X
 04.04.2019 Технологија

Кој ќе биде следниот CodeFu мастер?

За најдобрите следуваат примамливи награди. Првата онлајн-рунда е закажана за недела, 7 април, од 12 до 14 часот

Студенти, апсолвенти и средношколци чија силна страна им е програмирањето може да учествуваат на 13. CodeFu натпревар во програмирање што го организира компанијата Netcetera. Настанот се одржува секоја година, а целта е да ги поддржи новите ИТ-таленти во Македонија. Натпреварот е отворен за студентите, апсолвентите и средношколците, кои треба да одговорат на програмерските предизвици што ќе им бидат поставени.



Сите што планираат да учествуваат задолжително треба да се регистрираат на www.codefu.mk. Натпреварот е поделен во 2 онлајн-рунди и финале. На квалификациските онлајн-рунди кандидатите треба да ги покажат своите вештини и да се изборат за влез во финалето. Првата онлајн-рунда е закажана за недела, 7 април, од 12 до 14 часот. Втората е на 12 мај, од 12 до 14 часот. Најдобрите 32 натпреварувачи од онлајн-рундите ќе учествуваат во финалето закажано за 2 јуни во „Сити хол“ во Скопје.

Учесниците ќе добијат 5 задачи што треба да ги решат. Проблемите се со различна тежина и носат 100, 200, 300, 400 или 500 поени. Програмските јазици што ќе се користат на натпреварите се Java, C#, C++ и Pyton.



- CodeFu е натпревар наменет за средношколци, студенти, апсолвенти и постдипломци. Студентите и постдипломците мора да имаат наполнето 18 години (пред 2 јуни 2019) и да бидат активни студенти на додипломски или постдипломски студии. Може да се студенти на универзитетите во Македонија или да се македонски државјани што студираат во странство. Средношколците треба да се македонски државјани или да се образоваат во некое од средните училишта во Македонија. Оваа година новитет е што во финалето има 4 резервирани места за најдобрите средношколци - објаснуваат од Netcetera.

Натпреварот има фонд на награди за новите ИТ-таленти. Победниците од онлајн-рундите ќе добијат ваучер од 200 евра за ИТ-опрема, а по случаен избор ваучер ќе добијат и двајца учесници од онлајн-рундите кои ќе направат минимален број поени. Главната награда за тројцата најдобри од финалето е патување на конференцијата Jazoon во Берн, Швајцарија, со комплетно покриени трошоци и ќе го посетат Музејот за технологија и наука Технорама во Винтертур, Швајцарија. Сите учесници во финалето ќе добијат CodeFu ранец за ИТ-опрема.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија