Во март 2013 година, одговорните во Мистерството за образование и наука изготвиja правилник за организирање училишни екскурзии во средните училишта во Македонија, кој треба да стави ред при организацијата и реализцијата на ученичките екскурзии. Во документот јасно стои дека стручен тим од училиштето треба да подготви кодекс за однесување на учениците за време на екскурзијата, кој содржи повеќе забрани. Во овој контекст, на учениците им се забранува да консумираат алкохол и дрога и насилно да се однесуваат.
Сепак, професори во училишта за средно образование за Факултети.мк коментираат дека во пракса не се почитува забраната за консумирање алкохол додека учениците се на повеќедневна екскурзија.
- Учениците кога се на екскурзија купуваат алкохол и покрај тоа што ние професорите го забрануваме тоа. Принудени сме да изигруваме полицајци па да им ги проверуваме ранците и собите. Верувајте, тешко е на пример осуммина професори да контролираат што прават 150 ученици кои се адолесценти. На еднодневните екскурзии немаме вакви проблеми - вели професорка од едно скопско средно стручно училиште.
Во правилникот инаку стои и дека ученикот и неговиот родител/старател треба да потпишат изјава дека при изведувањето на екскурзијата ќе ги почитуваат овие одредби. Ученикот му ја предава изјавата на класниот раководител. Ако се прекрши правилото за алкохол, односно ако не го почитува кодексот на однесување, наставничкиот совет ќе забрани да се учествува на следните училишни екскурзии. Освен тоа овие ученици се соочуваат и со тоа, да им биде изречена уште некоја педагошка мерка.
Според правилникот, построги се критериумите за избор на агенција која ги носи средношколците на екскурзија. Така, избраната агенција мора да има лиценца А за работа и треба да е докажана во својата работа. На патувањата задфолжително треба да има медицинско лице, а хотелот во кој спијат учениците, не треба да е со помалку од три ѕвездички.
Во последнта година од средното образование, учениците мора да посетат и оперска и балетска претстава. Во правилникот пишува дека во Скопје треба да се посети некоја од следните институции: Националната галерија на Македонија, Музејот на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј на Македонија, Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музејот на ВМРО и Музејот на жртвите од комунистичкиот режим, Музејот на холокаустот на Евреите во Македонија.
Автор:
Антонија-Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk