X
 13.08.2015 Колумни

После Охрид

Различното  интерпретирање на крвавите настани од не толку далечното наше минато предизвикува потешкотија при утврдување на правата вистина, па затоа сметам дека суштинското концепирање на проблемот од етнички карактер како и негово ставање во временски и просторен контекст, е повеќе од потребно. Да признаеме значи. Во 2001та се случија серија вознемирувачки настани кои доколку подлабински ги анализираме ќе констатираме дека всушност се работи за етнички тероризам кој доведе до политичка дестабилизација на Западна Македонија и кој создаде реална можност од водење на долга и крвава граѓанска војна. Нам тогаш ни се случи малцинството добивајќи поддршка и помош однадвор (воглавном воена, финансиска и логистичка) да почне да манифестира моќ и самоволие приклештувајќи го мнозинството во ѕид. Како и да е, тргајќи ги настрана сите тие прикаски за косовскиот агресор, оаазата на мирот, би се усмерила кон пронаоѓање на вистинските причини кои неминовно доведоа до продлабочување на кризата и нејзина трансформација во воен конфликт.




Повеќе пати имам кажано и пак ќе повторам дека проблемот со меѓуетничката недоверба и тогашната евидентна омраза влечеше корени од неусогласените етнички интереси а ова пак укажува на отсуството на силна политичка волја во тоа време за решавање на тој судир на интереси.

Знаете, би рекла дека една од причините за изразување на насобраниот револт и незадоволство кај албанскиот народ беше неоптималното димензионирање на проблемот со социјалната исклученост, односно недоволната нивна интегрираност во општеството. Од денешен аспект, постоењето на потенцијална опасност од суспендирање или стеснување на етничките и културни права поради деградираноста и подредената положба на албанскиот народ како и неподносливиот живот поради нанесените неправди најмногу од широко поставениот досег на власта се можеби една од малкуте морални причини за оправдување на воениот конфликт или т.н. борба за човекови права како што некои милуваат да речат. Но истовремено не треба да се исклучи можноста од постоењето и на други политички/криминални цели.
Искрено, повеќе не постои сомнеж дека поинаквото третирање од страна на тогашната владејачка структура како и реториката на омаловажување во даден момент го натера албанскиот народ не процедурално, туку насилнички да побара фундаментално менување на уставното уредување на Македонија. Да, жално е што дозволивме Уставот да биде сменет со силата на оружјето без притоа да размислиме за последиците кои верижно ќе настапат или нема, но во тие моменти на комплексно чувство на страв и несигурност, Рамковниот договор изгледаше како најсоодветно решение за престанок на седуммесечните немири; договор со кој требаше да се постави рамка за меѓуетничка кохабитација и хармонизација на односите.

Денес, 14 години после Охрид, ќе се осмелам да кажам дека Рамковниот договор сам по себе е контрадикторен и содржи голем број противречности. Не, не зборувам за тоа дека е политички договор потпишан со посредство (читај: под притисок) на меѓународниот фактор. Ви зборувам за неговата содржина за мене помалку сфатлива. Лично сметам дека барањето за т.н. ’’правична и соодветна’’ застапеност  на албанскиот народ во државните органи како и партиципативен нивен учинок во сите сфери на општественото битисување во Македонија создава поволни услови за дискриминација сега веќе на мнозинството.

Бидејќи ми е сосема јасно дека меѓуетничкиот пробелем фрла поинаква светлина на нашата демократска модернизација, ќе речам дека илузорно е да се очекува таков длабоко коренит проблем да се реши само преку вештачко стимулирање на албанското учество во македонската државност.

Па нема никаква смисла доколку очекуваме проблемите од етнички карактер да бидат решени само преку тој Охридски рамковен договор, особено не ако знаеме дека се’ уште се спори неговиот легитимитет и валидност.

Многумина аналитичари тврдат, веројатно со право дека примената на Рамковниот е само техничка, недостасува суштината. Недостасува волјата на граѓаните да ја разбијат колективната свест инхерентна со националното битие, како и способноста да се развиваат како индивидуи, не како припадници на одреден етникум. Меѓудругото, анестезираната ситуација после 14 години зборува за ретроградните импликации од спроведувањето или неспроведувањето на Рамковниот и за потенцијалната можност од генерирање на некоја друга криза, конфликт или граѓанска војна.

Да не останам недоискажано. Не мислам дека тоа што се случи во 2001та беше САМО борба за човекови права , борба поради стеснување на културните и етнички права и загрозување на вредностите. Години после 2001та се’ си мислам дека фактичките интереси беа првенствено насочени кон менување на државните граници заради остварување на сонот за Голема Албанија.  Наобраниот гнев и револт кај албанскиот народ  лично засегнат од тогашната политичка ситуација се искористи во прилог на тоа. Затоа велам дека Рамковниот е насилно изнуден а со самото тоа и противуставен.

Автор: Викторија Тасева

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни