X
 28.01.2015 Живот

Спинот е се, вистината станува небитна

Типично за оние кои сакаат да ја зачуваат својата позиција на моќ е да создадат умртвувачка состојба за критичкиот ум и мисла. Медиумското влијание врз правилното расудување се пробива во секојдневниот живот и во вакви услови на контролирани медиуми, вистината има многу мали шанси да се натпреварува со медиумско-произведените заблуди.

 

Убедливото мнозинство бара да му бидат сервирани упростени информации затоа што тешко или воопшто не препознава ситни разлики или нијанси на вистината. Токму затоа, сите ние одвреме-навреме стануваме жртви на спинот – не поставуваме вистински прашања, не бараме вистински одговори за да потоа можеме да ја преземеме контролата врз умот и емоциите. Спинот тогаш е се’, вистината станува небитна.

Случајот Кежаровски ме поттикна подлабоко да размислувам не за круцијалните проблеми во македонското судство, туку за состојбите во медиумите и за т.н новинарска неетичност.
Доколку посветете поголемо внимание на зборовите што секојдневно се користат при презентирањето на информациите со кои наместо да се обелодени најчесто се замачкува вистината, ќе се согласите со мене дека новинарите треба да бидат попретпазливи при употребата на специфични изрази, особено кога имаат намера реалноста да ја отсликаат во една правна форма.

Несвесни за сопственото незнаење и површност, новинарите честопати мешаат теми од различен вид, не ги согледуваат прашањата кои ги покренуваат од секој аспект, нашироко генерализираат или користат само информации кои го поткрепуваат нивното гледиште.

Во држава како нашава во која се е исконтролирано од центарот на моќ, наивно е да се очекува и бара медиумска слобода поготово кога денес медиумите се само средства искористени за креирање на привидна благосостојба.

Особен недостаток кој ги прави нашите медиуми необјективни во известувањето и информирањето е токму финансиската нивна зависност од политичките партии, фондации, моќни бизнисмени и политичари. Оттука, неможноста да развијат механизми за справување со притисокот одозгоре ги прави новинарите ранливи и сугестибилни. Мислата и не е толку луда колку што изгледа ако се земе в предвид дека соопштените информации се најчесто издиктирани од некој кој нема за цел откривање на вистината туку има само материјална корист од пласирање невистини во медиумскиот етер.

Наместо да понудат алтернативен начин на размислување и да ја развиваат нашата социјална имагинација, поголемиот дел од медиумите ги замаглуваат нашите гледишта преку презентирање на упростен црно-бел свет. Почесто розов.

Но она што мене вистински ме загрижува е дополнителното отежнување на меѓуетничкиот проблем благодарение на етнонационалистичките и стереотипни размислувања на дел од новинарите и ТВ куќи. Овие новинари кои шират говор на омраза а поминуваат неказнето, по се’ изгледа се несвесни, не можат да ги согледаат своите предрасуди или пак, се залажуваат дека нивното расудување е основано меѓутоа, ваквото нивно ограничено размислување може да создаде несакана состојба поготово доколку оние што се палат на сензитивни прашања дојдат до избрзан заклучок.

Ние сме далеку од таквиот свет во кој критичката мисла слободно циркулира благодарение на објективното новинарство но сепак си градам привид верувајќи дека сеуште има простор и време за подобрување на состојбите во медиумите. Навистина не знам кога и како ваквите проблеми на долг и суштествен план може да се решат но доколку јавноста стане поприбирлива и почне да ги селектира добиените информациите на вистинити и невистинити тогаш можеби новинарството и ќе се помрдне од таа мртва точка токму поради стравот од губење доверба кај граѓаните.
И уште нешто. Оние новинари кои некни излегоа на протест, држеа транспаренти во рацете и извикуваа ’’Слобода за Кежаровски’’ е токму тие треба да бидат послободни во изразувањето, непристрасни при информирањето и што е најважно – да бидат што е можно покритички настроени бидејќи критиката било добра или лоша е неопходен и здрав елемент за создавање подобро општество.

Автор: Викторија Тасева

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот