X
 23.01.2015 Образование

Отворено писмо од вработените од ООУ "Браќа Миладиновци" - Струга



Почитувани граѓани, родители, колеги наставници и медиуми

Револтирани од начинот на кој дел од медиумите се обидуваат да ја информираат јавноста за штрајкот, кој веќе неколку денови трае во повеќе од 80% од училиштата во републиката, решивме и ние да се обратиме до јавноста и да ги информираме граѓаните, но со вистинските причини за штрајкот и за нашите барања за кои сметаме дека се реални и издржани.

Медиумите, диригирани од власта се обидуваат делумно или целосно погрешно да ја претстават сликата за штрајкот на просветните работници и сакајќи, по секоја цена да го задушат штрајкот на СОНК не бираат начин и сретства со кој протестот на наставниците го прикажуваат како неоснован, неиздржан и штетен за воспитно образовниот процес. Постојано се зборува дека наставниците штрајкуваат само поради повисоки плати, а при тоа воопшто не се споменуваат другите наши барања, иако основната цел на штрајкот е подобрување на воспитно образовниот процес на Вашите и наши деца. Имено, основното барање се однесува на вреднувањето и казнувањето на наставниците според резултатите од екстерното тестирање, проект на МОН, чии директни последици ги трпат и наставниците и учениците. Со овој проект се деградира личноста на наставниците, со наградите и казните се создава раздор меѓу вработените, а децата се оценуваат на начин на кој од нив се бара само меморирање на факти и нивно репродуцирање.

Прашуваме како е можно ученик кој добива единица на екстерно тестирање да може да премине во друго одделение и како е можно и дали е реално наставник кој цела година се трудел да им го пренесе своето знаење на учениците да биде казнет со огромни казни од по неколку стотици евра?

Во општеството во кое живееме, личноста на наставникот е целосно деградирана, неговиот глас се обидуваат да го задушат, а и тогаш кога тој ќе се реши да ги побара своите права, се обидуваат да го игнорираат токму оние кои мислат дека 25% или 35% покачени дневници не се ништо, односно дека за нив се основани.

Почитувани колеги и родители, целта на секој наставник, независно од своето партиско определување е да создаде генерации кои ќе поседуваат квалитетни знаења, а не личности кои ќе имаат можност да избираат од она што им го сервирал некој (избор под а, б или в) без при тоа воопшто да размислуваат и без да се обидуваат да се изборат до крај за своето мислење и став. Почитувани колеги, доволно зборувавме за нашите незадоволства меѓу нас, во училишните ходници. Сега имаме можност јавно да ги искажеме нашите незадоволства и да се избориме за нив. Правото на штрајк е право загарантирано со закон и устав на РМ, а РМ е потписник на Конвенциите на меѓународната организација на трудот.

Затоа да не дозволиме никој да гази по нашето достоинство, да се издигнеме над партиските определби и личните интереси и достоинствено да застанеме во одбрана на нашата чест и враќањето на угледот на наставникот.

Вработени во ООУ “Браќа Миладиновци” Струга

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование