Голем интерес за запишување нови студенти на Факултетот за
електротехника и информациски технологии во првиот уписен рок во академската 2015/2016
година. Оваа година, за ФЕИТ се предвидени 600 слободни места за упис на нови студенти, од
кои 460 редовни студенти во државна квота и 140 редовни студенти со кофинансирање.
„Согласно бројот на пријавени кандидати, преку он-лине апликацијата, на два дена
пред уписите на нови студенти, интересот за запишување на ФЕИТ е исклучително голем.
Бројот на пријавени кандидати, до овој момент, е поголем во однос на минатите години. И
квалитетот на пријавени кандидати е висок, затоа што во над 80 проценти, тие имаат по повеќе
од 90 поени. Со ова, како високо-образовна институција успеваме да ги добиеме
најквалитетните кандидати од средношколските клупи и да го одржиме квалитетот на
образование. Согласно одобрената квота, ќе ги запишеме сите заинтересирани кандидати“,
рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р
Миле Станковски на денешната средба со медиумите.
Освен електронското пријавување, секој кандидат, во четврток и петок (13 и 14 август
2015, во рамки на првиот уписен рок,) треба и лично да ги донесе документите на ФЕИТ.
„Во Македонија, но и во светски рамки, тренд е да се зголемува бројот на студенти на
техничките науки. Ваквата тенденција, пред се, е предизвикана од зголемената можност за
вработување, како и од заложбата на Факултетот и на Владата на Република Македонија, да се
зголеми бројот на инженери. Дека сме квалитетна високо-образовна институција потврдува и
фактот што интерес за запишување на ФЕИТ постои и кај странски студенти, иако уписот за
странци е регулиран и се спроведува преку Универзитетот“, вели Станковски.
Деканот Станковски очекува ФЕИТ да ја потполни државната квота со високо-квалитетни кандидати.
„Кога ќе дојдат најдобрите средношколци на нашиот факултет, ние ја преземаме
одговорноста за нивната иднина и им обезбедуваме највисок степен на образование. Затоа, на
ФЕИТ се грижиме за квалитетот на образованието, дури и по цена да изгубиме одреден број
студенти. Сепак, таа бројка континуирано расте“, рече Станковски.
Според продеканот за настава, проф. д-р Христина Спасевска, вообичаено е освен
теоретската настава, студентите на ФЕИТ да имаат и практична настава во лабораториите на
Факултетот или во некоја компанија.
„Имаме договори за соработка со стотина компании во Македонија, каде нашите
студенти извршуваат пракса, но и се вработуваат како дипломирани инженери. Постои
можност, на нашата веб страна, компаниите да објавуваат и огласи за пракса и за кадарот што
го бараат. Нашите инженери секогаш наоѓаат работа. Некои менаџери на компании бараат
инженери од нас, а вработуваат и студенти од ФЕИТ“, вели Спасевска.
ФЕИТ има богата меѓународна соработка. Во изминативе петнаесет години,
информираше продеканот за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Александар Ристески,
се реализирале повеќе од 200 меѓународни проекти. Факултетот соработува со повеќе од 300
Универзитети, компании и институции во светот. Наша пракса е во научно-истражувачки
проекти да бидат вклучени студенти од повисоките години, особено студенти на магистерски студии
„ФЕИТ е организатор и на средба на декани од нашиот балкански регион за да се
зајакне нашата меѓународна соработка. Имаме и размена на студенти и професорски кадар со
многу образовани институции“, рече Ристески на средбата со медиумите.