X
 02.10.2015 Образование

Како до студии во Белгија?

Образовните установи во Белгија имаат долга традиција и заслужено се наоѓаат на европската карта на најдобри универзитети. Дипломите кои се доделуваат се признаени во научните и професионални кругови ширум светот.


Студиски програми

На студентите во Белгија на располагање им се краткотрајни и долготрајни програми. Курсевите се организирани во зависност од типот на студиските програми кои се нудат - тие може да бидат на универзитетите и надвор од нив, на факултетите и академиите. Школарините се мали и поголемиот дел е покриен од страна на владата.

Отворено, мултикултурно општество

Белгија е позната по отвореноста, широките погледи кон светот и се наоѓа во најглобализираните земји во светот. Во земјата има три јазични подрачја - француско, фламанско и германско. Соработката со странските образовни установи на студентите им нуди голема мобилност - 20% од студентите во Белгија се од странство.

Факултети и универзитети

Универзитет „Saint-Louis“, Брисел

Овој универзитет има три факултети и еден институт за европски студии. Се предаваат предмети претежно од областа на општествените науки. Заедно, тие нудат голем избор за основни и последипломски студии. На универзитетот моментално студираат околу 2.800 студенти од 60 земји низ светот.

Универзитет во Намур

Овој универзитет постои од 1831 година. Еднаквоста, квалитетот на предавањата, етничката посветеност и солидарноста се само некои од приоритетите на универзитетот. Студентите и истражувачите од овој универзитет стануваат одговорни и активни членови на општеството. При него функционираат 6 факултети со над 40 студиски програми.

Останати универзитети:

Католички универзитет од Лувен

Универзитет во Брисел

Универзитет во Мон

Универзитет во Лиеж

Колку чинат студиите?

За академската 2013/14 година, школарините во просек изнесувале 835 евра по година. Студентите надвор од ЕУ мора да плаќаат дополнителни трошоци кои за оваа година изнесувале од 1.923 до 3.845 евра. Точната сума им се соопштува на студентите откако ќе бидат примени на факултетот. Школарините за Академијата на уметноста во Брисел се малку поевтини: за долгорочни студии изнесуваат 350 евра по година и 455 евра по завршна година. За краткорочни студии изнесуваат 175 евра по година и 228 евра по завршна година.

Стипендии

Некои од програмите за стипендии за студирање во Белгија може да пронајдете ОВДЕ.

Како да се пријавите?

Секоја високообразовна установа во Белгија има сопствена процедура, па најдобро е да се контактира факултетот. Пријавата зависи и од нивото на студии. Во некои случаи е потребно да се положи приемен испит.

Француски јазик

Францускиот јазик е застапен на поголемиот дел од предавањата, па неопходно е да се приложи доказ за познавање на јазикот со останатите документи. Студентите кои зборуваат француски имаат предност во споредба со останатите студенти кои се пријавуваат за студии во Белгија.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование