Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е подготвен за уписите во академската 2017/2018 година, во која според Конкурсот има вкупно 5 212 слободни места за студирање, од кои 3 218 за редовно студирање во државна квота, 1 079 редовно студирање во квотата со кофинансирање и 915 места за вонредно студирање.
-
Конкурсот за упис на нови студенти во академската 2017/2018 година е објавен, и тој во многу не се разликува од минатата година, со тоа што сите програми се aкредитирани. Генерално гледано, УГД како и досега функционира со четирите наставни центри во Струмица, Скопје, Кавадарци и во Прилеп, и централата на Универзитетот во Штип. Исто така, функционираат и дисперзираните факултети во Виница, Пробиштип, Радовиш и во Гевгелија. Мислам дека оваа поставеност на Универзитетот која веќе се промовира десетина години и понатаму опстојува, се надевам дека во иднината што доаѓа некои трансформации во рамките на неговата структура ќе се случуваат, меѓутоа, како ќе доаѓа времето така ќе ги решаваме тие трансформации - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Според проректорот за настава, проф. д-р Кирил Барбареев, УГД влегува во една динамична фаза, која согласно со дејноста на Универзитетот можеби е клучната фаза, а тоа е уписот на студенти и се понатаму всушност зависи од студентите. Затоа во моментот Универзитетот работи на сите оперативни активности кои се потребни за организација. Сите комисии во овие 20-30 дена ги подготвуваат активностите за реализација на првиот, вториот и третиот уписен рок. Уписите почнуваат на 14, 15 и 16 август, тоа е првиот уписен рок, вториот уписен рок е 25 и 26 август, третиот на 4 и 5 септември.
проф. д-р Блажо Боев
- Уписите ќе се одвиваат на едно место, на дисперзираните студии и во наставните центри, исто така ќе има комисии кои ќе ги реализираат своите уписи. Во Конкурсот се објавени околу 5 200 слободни места, близу 3 000 се во редовната квота, останатите во квотата за кофинансирање и вонредни студенти. Она што во моментот е посебно важно е дека од страна на Министерството за образование се одобрени сите студиски програми и сите факултети кои беа побарани од страна на УГД, а новост е што се отвора програма за класична гитара, за која во минатиот период постоеше интерес од страна на завршените средношколци од средните музички училишта и на тоа Универзитетот одговори соодветно. Еден нов момент е тоа што подолги години во мирување беше студиската програма по педагогија на Факултетот за образовни науки, сега и таа е ставена во Конкурсот и тој факултет ќе очекува близу 130 нови студенти. Сите студиски програми се реакредитирани, што значи дека имаме иновација, усовршување на дел од активностите во студиските програми.
Она по што во десетте години постоење е препознатлив УГД, користењето и примената на современите технологии, останува приоритет и понатаму – електронско учење, електронски индекс...
проф. д-р Кирил Барбареев
- Универзитетот мора да биде отворена структура и мора да биде транспарентен и јавен во секој негов поглед. Алатките кои се наоѓаат во делот на информатичките технологии на УГД се приоритет и тие како такви и понатаму ќе бидат составен дел на програмите за студирање на УГД и во делот на сервисите кои постојат за студентите и мислам дека УГД е препознатлив баш по тие сервиси, како што се електронскиот индекс, електронското учење, оние платформи кои постојат на сите модерни универзитети во светот – вели ректорот Боев.
Предноста на електронското студирање ја потенцира и Барбареев, но и во контекст на претстојните уписи.
- УГД е можеби единствениот универзитет не само во Македонија, туку и пошироко на овие простори во кој од основање електронската платформа е еден од основните двигатели на целиот систем. Тоа значи дека веќе на страната на УГД е поставена целокупната електронска платформа на која сите студенти можат во моментот да се пријавуваат и електронски, а на денот на доставување на документите дали тие лично или некој друг треба да ги достави, со исклучок на тие студиски програми каде што има проверка на знаење и мора лично да се појават. Од тој аспект, функционалноста, брзината, достапноста до информациите се навистина од страна на УГД обезбедени за сите кандидати, објавени се сите потребни материјали, на многу едноставен начин може да се пополнат и достават до соодветната комисија, организирани се универзитетските книжари преку обезбедување на сите услови за студентите.
Уписи 2017/2018 г.
Од страна на Универзитетот се обезбедени и сите квоти кои согласно со закон се ослободени од партиципација – тоа се студенти кои се растени во домови за лица без родители, студенти деца на воени инвалиди, но исто така и студенти кои доаѓаат од семејства со еден родител. Тоа се елементи кои УГД ги реализира согласно со одлуките на МОН.
Сево ова покажува дека УГД е подготвен за уписите 2017/2018, со отвореност и достапност за сите заинтересирани кандидати.
- Нашата цел е сѐ што е до нас да се обидеме да го направиме пристојно, да личи на времето и на просторот во којшто живееме и од таа страна УГД ги презема сите неопходни чекори, постојано ќе биде ангажирано лице за контакт со заинтересираните кандидати. Така што од страна на УГД се преземени сите неопходни чекори за сите оние кои имаат интерес да се запишат на некој од факултетите на Универзитетот – смета проректорот за настава, проф. д-р Кирил Барбареев.
Студентите нема да погрешат ако го изберат УГД, смета ректорот проф. д-р Блажо Боев во својата порака до сите заинтересирани кандидати.
УГД е добро место за студирање, УГД е добар универзитет, второрангиран во Република Македонија, мислам дека и градот Штип е добро место за студирање, како и наставните центри во Струмица, Прилеп, Кавадарци и во Скопје. Јас би ги поканил студентите да дојдат да студираат на УГД, да го изберат како место каде што ќе ја градат својата иднина во делот на едукацијата и образованието. Ние ги чекаме оние студенти кои ќе нѐ одберат нас и мислам дека нема да згрешат со тоа што ќе студираат на УГД и ќе добијат вистински вредности во поглед на знаењето и она што им е потребно во иднина во животот. Многу од нив ќе отидат и надвор да студираат, меѓутоа добро е голем дел од тие добри студенти да останат и кај нас, бидејќи, реков, немам поделено мислење во тоа дека иднината на граѓаните може да ја градат оние најдобрите кои се наоѓаат на универзитетите и мислам дека е добро тие да останат и да студираат на нашите универзитети со цел да покажат едно ново видување, ново знаење и ново време за сите граѓани на РМ.