Училиштето на Г-ѓа Атвел во руралното гратче Еџкомб, Мејн не е обично место за учење. Секако, и Ненси Атвел не е обична наставничка.
Во нејзиното училиште, сите училници имаат библиотеки, стандардизираните тестови се забранети, класовите се мали, се слави секој верен и културен празник, а учениците ги избираат темите за кои тие сакаат да пишуваат и книгите кои тие сакаат да ги читаат. Резултатите се неверојатни: нејзините ученици успеваат да прочитаат 40 книги годишно, далеку над националниот просек.
Претходно овој месец, Атвел беше прогласена за победник на конкурсот за најдобра наставничка во светот. Таа ја доби наградата за Глобален наставник, која се смета за Нобелова награда за предавање, на свечена церемонија во Дубаи.
Атвел ја посвети наградата вредна 1 милион долари на нејзиното непрофитно демонстративно училиште кое го основала пред 25 години, за кое вели дека е во потреба од структурна изградба, вклучувајќи и нов покрив, печки и многу повеќе книги.
„Сега имаме одличен фонд за купување на нови книги. Нешто од кое никогаш не ни е доволнО“, вели таа.
Нејзиното плодно искуство во предавањето трае веќе четири децении во повеќе училишни окрузи. Таа исто така е автор на девет книги за наставници, вклучувајќи ја книгата „Middle“ која е продадена во половина милион примероци. Како што вели таа, нејзината цел е училницата да биде место на „мудрост и среќа“, а не на стрес и фрустрација.
Меѓутоа, таа никогаш не замислувала дека ќе ја работи оваа професија. Се вработила додека размислувала што да прави после завршувањето на факултетот по англиски јазик. После дипломирањето, таа започнала да работи во настава и ова го сметала како „резервен план“.
„Се вљубив во наставата. Се чувствував како да сум дома. Ја обожавам литературата и навистина ги сакам адолесцентите. А да имаш однос со децата околу книгите и да разговараш со нив за книгите се чини како најдоброто нешто во светот“, вели таа.
Атвел започнала да предава во западен Њујорк во 1973 година, започнувајќи со училница полна со ученици од 7 и 8 одделение, нејзините омилени одделенија. „Кога ќе им ја покажеш книгата на учениците на оваа возраст, тогаш тие се зависни засекогаш. Ова е доста важна возраст во однос на нивното воспоставување на погледот кон светот и пронаоѓањето на начин како функционира светот на возрасните“.
Но за време на овие години, Атвел сфати дека учениците не ги привлекува баш книгата ниту пак домашните задачи што ги давала таа. Затоа таа започнала да истражува алтернативни методи на настава. Токму тогаш се запознала со работата на Доналд Грејвс, професор од Универзитетот во Њу Хемпшир, по рано детско образование кој се смета за пионер на наставниот метод наречен „Writing workshop“.
Ова откритие предизвикало револуција во училницата. Атвел веднаш забележала дека ангажирањето на ученикот е доста поголема кога тие сами избираа што ќе пишуваат и што ќе читаат. „Кога го „пуштив“ и последниот дел од целосната контрола врз сето она што се наоѓаше во училницата и ги оставив учениците да изберат, тие направија одлични и паметни избори“.
Додека се`уште работела во границите на државниот училишен систем, таа немала друг избор освен да биде иновативна без ничија дозвола. „Ја затворав вратата од училницата и разговарав со моите ученици. Открив дека децата знаат што е интересно и што е вредно, секако, доколку им дозволиме тоа да го кажат“.
После предавањето во Њујорк, Атвел се преселила во Мејн, кадешто во 1990 година го основала нејзиното училиште со цел да експериментира и да ги сподели новите идеи за наставата по пишување и читање. Во училиштето има максимум 80 ученици од градинка до осмо одделение.
Во училиштето, наставниците се однесуваат со нивните ученици како со нивни колеги писатели и читатели - во него го нема традиционалниот однос наставник-учител. Секој ден, учениците поминуваат доста време читајќи ги книгите кои ги избрале.
„Ја прославуваме кинеската Нова Година, Денот на мртвите, почетокот на постењето, крајот на Рамадан. Сакам да имаат знаење и страст за целото општество, а не само мал дел на културна традиција на кој се изложени“, вели Атвел.
Секоја година училиштето го посетуваат наставници, со цел да го набљудуваат методот „Работилница за пишување“, а Атвел се надева дека овие наставници ќе започнат да го применат методот во нивните училници и за време на нивните часови. Методот е докажан дека функционира во различни училници кај студенти од различни култури и социо-економски средини.
Поголемиот дел од нејзините студенти се одлични во средно училиште, а 97% се запишуваат на факултет или универзитет. Но, училишниот систем заедно со својата ригидна инфраструктура се фокусира на стандардизираните тестови, а Атвел вели дека ова влијае врз единството во училницата.
„Од наставниците се бара да бидат техничари, да прочитаат одредено сценарио, а сценариото не е валидно. Резултатите од тестовите за овој систем се повеќе од важни. За нив важна е анализата на податоците, метриката и одговорноста. Тоа е бизнис модел кој нема никаква поврзаност со наставата или учењето. Училишниот систем премногу се фокусира на резултатите од тестот, а не на научените лекции, прочитаните книги и достигнувањата. Учениците учат различно, сите имаат различна индивидуалност“, вели таа.
За освојувањето на наградата Атвел вели дека се шокирала. Таа исто така вели дека добивањето на наградата е потврда дека нетрадиционалните методи на настава за кои таа се залагала повеќе од четири децении, не само што се вреднувани и ценети, туку и нешто многу поважно - тие се успешни.
„Во моето училиште не се зборува за резултатите од тестот. Ние зборуваме за правење на значајни промени во животот на децата. Јас сум толку горда што сум дел од група на луѓе кои се професионалци во секоја смисла на зборот. Едноставно се чувствуваме горди што сме наставници избрани да ја претставуваме оваа професија“, завршува таа.