X
 31.08.2019 Наша тема

И оваа година нема абер од отворањето на математичко-информатичката гимназија

Во моментов се работи и на надминување на предизвикот за обезбедување соодветна локација, односно објект каде што ќе биде сместена гимназијата, велат од МОН

И оваа учебна година ќе почне без одамна ветуваната математичко-информатичка гимназија која покрај место за идните умови од оваа област, требаше да биде и центар за талентираните и надарените деца од сите градови во Македонија.
„Очекуваме учениците што ќе ја завршат гимназијата, по завршувањето на универзитетското образование (од прв, втор или трет степен, во земјата или во странство) да бидат креативна и иновативна сила која ќе ја унапредува државата“, пишуваше во извештајот за нацрт-законот за оправданоста за овој чекор.

Дека и оваа година нема реализација на овој проект, ни потврдија од Министерството за образование и наука.
- Математичката гимназија ќе почне со работа кога целосно ќе заврши постапката за нејзино основање и ќе бидат исполнети сите неопходни услови за непречен старт и успешна реализација на овој значаен образовен проект, преку кој ќе се даде поддршка на развојот на потенцијалот на талентираните ученици во соодветната област. Во моментов се работи и на надминување на предизвикот за обезбедување соодветна локација, односно објект каде што гимназијата ќе биде сместена. Очекувањата се дека во следниот конкурс за упис во средни училишта, кој се објавува секоја година во месец март, ќе бидат вметнати и квотите за упис во новото училиште. Секако, Министерството за образование и наука навремено ќе ги сподели со јавноста сите информации поврзани со оваа тема - ни изјавија од МОН.



Законот за математичко-информатичка гимназија, Собранието го донесе на 4 април 2018 година, а во „Службен весник“ излезе на 11 април.
Отворањето на гимназијата се најавува уште од 2017 година. Поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска изјави дека со работа ќе почне во учебната 2019/2020 година и дека во нејзини рамки ќе дејствува и Центар за талентирани ученици каде што ќе се изучуваат напредни програми по математика, физика и информатика.
Последен пат, потврда за отворање во оваа учебна година даде и поранешниот заменик-министер за образование и наука Петар Атанасов. Тој дури изјави дека се готови програмите, но дека се бара локацијата. Како можна локација се спомена и Природно-математичкиот факултет, но и комплексот технички факултети.
- Наша желба е да има сосема нов објект. Но, ќе почнеме од септември во постоен објект на ПМФ на Институтот за хемија. Или ако најдеме подобар простор кај техничките факултети, кај Машински, но ќе видиме - истакна заменик-министерот на панел-дискусија во март оваа година.


Фото: Pixabay

Инаку, според Законот, во оваа гимназија нема да може секој да биде наставник, а покрај стручни соработници (педагог и психолог), на учениците ќе им предаваат и истакнати стручни лица од соодветната област што ќе се изучува во гимназијата.
Освен стандардните услови согласно Законот за средно образование, истакнатите стручни лица што ќе предаваат во гимназијата треба да исполнуваат и најмалку еден од следните услови: да бил ментор на ученик кој бил награден на престижен меѓународен натпревар од соодветната област, да е запишан на докторски студии на соодветната област или да има стекнато научен степен доктор на науки на соодветната област.

Ќе се запишуваат редовни ученици што завршиле основно образование, се стекнале со општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение во основното образование и со оценка 5 (пет) од наставните предмети математика и физика од шесто до деветто одделение во основното образование. Сите ученици ќе полагаат приемен испит со кој ќе им се проверат знаењата за математика и за физика.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема