Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување стипендии за студенти кои во академската 2016/2017 година ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од 100-те најдобри универзитети во светот, според рангирањето на Центарот за универзитети од светска класа при Универзитетот Џио Тонг од Шангај.
Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека годинава конкурсот е порано објавен, и апелираше до студентите кои сакаат да се запишат на еден од 100-те најдобри универзитети во светот, навреме да аплицираат за стипендијата што ја обезбедува Владата на Република Македонија.
„Оваа година неколку месеци е порано Конкурсот за студентите да имаат време да се подготват, да размислат, да аплицираат. Со ова како Влада покажуваме исклучителна решителност за овој проект. Република Македонија е единствена земја од регионот што го реализира проектот. Ова за нас е крупна инвестиција со оглед дека студентите потоа имаат обврска да се вратат и таа своја капитална образовна инвестиција да ја дадат на располагање на Република Македонија“, рече Ристовски.
Сите потребни информации заинтересираните кандидати можат да ги најдат на интернет за страната stipendii.mon.gov.mk. Студентите треба да се државјанин на Република Македонија, да не се корисници на друга стипендија, да имаат постигнато одреден успех и да се примени на еден најдобрите 100 универзитети.
Стипендијата која се доделува за студии на еден од 100-те најдобри универзитети во светот според Шангајската листа, го покрива трошокот на уписнината најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и трошоците за превоз. Крајниот рок за аплицирање е 1 септември 2016 година.
Од минатата година Владата на Република Македонија дефинираше области кои се приоритетни за студии на 100-те најдобри универзитети, бидејќи се дефицитарни во нашата земја. Меѓу нив се технички науки, архитектура, градежништво, математика, меѓународно право, меѓународна економија и финансирање, физика, биологија, хемија и генетика.
Министерството за образование и наука петта година по ред го објавува Конкурсот за доделување стипендии за студенти кои ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од 100-те најдобри универзитети во светот, рангирани според Шангајската листа. Можноста со стипендија за студирање на најреномираните светски универзитети до сега ја искористиле околу 150 македонски граѓани.