X
 06.01.2019 Живот

Неколку совети како да разговарате со децата за последиците од консумацијата на алкохол

Без оглед на законските прописи, децата често наоѓаат начини како да дојдат до алкохол. Во текот на пубертетот мозокот сѐ уште се развива, а алкохолот може негативно да влијае на помнењето, способноста за учење и концентрацијата.

Прочитајте ги овие пет совети како да разговарате со детето за алкохолот.

1. Прилагодете го тонот на комуникација

Првиот чекор за ефикасна комуникација е да разговарате, а не да држите предавање. Немојте да го повишувате тонот и да држите монолог, слушајте што има да ви каже детето и кои се неговите прашања. Така ќе го поттикнете да се отвори и навистина да го разбере она што имате да му го кажете. Немојте да го критикувате уште од почетокот.

2. Разговарајте во вистинско време

Како и секој друг разговор, така и овој треба да биде во вистинско време. Расправата за волку важна тема во момент кога вашето дете оди на роденден или додека гледа филм нема да има многу голем ефект, а може да доведе и до несакан судир.

3. Размислете како ќе го водите разговорот

Темата консумација на алкохол и последиците од тоа не е интересна. Но ако наведете некои примери од омилениот филм на детето или некоја приказна поврзана со фамилијата или пријателите, можно е да го заинтересирате детето да разговара. Прашајте го: „Што мислиш за тоа?“ и продолжете со разговорот откако ќе го сослушате.

4. Бидете искрени

Децата сигурно сакаат да сте искрени, па затоа не воздржувајте се да признаете дека како млади сте консумирале алкохол. Но, напоменете дека ако тогаш сте го знаеле она што го знаете денес, веројатно не би консумирале алкохол. Кажете дека додека сте биле млади не ве предупредиле за последиците. Ако детето почне да ве испрашува, не навлегувајте во детали и вратете се на целта на разговорот.

5. Поставете јасни правила

Децата сакаат да ги преминуваат границите и да ги тестираат правилата. Тоа е дел од растењето. Сепак, младите знаат дека мора да постојат правила и всушност се чувствуваат посигурни ако има насоки. Имајте јасни правила и кажете им кои се санкциите ако се прекршат тие правила. Немојте да попуштате.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот