X
 04.08.2015 Образование

Потребно е да се зголеми фондот на часови по математика

Речиси половината од матурантите со најдобар резултат на државната матура се од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“. За овие постигања на учениците секако своја улога има и наставникот по математика Валентин Чачор со кој направивме интервју.



Наставник по математика е 21 година, и е еден од повеќето професори математичари од Охридската гимназија. Но, овие матуранти кои годинава постигнаа одлични матуранти се негови ученици. Како професор со повеќегодишно работно искуство смета дека оваа образовна институција спаѓа во редот на една од најреномираните во земјава. - Доказ за тоа се постигнатите резултати и високиот пласман како на државната матура така и на регионалните и државните натпревари, балкански и интернационални олимпијади по Математика -вели Чачор.

Факултети мк: Ве изненадија ли резултатите на вашите ученици на државната матура?
- Не, напротив резултатите кои ги постигнаа учениците на државната матура по Математика беа очекувани, затоа што учениците континуирано работеа според претходно дефинираниот концепт на матура, кој пак пред самиот крај на учебната година претрпи промени.

Факултети.мк: Со оглед на тоа што сите споменаа дека доста време поминале подготвувајќи се за полагањето, дали тоа е клучот за успех и добри резултати на матурата?
- Да, само со контуирана работа се постигнуваат добри и очекувани резултати.

Факултети.мк: Како се станува добар ученик по Математика, дали е потребно нешто повеќе од само учење?
- Добар ученик по Математика се станува со редовно следење на наставниот час, односно активно вклучување во него, редовно завршување на зададените обврски како и дополнително решавање на задачи. Во голема мера е улогата на наставникот во однос дали еден ученик ќе засака одреден предмет во училиште. Учеството на натпревари е битен фактор за развојот на оние ученици кои имаат за цел повисоки постигнувања, продлабочување, проширување и практична примена на изученото наставно градиво.

Факултети.мк: Математиката, за жал се уште е „Баба Рога“ за многу ученици, а доказ за тоа е и што мал број ја избираат при полагањето на матурата. Средношколците дури и протестираа поради најавите за задолжително полагање на математика на матурата. Како може да се подобри оваа состојба?
- За надминување на проблемот за задолжително полагање на Математиката како екстерен предмет на државната матура потребно е проширување на неделниот фонд на часови од 3 на 4 часа неделно, со цел на редовните часови да има повеќе време за вежбање и повторување на наставниот материјал.

Факултети.мк: Каков е вашиот став во однос на најавите за задолжително полагање на математика на државната матура?
- Со надминување на некои проблеми како: точно и прецизно дефиниран концепт на матура, усогласеност на проодноста на државната матура на високообразовните институции (без разлика на кој факултет би се запишал ученикот да има еднаква проодност) може да се воведе Математиката како екстерен задолжителен предмет на државната матура.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование