X
 30.11.2015 Образование

Апликација ќе ги потсетува студентите на УГД кога имаат предавања

Студентите од Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) во најскоро време со помош на мобилен телефон ќе може да проверат каде и по кој предмет имаат предавање. Апликацијата на браќата Дарко и Ненад Ефремови од Факултетот за информатика при УГД која победи на првиот студентски Хакатон во Штип се подготвува, па студентите ќе можат брзо и лесно да се информираат за распоредот на својот факултет. Дарко и Ненад велат дека воопшто не очекувале да победат на натпреварот на кој имало конкуренција и од студенти од ФИНКИ, но драго им е бидејќи признанието доаѓа од страна на универзитетски професори кои се и успешни програмери.



- Искрено не очекував да победиме. Имаше студенти од Кавадарци, нивната идеја ми беше интересна, но ете, сепак ние победивме. Инаку, студентите покажаа дека се креативни, имаат свежи и добри идеи, и мислам дека многумина ќе бидат добри програмери -вели Дарко.
Браќата раскажуваат дека главната цел на апликацијата е да ги извести студентите за тоа кога имаат следно предавање.

- Апликацијата се состои од два дела. Корисникот има можност да го види распоредот, и во зависност од тоа за кои предмети сака да добива известување, може да се запише или отпише од предметот со само еден допир. На кој начин тие добиваат известувања? Ако предавањето започнува за 30-40 минути, а вие не сте во радиус од 3 километри од УГД, ќе добиете известување на вашиот мобилен телефон – велат тие.



Како одел процесот на изработка на апликацијата ни објасни Ненад.

- Па прво ги претставивме на хартија, сите функционалности кои сакаме да ги има апликацијата. Според тие информации дизајнот беше подготвен од Дарко, па на крај почнавме да ги имплементираме сите функционалности и да прикажуваме податоци – вели Ненад.
За создавање на добра апликација според нив, најважно е да се има креативна идеја, визија, добар тим и ресурси.

- Секој член од тимот треба добро да си ја знае работата која треба да ја заврши и да се одберат вистинските технологии и алатки. Бидејќи ако јадрото, почетокот на апликацијата е нестабилно, потоа што и да додавате нема да биде стабилно. Значи треба да се посвети повеќе внимание на почетниот продукт, она најмалото, на самиот почеток. Нашата апликација е во рана фаза на развој. Тоа значи дека ја имаме идејата, имаме прототип / демо, но ќе треба да се преработат некои делови, најмногу во делот кој се грижи информацијата да стигне од серверот до корисникот. Моментално вршиме истражувања за тоа кои технологии сакаме да ги користиме на таа страна. Има минимум 2-3 месеци работа – велат младите програмери.



Ненад вели дека за во иднина има многу планови и идеи кои сака да ги реализира на професионален план, но сепак приоритет сега му е оваа апликација и е фокусиран на тоа. Дарко, пак има голема желба да работи во успешна компанија во Македонија, но само ако е добро платен и ако има поволни услови за работа. Сепак вели дека приоритет му се странски компании. Тоа што се браќа и што многу добро се познаваат им е само предност кога заедно работат и програмираат.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование