“Ако треба некој да се стави на пиедестал, ставете ги наставниците. Тие се хероите на денешното општество“. Оваа изјава на познатиот американски новелист Гај Кавасаки најдобро опишува колку е важна за општеството наставничката професија. Анкетиравме неколку наставници кои ни опишаа зошто се радуваат што секојдневно имаат шанса да влијаат врз учениците, но и што им претставува најголем стрес и оптоварување.
Наставничката Наташа С. вели дека најсреќна е кога ќе ги види насмевките на лицата на учениците кои го решиле зададениот проблем на часовите.
- Сереќна сум и кога ќе ги видам нивните лица кога изработуваат проекти ,кога работат тимски си помагаат. Најголем проблем ми е тоа што наставникот во денешно време е премногу оптоварен со администрација. За жал не ни останува премногу време да го изработиме сетоа тоа што сме го замислиле - вели таа.
- Најмногу се радувам кога ќе видам дека знаењето сум им го пренел. Успехот и задоволството е поголемо кога некои од учениците понесени од моите предавања го продолжуваат образованието по предметот што го предавам. Неубави нешта се притисоците од актуелни политички функционери, закани по работното место за зголемување на оценка на нивното дете или блиски роднини вели одделенски наставник.
Наставничка која предава во одделенска настава во основно училиште во Скопје вели дека жали што е наставник поради стресните ситуации на кои се изложени секојдневно, како на пример, посета од инспекции, закани дека ќе бидат казнети ( а никогаш наградени), Е- дневникот кој што за неа е како да води двојно книговодство.
- Тука е и екстерното тестирање и притисоците од родителите за бројките (оценките ) нивните деца да поминат со Одличен успех, а на заслужуваат да поминат ниту со успех Добар. Но, благородно е тоа што мислам дека мојот вложен труд еден ден ќе биде вреднуван од страна на учениците на коишто им предавам и ќе бидат благодарни за тоа - вели таа.
Она што е убаво и заради кое секој наставник и покрај се останува да бдее над своите ученици, е привилегијата да се вгради во нивните умови, да им помогне да созреат, да формираат сопствени хоризонти кон кои ќе врват како што треба и како што е исправно - вели Елизабета С, професорка во средно училиште . Таа додава дека важно и е кога ќе ја запаметат како некој од кого учеле и научиле.
- Нема професија која има поголема благородност како фундамент. Од друга страна, за жал, околностите во кои сме заглавени како носители на одговорност да им го овозможиме ова кое го наведов, не се лесни. Денес е мачно да се мириш со состојбите во кои како наставник не можеш многу, затоа што образованието е заталкано во лавиринтот на погрешните зафати и во моментов, излезот не се гледа. Уште помачно е да не се помириш со околностите, затоа што делбите, непрофесионализмот, стравот од последици и свесноста дека секоја реакција во услови на невидено насилие во различни форми, продуцираа механизам на повлекување и свесна професионална летаргија, која во еден здрав образовен систем не смее да се случува. Затоа денес е тешко да се биде наставник - вели таа.