Почитувани бизнис сопственици, директори, менаџери и сите вработени пред се млади,
Го излагам своето мислење како резултат на искуството, размислувањето и убедувањето на една тема која што се повеќе ги засега младите луѓе во Р. Македонија. Текстов го посветувам на сите, но првенствено на младите луѓе во оваа држава затоа што тие се иднината на ова општество.
Имам 35 години и две дипломи од високо образование стекнати надвор од Р. Македонија како и работно искуство претежно надвор од оваа држава. Нешто повеќе од три години живеам и работам во Р. Македонија. Живеејќи во ова оштество како млад, релативно среќен и социјално активен човек секојдневно се среќавам со млади интелигентни луѓе. Генерално секојдневие слично на глобалното, работа 8/9 саати, малку личен/семеен живот и евентуално некое хоби.
Како и да е „чудно”, но кај овие претежно млади интелигентни луѓе забележувам професионална креативност и амбиција скоро и непостоечка, енергија за работа минимална, а прашањето „како ти е на работа” кај повеќето предизвикува неубава емоција, нерасположеност, нервоза па кај некои дури и анксиозност.
Почитувани домашни и странски бизнис сопственици, сметајќи го горенаведеното како голем општествен проблем еве неколку совети произлезени од моето скромно искуство како работник во земјава и странство:
1. Почитувајте го работникот во секоја смисла на зборот;
2. Креирајте добра работна атмосфера;
3. Препознајте силни карактерни и професионални особини кај секој вработен поодделно и доделете му соодветна улога;
4. Не ги потиснувајте вработените, напротив искористете го максимално нивниот потенцијал и идеи;
5. Никогаш не го потценувајте мислењето на вработениот;
6. Не заборавајте дека тоа се предимно млади луѓе, желни за работа и успех, полни со енергија и интузијазам, мотивирајте ги;
7. Дозволете им да напредуваат, да се задоволни и среќни со тоа што го работат и каде што работат;
8. Бидете инспирација за нив, да успеат како Вас, па и повеќе од Вас;
9. Бидете во контакт со нив, покажете им дека Ви се важни и дека ги почитувате нив и тоа што го работат;
10. Наградата (плаќањето) намерно го оставив на последно место.
Сите сме свесни дека во Македонија најчесто месечната награда на човек со високо образование е помеѓу 300 и 500 Евра. Нема да коментирам дали се доволно или не. Зборувајќи со овие луѓе добив впечаток дека тие ја прифатиле таа финансиска реалност и се спокојни во однос на тоа прашање. Како и да е, тоа што најмногу ги повредува за жал е обратното од горе наведеното со кое што се соочуваат секојдневно по 8 до 10 часа.
Почитувани домашни и странски, приватни и државни бизнис сопственици доколку сте свесни, морални и имате итерес за Вашиот бизнис морате да најдете начин вработените да ги направите среќни и задоволни. Да бидат инспирирани, да се чувствуваат реализирани и да им дадате можност максимално да го искористат својот потенцијал. Тоа е единствениот начин за Вас и Вашиот бизнис да бидат успешни, и не на последно место со тоа ќе придонесете и за подобро општество и иднина.
Читајќи го овој текст веројатно ќе помислете : „Абе овој се вратил од странство и сега ќе ни раскажува приказни, ова е сепак Македонија“. Да бидам искрен можеби и јас би рекол така пред некое време. Но, обратното ме инспирира да го напишам текстов. Работам во компанија која што ги применува сите принципи кои што ги набројав погоре, која што инвестира во своите вработени во секоја смисла на зборот. Вработените се задоволни, а фирмате е успешна. Да, компанијата е странска, НО е во Македонија со целосно македонски менаџмент. Запомнете дека не можете да имате успешен бизнис без успешни вработени.
А вие млади, паметни луѓе, не заборавајте кои сте и што можете.Развивајте се, истражувајте, не бидете скромни кон своите способности, бидете среќни и трудете се да го реализирате својот максимален потенцијал.
Убав Ден,
Вработен