X
 19.05.2019 Образование

Младиот виолинист Александар Иванов ќе добие шанса за „Џулијард“, кога МОН ќе ги исплати стипендиите што доцнат... Што истражувавме неделава

Објавивме и приказна за Никола Индовски - најдобриот ученик на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје во оваа учебна година

Проблемот со државните субвенции за младиот талентиран виолинист Александар Иванов, кој доби стипендија на престижната музичка школа „Џулијард“ во Њујорк и одлуката на Владата да направи измени во правилниците и да се објави конкурс за сите млади уметници, истражувањето на професори од Шумарскиот факултет од Скопје кое покажува дека само на еден автоматски семафор за пешаци во Скопје има непотребно запирање на 2 милиона возила годишно, зошто доцнат стипендиите и кога Министерството за образование и наука ќе ги исплати? Прочитајте што истражувавме изминатава недела.

Крстосница во Скопје

Професорот Кирил Сотировски од Шумарскиот факултет од Скопје и неговиот соработник Бошко Цветковски покажаа дека само на еден автоматски семафор за пешаци во Скопје има непотребно запирање на 2 милиона возила годишно. Скопје, еден од најзагадените градови во светот, нема семафорски системи со копчиња кои пешаците би ги притиснале за да се запали зелено светло.

Александар Иванов

На онлајн-платформата gofundme почна акција за собирање 35.000 американски долари за да може нашиот најдобар млад виолинист Александар Иванов да студира на „Џулијард“ во Њујорк. Тој е првиот виолинист од Македонија што доби стипендија на можеби најпрестижната музичка школа во светот. Денес, по години вложување во талентот, семејството на Александар веќе нема сили да го финансира последниот билет за да се исполни неговиот сон.
Како резултат на пишувањата на Факултети.мк и на повеќе медиуми во земјава, Владата одлучи на наредната седница да се направи измена и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2019 година. Со тоа, ќе им се овозможи и на нашите талентирани државјани што аплицираат и се примени на врвни музички школи во светот да студираат непречено со поддршка од Министерството за образование и наука.

Монети од колекцијата на НБРМ

Кому му припаднаа 1.700 стари монети откако Сосиете женерал ѝ ја продаде Охридска банка на Шпаркасе? Судбината на нумизматичката колекција пред 12 години ја разбранува јавноста откако Сосиете женерал заедно со мнозинскиот пакет во Охридска банка ја доби и колекцијата од 1.700 монети датирани од 6 век пред новата ера до 19 век. Француската групацијата Сосиете женерал пред два месеца продаде најголем дел од акциите на Шпаркасе банка, чиј сопственик е австриската Штаермеркише банк.

Кампусот кај Ректоратот на УКИМ

Студентите се револтирани затоа што МОН доцни повеќе од еден месец со исплата на нивните стипендии. Многу писма и јавни реакции стигнаа до нашата редакција. Нивните барања ги упативме до МОН, од каде што велат:
- Исплатата на стипендиите доцни поради ограничувањата што ги наложи организирањето на изборниот процес. Во текот на мај стипендиите ќе бидат целосно исплатени и студентите ќе ги добијат сите заостанати рати.

Ученикот Никола Индовски

Објавивме и приказна за Никола Индовски - најдобриот ученик на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје во оваа учебна година. Тој е прогласен за лидер на струка за 2018 година, по натпреварот во кој учествуваат ученици од средните стручни училишта од земјава. Никола е матурант и одлучи да се запише на Електротехничкиот факултет. Се двоуми помеѓу две струки - автоматика и роботика или компјутерски технологии.

Од настапот на Тамара Тодевска во Тел Авив

Тамара Тодевска со песната Proud синоќа настапи во финалето на Евровизија 2019, која се одржа во Тел Авив, Израел. Македонија успеа да влезе во финалето, по шест години. Последна што обезбеди финале беше Калиопи во 2012 година. Прочитајте кои пејачи досега ја претставувале Македонија на фестивалот и какви биле нивните пласмани.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование