X
 28.10.2015 Колумни

Држава без младина нема иднина!

Низ процесот на образование, потребно е сите млади луѓе да се едуцираат, но и да се насочат критички да размислуваат во врска со било кое прашање и во било која општествена или научна област. Само на тој начин се создаваат здраворазумни млади луѓе кои за неколку години ќе го преземат приматот на моќна сила во општеството. Генерации кои треба да бидат иднина на оваа држава. Но, доколку институциите на системот се однесуваат игнорантски кон нив се поставува прашањето дали воопшто овие генерации на млади луѓе би останале да живеат во Република Македонија? И ако пред неколку години (од едно спроведено истражување беше констатирано дека) дури 90% од младите луѓе се изјасниле дека својата иднина не ја гледаат во оваа држава, тогаш евидентно е дека имаме тотална ерозија на системот.  Сето ова е погубно за младите луѓе и за нашата држава, бидејќи држава без младина нема иднина!




Минатава недела средношколците од неколку средни училишта, незадоволни од состојбите во средното образование, решија своето незадоволство да го изразат преку мирен протест, притоа алудирајќи на потребата од вршење на суштински (а не технички) реформи во образованието. И сето ова е во ред, бидејќи на македонското образование му се неопходни суштински и длабоки реформи, а не само козметички измени на законите, кои години наназад нанесуваат голема штета врз младите луѓе, врз нивното образование, но и врз самиот образовен систем.

Екстерното тестирање донесе само големи стресови и нервози, како кај учениците, така и кај наставниците. Овој концепт создаде делумен механизам на контрола на работата на наставниците. Сепак, наставникот е тој што во текот на целата година, секојдневно, го следи развојот на ученикот, неговиот напредок, неговиот потенцијал и тој со својот потпис стои позади крајната оценка. Наметнувањето на предмети во државната матурата, пак, е крајно насилие врз слободата на учениците да одберат кои предмети сакаат да ги полагаат, согласно нивните планови за избор на факултет. Задолжителното полагање на предметот математика на матура не е никаква реформа во образованието! Воопшто нема потреба математика да полагаат ученици кои своето образование сакаат да го продолжат на општествените факултети.

Во некои средни училишта, учениците реагираа дека им биле одземани мобилните телефони и им биле заклучувани училишните врати со цел да не излезат на протест! Доколку ова е точно (а сметам дека е), битието на делото е спречување на остварувањето на слободата на говор и јавен настап. Ова, пак, претставува еклатантно кршење на уставни човекови права и за истото некој мора да понесе одговорност! Не можеме повеќе да си дозволуваме руинирање на правниот поредок во оваа држава!

Бидејќи сум правник, ме интересираат Уставот, законите, фактите и доказите а не пристрасни начини на толкување на истите. Токму затоа, ќе напоменам дека со член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Овој член, исто така, ја гарантира слободата на говорот и јавниот настап. Во член 110 од Уставот на Република Македонија таксативно се наведени надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија. Во точка 3 од истиот член, се наведува дека Уставниот суд „ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност“.

Почитувајќи го Уставот, единствено Народниот правобранител на Република Македонија соопшти дека: „Мирното изразување на протест е уставно гарантирано право, поради што упатува преку непосреден дијалог да се слушне размислувањето на учениците за  реформите во образованието, затоа што тие директно се засегнати од промените во воспитно-образованиот процес, што пак влијае на нивниот развој и изградба на нивната личност“. Само по пат на комуникација и разговор за проблемите, како што се наведува во соопштението на Народниот правобранител, може да се очекуваат конструктивни и издржани промени, со кои ќе се постигне квалитетно образование, а со посветувањето на потребното внимание за ставовите на младите ќе се потврди дека се почитуваат како субјекти и му се дава важност на нивното учество при носењето одлуки кои ги засегаат директно децата и младите.

Пишува: Илија Јованов, магистер на правни науки

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни