежните области. Бидејќи рибарската индустрија не ја сочинуваат само рибарите, егзистенцијата на луѓето кои го транспортираат уловот се исто така загрозени - додаваат тие.

2
Фото: Xinhua/Alamy Live News

Исто така, зголемувањето на бројот на жители може да доведе до зголемување на автомобилите со што ќе се загади воздухот и ќе ја надмине границата дозволена од СЗО.

Владата на Шри Ланка тврди дека договорот со кинеската компанија ќе даде дополнителен анекс за заштита на животната средина.

Проблем е тоа што не е сосема јасно кои ветувања Шри Ланка може да ги исполни. Имено, договорот што државата го потпиша со кинеската компанија воопшто не е објавен, но заемот што во 2016 година го зеде од Меѓународниот монетарен фонд би можел да ја ограничи Шри Ланка во однос на поволната даночна регулатива и може да понуди кинекси инвеститори. Правниот систем што ќе владее во Порт Сити исто така не е дефиниран, а не е јасно ни која ќе биде улогата на компанијата „Чајна Харбор“ и колкава моќ ќе има.

Не е јасно ни какви односи ќе имаат Порт Сити и Коломбо.

-Ние предлагаме зелениот простор да ги спои стариот и новиот град. Би било лошо овој нов проект да го уништи Коломбо. Порт Сити ќе биде одделен ентитет во кој ќе живеат само одредени луѓе - велат официјалните лица од Шри Ланка.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура